1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирус: Во Германија ќе се игра и фудбал

БГ/ ДПА
6 мај 2020

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска најави серија чекори за олабавување на ограничувањата поради пандемијата на коронавирусот. Таа предупреди дека е мината само првата фаза од кризата.

https://p.dw.com/p/3brmW
Deutschland Berlin Pressekonferenz Coronavirus | Angela Merkel
Фотографија: Reuters/M. Sohn

Напредокот на Германија во битката со Ковид-19 е позитивен и покрај претходното олеснување на мерките, изјави денеска Меркел. Иако бројките ги оценува како многу задоволувачки, Меркел предупредува дека е завршена само првата фаза и дека Германија има уште долг пат до победа против вирусот.

„Дојдовме до точка во која нашата цел за забавување на ширењето на вирусот е постигната и успеавме да го заштитиме нашиот здравствен систем. Оттука можно беше да се разговара и да одлучиме за натамошно олабавување на мерките“, рече Меркел.

Лица од две различни домаќинства во иднина ќе може да се среќаваат, а ќе се отворат и повеќе продавници. Притоа одржувањето социјална дистанца од 1,5 метри останува услов, како и носењето заштитни маски. Социјалното дистанцирање останува во сила до 5 јуни, а Меркел ги повика граѓаните да ги ограничат личните контакти на минимум.

„Празните столчиња“ наскоро повторно полни

Мерките за заштита во Германија беа воведени во март, а стапката на репродукција на вирусот започна значително да опаѓа последниве денови, и сега е веќе постојано под 1- што значи дека еден носител на вирусот не заразува повеќе од едно друго лице во просек.

На веста за олеснувањето на мерките најмногу и се израдуваа љубителите на фудбалот кои веќе од втората половина на мај ќе имаат можност повторно да уживаат во играта иако, само преку телевизиските екрани.

Првата и втората фудбалска Бундеслига ќе бидат првите европски првенства кои ќе го продолжат натпреварувањето, секако без публика, а најверојатно уште од 15 мај. Со тоа им се излегува во пресрет и на клубовите кои бараа натпреварувањата да завршат заклучно со 30 јуни. Точниот датум кога повторно ќе се затркала фудбалската топка ќе го одредат клубови на утрешниот состанок.