1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Германија пред целосна изолација

БГ/ ДПА
20 март 2020

Германија е на чекор до прогласување забрана за напуштање на домовите за да се спречи ширењето на коронавирусот. Покраината Баварија денеска најави такви мерки, а викендов се очекува тоа да го сторат и другите.

https://p.dw.com/p/3Zn8q
Coronavirus in Freiburg Ausgangssperre
Во Фрајбург (на фотографијата) веќе е воведена забрана за напуштање на домовите.Фотографија: picture- alliance/dpa/P.Seeger

Германските власти им даваат шанса уште викендов на своите граѓани да ги почитуваат препораките за останување дома и изолирање. Во спротивно, веќе од понеделник државата ќе ги претвори препораките во наредби, по што ќе се воведе забрана за напуштање на домовите во одреден период на денот.

Таква забрана денеска веќе најави покраината Баварија, додека неколку помали градови веќе со денови ја спроведуваат, но на ниво на државата, досега немаше ограничување на слободата на движењето.

„Ќе го набљудуваме однесувањето на населението викендов. Сабота ќе биде клучен ден“, изјави Хелге Браун, шеф на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.

Изминатава недела веќе беа донесени широки мерки за ограничување на јавниот живот поради пандемијата на коронавирусот, но досега немаше остри забрани како во Италија, Франција и Шпанија.

За в недела е закажан состанок на канцеларката Меркел со премиерите на сите покраини, на кој се очекува заострување на мерките.

Сите барови, клубови, несуштински продавници и слични јавни места веќе се затворени. Сепак, голем број, особено млади луѓе, и натаму се собираат во парковите, на улиците, или дури и организираат т. н. „корона-забави“.

„Доколку сите суштински не го променат своето однесување, нема да бидеме во можност да избегнеме поостри мерки и санкции“, изјави премиерот на Баден-Виртемберг, Винфрид Кречман.

Согласно германскиот сојузен систем, канцеларката Меркел не може да воведе забрана за напуштање на домовите или полицискиот час на целата територија. Тоа мора да го одлучат покраинските или локалните власти.

Во изминатите 24 часа бројот на заболени во земјата забележа драматичен пораст од речиси 3.000 случаи. Досега заразени се околу 15 илјади луѓе, а 31 починаа. Пандемијата во земјата сега влегува во експоненцијална фаза и епидемиолозите предупредуваат дека, доколку не се запре, бројот на заболени за три месеци ќе достигне 10 милиони.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема