1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Жртвите на сексуално насилство го прекинаа молкот

Аида Цама
8 декември 2018

Стотици жени кои биле силувани за време на косовската војна, за првпат проговоруваат за нивните страдања. Нова студија овие злосторства ги означува како инструмент на „ерничко чистење“

https://p.dw.com/p/39Wcx
Kunstinstallation Thinking of You zum Gedenken an Opfer sexueller Gewalt im Kosovo-Krieg
Фотографија: AFP/Getty Images

Додека била силувана од страна на српски полицаец и на цивил, Васфије Красниќи побарала од полицаецот да ја убие. Таа имала само 16 години кога мажите ја однеле од нејзинот семеен дом во северно Косово на 14 април 1998 година. Тогаш, таа сметала дека смртта е единствена можност да избега од нејзиното болно искуство. „ Но, тој одговори: 'Не, ќе страдаш повеќе ако останеш жива'“, изјави Васифије Красниќи во интервју за косовската јавна телевизија РТК. Таа се сеќава дека се обратила до Привремената административна мисија на Обединетите Нации во Косово (УНМИК) по крајот на војната за да покрене обвинение против мажите кои ја силувале. Но, дури и по три судски процеси, ниту еден од нив не бил казнет. Еден од нив сѐ уште живее на Косово, каде што работи како полицаец.

Денес, Васифије Красниќи живее во Тексас и е мајка на две деца. Во октомври, таа се врати на Косово за да ја раскаже својата приказна во телевизиско интервју од 25 минути. Нејзиниот редок акт на храброст длабоко ја потресе целата земја.

Се проценува дека илјадници луѓе биле жртви на сексуално насилство за време на косовскиот конфликт (1998/1999). Иако не зборувле во медиумите, како што тоа направи Васифије Красниќи, 278 жени и двајца мажи кои биле жртви разговарале со членовите на Медика Ѓакова за тоа што се случило. Оваа невладина организација на Косово ги регистрира и поддржува преживеаните од сексуалното насилство за време на војната.

Врз основа на овие информации, политичката аналитичарка Ана Ди Лелио, професорка на Универзитетот во Њујорк која со години работела на Косово, спроведе истражување за сексуалното насилство за време на косовскиот конфликт. Таа заедно со Гарентина Краја, независна истражувачка од Косово, и Мирлинда Сада, извршна директорка на Медика Ѓакова, на виделина изнесоа нови докази. Резултатите од ова истражување беа објавени зимава во списанието Приштина Инсајт. „Ние прецизно можеда покажеме дека жртвите биле силувани на одредени датуми и на одредени места , каде што се случувале масовни убиства“, изјави Ана Ди Лелио за ДВ. „Значи имаме слики, како фотограф, која вклучува убиства на десетици, понекогаш стотици мажи, и еднаков број силувања, како и палење на куќи и масовни протерувања. Ова е слика на етничко чистење, кога уништуваш куќа, ги протеруваш луѓето, ги убиваш мажите, ги силуваш жените, а исто така силуваш и некои мажи“. Во нивниот текст објавен во Приштина инсајт, Ана Ди Лелио, исто така, посочува дека „на злосторството воено сексуално насилство  за првпат му е дадена етикетата 'средство за водење војна' за време на конфликтот во Босна и Херцеговина“.

Protestmarsch Be My Voice zum Gedenken an Opfer sexueller Gewalt im Kosovo-Krieg
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Nimani

„Воено и злосторство против човештвото“

На сличен начин, жртвите на сексуалното насилство на Косово за времето на војната „се сексуално нападѓани и навредувани поради нивното етничко потекло. Она што српската полиција, армијата и паравоените сили им го направија на Албанците за време на војната е етничкото чистење и силувањето е алатка на нивната стратегија“, додава Ана ди Лелио. „Силувањата извршени од страна на српските безбедносни сили на Косово се воено злосторство и злосторство против човештвото.“

Приказните на 280 жртви имаат многу заеднички работи. Тие, исто така, биле мачени, сечени и тепани, со изгореници од цигари на нивните тела и секогаш имало повеќе сторители. Додека поминувале низ овој кошмар, честопати биле навредувани со зборовите: „Вие сте албански жени, па можете да го издржите ова, навикнете се на него“, или „Ќе ви покажеме што се српски мажи“. Речиси сите овие 280 жртви се етнички Албанки и Албанци, освен 11 жени кои имаат ромско потекло. Сите, освен една, биле силувани од мажи од српските безбедносни сили - само една Ромка изјавила дека сторителот бил Албанец.

За  жртвите војната не е завршена

За време на војната, кривичното дело на сексуално насилство врз жените беше дел од нарацијата, но во повоеното Косово остана тивко за ова прашање. Починатата Севдије Ахмети, која беше водечки активистка за време на војната, отиде во УНМИК на почетокот на неговата администрација со 37 случаи под рака, надевајќи се дека ќе им донесе правда на жртвите. Но, ништо не се случи на институционално ниво. Помош за жртвите главно беше обезбедена од женски организации, кои продолжија да работат на идентификување и на рехабилитација на жртвите.
 

Пет жртви на сексуално отидоа во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг како сведоци против обвинетите српски безбедносни функционери. Имаше само една пресуда за сексуален напад, во случајот на генералот Небојша Павковиќ: „Тој требаше да знае дека се случуваат силувања", заклучува пресудата, бидејќи војската во Србија објави дека тоа се случува ", но тој не направи нешто за да го спречи тоа. " Во трите други слични случаи на сексуално насилство, обвинетите првично не беа осудени, но судиите по жалбите ги поништија претходните пресуди .

Меѓу 2002 и 2014 година, Трибуналот го промени своето гледиште: кога судиите го земаа предвид контекстот на сексуалното насилство во косовската војна - масовни протерувања, убиства и уништување - тие го нарекоа „злосторство против човештвото". Како резултат на тоа, тие ги осудија командантите кои го дозволиле тоа.

За жртвите на сексуално насилство, војната никогаш не заврши. „И никогаш нема да заврши, ќе трае сѐ додека живеат", заклучила Ана ди Лелио. „Но, ние може да им помогнеме со тоа што ќе го препознаеме она низ што минуваат и ќе ги поддржуваме. Мислам дека тоа е она што им треба. Правда би била убава парвота, но навистина е многу тешко да се замисли како може да се случи за сите нив. Една работа ќе биде неверојатна: ако Србија признае и прифати што Србите му направиле на Косово ".