Корона-криза: Жолт картон од ЕК за Виктор Орбан
1 септември 2020Европската комисија смета дека Унгарија врши јасна дискриминација врз национална основа, воведувајќи забрана за влез на патници од странство, но исклучувајќи ги граѓаните на Полска, Словачка и Чешка. Ова денеска во Брисел го соопшти портпарол на ЕК, повикувајќи се на писмо од надлежните еврокомесари Дидие Рејндерс и Илва Јохансон, упатено до унгарската влада. Во него, според портпаролот, ЕК бара итно повлекување на сите мерки кои ги кршат принципите на европското право.
Повеќе:
Како автократите си честитаат едни на други
Милијарди од ЕУ само ако се почитува правната држава?
Практичната траума на Виктор Орбан
Тајното преуредување на Унгарија во корона-кризата
Правилата кои во Унгарија се на сила од денеска, им забрануваат на Германците и другите граѓани на земји од ЕУ влез во земјата. Преминот на границата според оваа регулатива е можен само со посебна дозвола на одделни делници и засега е ограничен со рок до 1. октомври. Причина за воведувањето на мерките, како што наведува унгарската влада на премиерот Виктор Орбан, се растечките бројки на заболени од Ковид-19. Но, истовремено денеска регулативата за затворање на унгарските граници за патниците е дополнета со изземање на туристите од Полска, Словачка и Чешка, доколку покажат негативен тест за коронавирус.
Раководена од порастот на бројот на воведување национални еднострани ограничувања и гранични контроли во рамките на ЕУ, Европската комисија во идните денови ќе достави конкретен предлог за подобра координација. Тој треба да придонесе слободата на патување и движење во внатрешните граници на ЕУ да биде ограничена само во случај кога е тоа исклучително неопходно поради пандемијата.