Кој е Фридрих Мерц, новиот шеф на германската ЦДУ?
22 јануари 2022„Длабоко сум импресиониран од овој резултат“, изјави Мерц. На дигиталниот сојузен конгрес на Христијанско демократската унија, согласно на очекувањата, 66-годишниот Фридрих Мерц со огромно мнозинство беше избран за нов партиски шеф. Претходно, пред Божик, тој на референдумот на кој за нов партиски лидер гласаа 380.000 партиски членови, ги остави зад себе конкурентите за лидерското место – Норберт Ретген и Хелге Браун. Така, Мерц е веќе трет шеф на ЦДУ по повлекувањето на тогашната канцеларка Ангела Меркел од оваа функција во декември 2018 година.
„Знам какви задачи ме очекуваат како десетти претседател на оваа партија, од 1948 година досега, пред нив имам голема почит“, изјави Мерц пред партискиот конгрес. Кога во 2018 година првпат „атакуваше“ на функцијата, Унијата ја предводеше владината коалиција, а канцеларот беше од ЦДУ. Сега им остануваат опозициските клупи во Бундестагот, веднаш до десно популистичката АфД.
Мерц сакаше да биде шеф на ЦДУ уште пред 5 години
Мерц најави дека „секако ќе ја застапува партијата во целиот нејзин спектар и ќе ги третира темите кои партијата ги смета за важни“, надевајќи се дека ќе му успее „да ги интегрира во раководството сите други, што ќе даде слика на една целина“, каде место ќе најдат сите различни политички идеи, мислења и струења во партијата.
Мерц сега ја добива моќта која одамна ја посакуваше. Економскиот правник, роден во 1955 година, потекнува од рурална област во покраината Северна Рајна Вестфалија. Со својата сопруга, шефица на еден суд, во брак е од 1981 година, имаат три возрасни деца.
Мерц првпат влезе во Бундестагот како пратеник на ЦДУ во 1994 година. Уште тогаш тој и Ангела Меркел припаѓаа на различни партиски табори на ЦДУ.
Конзервативниот политичар сака да ја модернизира партијата
Мерц беше многу поконзервативен. Во март 2002 година, во борбата за местото шеф на пратеничката група во Бундестагот, Мерц мораше да се подреди на амбициозната Меркел и во 2004 година навреден го напушти партиското раководство, а во 2009 година и Бундестагот.
Во следните години, Мерц направи кариера во економијата. Во 2016 година стана шеф на германската филијала на светскиот концерн Блекрок, кој управува со недвижности. Кога Меркел најави повлекување од партиското кормило во 2018 година, Мерц ја истакна својата апсирација, но мораше да ѝ го препушти местото на Анегрет Крамп-Каренбауер, а во 2021 година на Армин Лашет. Двајцата внатрешнопартиски го претпочитаа курсот на канцеларката Меркел.
Мерц напротив постојано беше дистанциран и критичен. Не штедеше на критики за владата на Меркел. По исклучително лошиот резултат на Унијата на парламентарните избори во Германија во 2021 година, Мерц сега ќе се обиде да ја обедини партијата и да спроведе одредена модернизација. Во новото раководство се наоѓаат многу повеќе жени од претходно.
Мерц во изминатите недели повеќепати се дистанцираше од соработка на неговата партија со десничарската Атернатива за Германија. Кратко по неговата победа на партискиот референдум, се изјасни за тоа хомосексуалните двојки да можат да посвојуваат деца, што е спротивно на неговите пранешни позиции, значи тој се менува.
Мерц, кој за време на првите години како пратеник важеше за еден од најдобрите говорници во Бундестагот, е убеден Европеец, од 1989 година пет години беше европратеник во Европскиот парламент.
Поборник на трансатлантските врски
Мерц има силни трансатлантски врски. Никој од раководството на ЦДУ во изминатите десет години не беше почесто во САД од Мерц. Тој е импресиониран од економскиот либерализам на земјата. „Добро би се разбирале“, изјави тој во 2020 година за тогашниот претседател Доналд Трамп.
Првото тестирање за Фридрих Мерц следи на крајот на март, кога во покраината Сар се избира покраински парламент, а ЦДУ таму сака да го одбрани водството.