Коронавирус: Најтешка рецесија во повоена Германија
29 април 2020Германската влада годинава поради коронавирусот ја очекува најлошата рецесија во повоеното време со пад на Брутодомашниот производ (БДП) од 6,3 отсто, изјави денеска министерот за економија Петер Алтмајер. Оваа проекција која се потпира на постапно и умерено укинување на рестриктивните мерки воведени да се ограиничи ширењето на пандемијата предвидува опоравување на економијата во 2021 година со економски раст од 5,2 насто.
„Ќе ја преживееме најлошата рецесија во историјата на Сојузна Република Германија. По 10 години раст, последиците од пандемијата ја фрлија нашата економија во рецесија и претставуваат голем економски и политички предизвик“, изјави Алтмајер. Тој најави дека најголем пад економијата ќе има во второто тромесечие, пред, како што се надева, да дојде до повторно придвижување на економската активност.
Да се избегне нов раст на инфекциите
Во второто тромесечие се очекува пад на БДП во Германија од 10 отсто што се нема случено во поновата историја, покажуваат заедничките проекции на водечките економски институти објавени на почетокот на април. Покрај тоа, пазарот на труд е под силен притисок, рече министерот и додаде дека најмалку 3 милиони луѓе во март и во април биле привремено невработени. Се очекува раст на стапката на невработеност од 5,8 насто, рече Алтмајер.
Повеќе:
-Расположението во германското стопанство - катастрофално
-Тапкање во корона-магла: Економските прогнози сега се безвредни
-Германија и Франција соочени со историска економска криза
Германија од минатата недела започна со постепено ублажување на рестриктивните мерки воведено поради ширење на коронавирусот, со отворање на продавниците со површина до 800 квадратни метри. Министерот предупреди дека не смее да се ризикува втор раст на инфекциите и оти мора да се избегне ново неконтролирано ширење на болеста.
Трка во издржливост
Тој го поддржува дополнителното ублажување на мерките ако податоците го дозволат тоа. „Тоа е трка во издржливост и не смееме да го загрозиме досегашниот успех“, истакна Алтмајер. Извозната индустрија, столбот на германската економија, особено е погодена со кризата, поради која значително е забавена трговската размена. Владата очекува намалување на извозот од 11,6 отсто во 2020 година, а потоа подобрување и раст од 7,6 насто во 2021 година. Увозотот пак ќе падне за 8,2 отсто годинава, а наредната година се очекува негов раст од 6,5 насто. Нивото на трговска размена од 2019 година нема да се достигне пред 2022 година.
Германскиот парламент веќе на крајот на март усвои пакет економска помош од речиси 1.100 милијарди евра за да ја поддржина економијата да ја преброди кризата.