Европа трага по Анис Амри
22 декември 2016Анис Амри во Германија дошол во јули 2015 година. Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер, вели дека бил „многу мобилен“. Прво се појавил во Фрајбург, во покраината Баден Виртемберг, а потоа во Северна Рајна Вестфалија, па во Берлин. Таму главно живеел од февруари 2016-та.
Барањето на Анис Амри за азил било одбиено во јуни годинава од страна на надлежните власти во Клеве, во Северна Рајна Вестфалија. „Меѓутоа, тој не можел да биде протеран, затоа што немал важечки лични документи“, информира Јегер. Тунис, имено, прво негирал дека Анис Амри е нејзин државјанин. На крајот, сепак, оваа земја издала нови документи, кои пристигнале оваа среда, односно два дена по нападот. „Ова нема да го коментирам“, рече министерот Јегер. Претходно, тој повеќепати се жалеше дека е многу тешко во татковините да се протераат сторители на кривични дела од северноафриканските земји.
Анис Амри денес полни 24 години?
Ако се смета според датумот на раѓање кој му стои во документите, Анис Амри денеска треба да полни 24 години. Тој од страна на различни служби во Германија бил окарактеризиран како т. н. „загрозувач“. Амри имал контакт со радикално-исламистичката сцена, вели Јегер. „Зиддојче цајтунг“, НДР и ВДР јавија дека имал контакти и со мрежата на неодамна уапсениот салафист Абу Вала од Хилдесхајм, кој, како што нагласи Јегер, важи за „главен идеолог“ на салафистичката сцена. Последен пат за него се разговарало на средба на безбедносните власти од сојузот и покраините во ноември, во Берлин.
Против Амри веќе се воделе истраги. Обвинителството во Берлин извесно време водело истрага против него поради сомневање дека подготвува насилство против државата. Властите притоа имале информации за наводно планиран упад за да се стигне до пари за купување оружје, веројатно за напад. Затоа властите во Берлин го имале Амри под надзор од март до септември годинава. Меѓутоа, опсервацијата покажала дека тој евентуално би можел само да биде ситен дилер на дрога во Герлицер Парк, едно од местата во Берлин познати по тргување со дрога.
Наместо протерување во Тунис, пат за Германија
Инаку, Амри, според медиумски извештаи, веќе одлежал 4 години затвор во Италија. Во таа земја дошол како бегалец во 2011 година и бил сместен во прифатен центар за малолетници во Сицилија. Во центарот извршил различни кривични дела. Според весникот „Ла Стампа“, наводно го запалил прифатниот центар. Бил осуден на четири години затвор, а откако ја одлежал казната требало да биде протеран, но имало проблеми со туниските власти. Амри ја напуштил Италија и дошол во Германија.
Документите на Анис Амри беа пронајдени во камионот кој беше искористен за нападот во Берлин. Како стигнале таму? Дали биле оставени намерно? Дали Амри ги загубил во борба со полскиот возач на камионот? Дали документите му биле украдени и намерно оставени таму за да се покрие трагата? „Тоа воопшто не е јасно“, одговара Јегер.