1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ги плаши граѓаните со федерализација на Македонија?

Катерина Блажевска19 ноември 2015

Анализата на спроведувањето на рамковниот договор, ги оживеа стравовите од „федерализација“. Аналитичари предупредуваат: Не подлегнувајте на политички трикови!

https://p.dw.com/p/1H8iG
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Во декември барање за нов рамковен договор и федерализација“...„Антидржавното однесување на СДСМ донесе конференција за федерализација“... „Со идејата за федерализација, СДСМ ја сквернави македонската национална историја“... Ова се дел од насловите во провладини медиуми, кои се повикуваат на содржината од документот потпишан од вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор, Муса Џафери и Питер Фејт од Европскиот институт за мир, кој беше посредник и во конфликотот од 2001 година. Тензиите се кренати, ретко кој ги знае деталите, а единственото нешто што брзо фаќа корен во јавноста и создава неизвесност - е зборот „федерализација“. Но, она што голем дел медиумите не и го соопштуваат на јавноста, е фактот дека анализата на неговата досегашна имплемнтација се прави токму по барање на Владата, како што тврдат од ДУИ.

„Се работи за квалитетна анализа на имплементацијата на рамковниот договор побарана од Владата на Република Македонија и Европската Комисија, а спроведена од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор“, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„Преку шест работни групи се анализира спроведувањето на договорот на неколку теми: децентрализација, употреба ја јазикот, образование, правична застапеност и други. Заклучоците ќе се дискутираат на меѓународна конференција во декември и ќе станат обврска за Владата и предмет на следење од страна на ЕУ“, објаснува Османи.

Анализа и препораки

Документот веќе е подготвен и содржи анализи и бројни препораки, од кои медиумите како најпроблематична ја посочуваат препораката „да се пропише гарантирана комуникација на мајчиниот јазик за припадниците на албанската заедница со централните министерства независно од местото на живеење и неподложно на критериумот од 20% од населението на локално ниво“. Од ефектуирањето на оваа препорака зависи дали албанскиот јазик ќе стане официјален на целата територија на земјата. И за 'помалите заедници' има препорака за измени во Законот за јазиците, со кои комуникацијата со подрачните единици министерства ќе се врзе со службеноста на јазикот во единицата на локалната самоуправа, отфрлајќи го критериумот '20% од населението на локално ниво'. За да можат сите институции да одговорат на комуникацијата, се препорачува основање на преведувачки центри во општините и основање на нова инспекциска служба за спроведување на Законот за јазиците, стимулирање на образување поголем број преведувачки кадар и на кампањи кои ке објаснуваат дека повеќејазичноста е придобивка.

Ivo Kotevski Sprecher Innenministerium Mazedonien
Иво КотевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, не знае за каков документ станува збор, но вели дека дека ставот на партијата е јасен.

„ВМРО-ДПМНЕ е категорично против федерализација на Македонија. Уставот е јасен - Македонија е унитарна држава и ВМРО-ДПМНЕ стои зад тоа. Но, има некои лидери кои прокламираат поинакви ставови и се залагаат нивните ќерки да учат албански во градинка во Струмица“, вели Котевски.

На адреса на лидерот на СДСМ и „негови експоненти“, деновиве беа упатени бројни обвинувања дека во изминатиот период подготвувале терен за отворање на темата за федерализација на државата.

„Федерализација има само во главата на Груевски, кој живее во минатото“, искоментираа социјалдемократите.

Вицепремиерот Муса Џафери најави дека анализата што ќе биде презентирана на конференција во декември, ќе им биде доставена на партиите.

„На крајот Владата ќе одлучува кои предлози, кои препораки ќе бидат посоодветни. Од политичките фактори ќе зависи каква ќе биде завршницата и кои ќе бидат заклучоците“, изјави Џафери.

Позната реторика

Професорот Ѓорѓи Спасов, смета дека информациите со кои јавноста се заплашува со федерализација, без сомнение, се дел од изборната кампања на Груевски.

„Треба одново да се посее страв од Албанците во Македонија, страв од федерализациjа, страв од национално предавство во кое наводно е вклучен и СДСМ, а Груевски да се претстави како единствен патриот и бранител на македонските национални интереси. Граѓаните треба да знаат дека таа конференција ја организира Владата на Груевски, која е нејзин целосен финансиер, спонзор и организатор. Конференциите сами по себе не решаваат какви било прашања, ниту е во нивна надлежност да донесуваат одлуки. На нив се разговара за можни решенија на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Македонија и се давaат предлози за спречување на дискриминацијата кон одредени етнички групи, ако таа постои или има чувство на дискриминираност“, вели Спасов.

Тој укажува дека и без одржување на конференција, може да бидат актуелизирани тие прашања.

„Не може никој да забрани да се разговара на таа тема. Но ако Владата на Груевски и нејзините медиумски мегафони сметаат дека некој пред изборите подготвува 'пуч' во меѓуетничките односи, таа како организатор, спонзор и финансиер на конференцијата, наместо да го плаши народот со последиците од една таква активност, би можела да побара таа конференција да не се одржува, и да го убеди нејзиниот коалициски партнер - ДУИ, тие прашања да бидат решавани откако ќе завршат изборите“, сугерира Спасов.

Musa Xhaferi
Анализата на меѓуетничките односи била нарачана и платена од владата. фото: Муса ЏафериФотографија: Fatos Musliu

Но тој не е сигурен дали тоа би им било прифатливо, бидејќи останува отворено прашањето дали на двете партии им одговара внесување на одредена доза од познатата националистичка реторика: ДУИ да бара голема поддршка за да ги заштити Албанците од дискриминација, како за време на претседателските избори кога бараше консенсуален претседател, а ВМРО-ДПМНЕ да бара поддршка за да не може да биде „уценувана“ од Албанците и да не мора да им попушти.

„По тие избори видовме дека тие одлично функционираа и ја заборавија темата од пред изборите. Имаа многу време, можност и мнозинство и досега да ги решат прашањата што сега се покренуваат. Но, изгледа сега им е одново потребна една фингирана кавга, во која ДУИ ќе говори 'Македонците не даваат' и затоа гласајте само за албанските етнички партии, а Груевски ќе го шири стравот од Албанците кои 'заедно со националните предавници од опозицијата и со поддршка на меѓународната заедница имаат единствена намера да ја федерализираат и да ја уништат Македонија'. Ако ние како граѓани уште еднаш наседнеме на овие предизборни политички трикови, тогаш и самите сме виновни за се што ни се случува“, порачува Спасов.