1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Оружјето ѕвечка, Вучиќ и Курти глумат храброст

Ивица Петровиќ
29 септември 2021

Тензиите на северот на Косово им одговараат на властите во Белград и во Приштина, велат соговорниците на ДВ. Придвижувањето на до заби вооружена полиција или војска е дел од претставата, но една искра е доволна за хаос.

https://p.dw.com/p/411Np
Српски војници и оклопно возило во селото Рудница во близина на границата со Косово
Српски војници и оклопно возило во селото Рудница во близина на границата со КосовоФотографија: Irfan Licina/AFP

Тензиите на премините Јариње и Брњак траат веќе десетина дена, а толку трае очигледно и живата дипломатска активност во триаголникот Белград-Приштина-меѓународната зардница. Приштина се обидува кризата да ја претстави како техничко прашање за регистарските таблички, но испраќањето специјални единици на РОСУ на северот на Косово предизвика ново ѕвечкање на оружјето.

Белград испрати воени единци и постави оклопни возила и хеликоптери во близина на двата премина, а забележани се и летови на српските борбени авиони на тоа подрачје. Засилено е и присуството на КФОР на северот на Косово.

Загриженост поради ситуацијата на северот на Косово изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која во рамки на тековната балканска турнеја на 29 септември ќе пристигне во посета на Србија.

Движењата на трупите ги следи заострена реторика од официјален Белград, која во дел може да се толкува и како вообичаено празно фалење на претседателот Александар Вучиќ, кој прво му постави ултиматум на НАТО „ако почне прогром на Косово и Метохија ќе реагираме за 24 часа ако НАТО не се вмеша“, а потоа додаде и дека „остро му одговорил на еден амбасадор од многу моќна западна земја“.

Косовската специјална полициска единица РОСУ на границата со Србија
Косовската специјална полициска единица РОСУ на границата со СрбијаФотографија: Bojan Slavkovic/AP/picture alliance

Обид за зацврстување на суверенитетот

Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ зборува за „тројна одговорност“ за кризата. Тој забележува дека „и овде на дело е обид на зацврстување на косовскиот суверенитет низ приказна за табличките за регистрација“.

„Брисел сноси одговорност што не се стори повеќе да се обезбеди слобода на движење, бидејќи гледаме дека и најмалиот нерешен проблем поседува голем конфликтен потенцијал во рацете на лутите политичари во Белград и во Приштина. Но, се плашам оти од ова никој нема да извлече поуки, бидејќи лидерите на Косово и на Србија сето ова го користат за промоција на сопствената храброст и имиџ на спасители на сопствените народи, а сето тоа пред изборите кои ги очекуваат и Курти и Вучиќ“, нагласува Јакшиќ за ДВ.

Повеќе на темата: Србија и Косово: Кого го погодува „реципроцитетот“?

Како и во некои слични ситуации, јавноста во Србија и сега шпекулира дека станува збор за договорена игра од двете страни. Но, како што нагласува Александар Попов, директор на Центарот за регионалност, „тоа не ја намалува опасноста од сегашната ситуација“.

„Колку и да мислат Белград и Приштина, но и претставниците на меѓународната заедница, дека ги држат работите под контрола доволен е мал инцидент да се влезе во сериозни конфликти“, вели тој за ДВ.

Попов додава дека „со ваква криза секојпат се решава некое прашање кое меѓународната заедница го смета за горливо, и тоа најчесто на штета на Србија, и се доближува до заокружувањето на државноста на Косово. Така на крајот само останува да се стави параграф на некоја хартија која тие ќе ја подготват“.

Тензична атмосфера на граничниот премин Јариње
Тензична атмосфера на граничниот премин ЈарињеФотографија: Bojan Slavkovic/AP/picture alliance

Како да се прогласи победа?

Србија испрати Мигови и оклопни возила, вели Бошко Јакшиќ, но истовремено забележува „дека строго внимавала да не ги повреди одредбите од Кумановскиот договор“. Изјавите на претседателот на Србија, Јакшиќ ги гледа „како реторички чин на целата оваа претстава“.

„Целта на оваа криза на некој начин е остварена, и затоа не очекувам дека натаму ќе ескалира. Белград и Приштина ги испратија пораките кои ги сакаа, и сега е само техничкото прашање како двете страни ќе се обидат да зачуваат образот, и кој прв ќе се сврти и ќе се врати на своја страна“, додава Јакшиќ.

Актуелната криза не можеше да помине без руски фактор. Албанската страна, секако, ја искористи и оваа можност да предупреди на „малигното влијание на Русија во регионот“, но од друга страна дојдоа збунувачки сигнали и од Белград.

Како доказ за шизофреничната српска надворешна политика се зема изјавата на Драган Шормаз, член на Српската напредна партија и шеф на српската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, кој смета дека „Русија го дестабилизира целиот регион“. „Русија не може да направи ништо. Кина не може да направи ништо. ЕУ не може да направи ништо и тоа го покажува од ден на ден. Нашиот случај со нашата покраина Косово и Метохија не може да се реши во Советот за безбедност на ОН. „Единствениот кој може да ги стави во ред Приштина и Белград, му се допаѓа тоа некому или не, се САД“, рече Шормаз.

Тоа беше и коментар за претходниот потег на министерот за одбрана Небојша Стефановиќ, кој заедно со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко, отидоа во обиколка на силите на српската армија, кои се во состојба на зголемена борбена готовност во воената база „Рудница “.

„Парадирањето на министерот за одбрана на Србија со рускиот амбасадор ми изгледа како ситуација кога имаш проблем со некого, па го носиш својот постар брат за да покаже дека има кој да те брани“, смета Александар Попов.

„Мислам дека тоа имаше малку карикатуриран карактер и оти ѝ направи повеќе штета на позицијата на Србија отколку што помогна“, додава тој.

Слично размислува и Бошко Јакшиќ: „Мислам дека овој потег е неурамнотежен, дипломатски нетактичен, кратковид и оти само ѝ овозможи на Русија да се постави како голем заштитник на интересите на Србија на Косово“. Но, тоа е забележано во западните престолнини и ќе дојде на наплата во првата пригода “.