1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куба: од револуцијата ни трага

Астрид Пранге/превод:БГ22 март 2016

Обама притиска на педалата за гас, Кастро на кочницата. Нормализацијата на односите меѓу Куба и САД ќе трае уште долго, многу подолго одошто некои се надеваат, смета Астрид Пранге.

https://p.dw.com/p/1IHK6
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK Photo

Звучи речиси премногу добро за да биде вистина: американската национална химна се изведува на Плоштадот на Револуцијата во Хавана, а претседателот на САД Барак Обама и кубанскиот лидер Раул Кастро заеднички ја гледаат воената парада.
Ниту еден од овие двајца политичари не можеа ни да сонуваат кога ја презедоа функцијата дека Куба и САД ќе започнат со обнова на врските. Но чудото се остварува. Леденото доба меѓу Вашингтон и Хавана му припаѓа на минатото, а остатоците се само идеолошки снег кој полека се топи.
Сепак, и покрај затоплувањето, уште многу нешта треба да се случат пред да започне вистинската кубанско-американска пролет. Само затоа што водството на старите револуционери во Хавана ослободија дел од својот идеолошки багаж не значи дека истото го сторија и со своето право на власт.

Уништувачко ембарго

Од Кубанската револуција во 1959 година, Комунистичката партија во Хавана го легитимизираше своето владеење спротивставувајќи му се на Вашингтон. Користејќи го ембаргото на САД, еднопартиската влада ја зацврсти својата легитимност оправдувајќи ги тешките економски проблеми со „американските закани“.
Речиси 30 години по падот на Берлинскиот Ѕид, идеолошките основи на Кубанската револуција колабираат. Но од социјалистичките рушевини не израснува ниту демократија во американски стил, туку само прагматизмот на поранешните револуционери кои се борат за својот политички опстанок.

Prange de Oliveira Astrid Kommentarbild App
Астрид Пранге

Прагматизам наместо идеологија

Обама го препозна тоа. Тој се откажа од користењето на Куба како подлошка за американската борба за човекови права и демократија. Слично незаинтересиран е и кога се работи за водењето идеолошки битки кои започнаа уште пред неговото раѓање. Наместо тоа, тој се обидува да ја отвори Куба за бизнисот и да ги промовира интересите на американските фирми пред да биде укинато ембаргото.
На Кастро му претстои далеку потешка политичка задача, да ја изоди фината линија на политичкиот прагматизам. Само тој ја има потребната легитимност во рамките на Комунистичката партија за да ја имплементира промената на курсот.

Времињата кога поранешниот Советски сојуз го купуваше кубанскиот шекер и ја снабдуваше земјата со енергија, одамна се минато. Солидарноста со Венецуела врз која долго се потпираше Хавана исто така исчезна. Тоа ги прави односите со САД уште поважни: економскиот опстанок на земјата во голем дел зависи и од дознаките на околу два милиони Кубанци кои живеат во Флорида.
Со ветувањето дека ќе ја напушти функцијата кога ќе му заврши мандатот во 2018 година, Кастро нема уште многу време. Тој не сака да ја загуби контролата врз „нормализацијата“ на односите меѓу САД и Куба. Во таа смисла, брзото приближување меѓу двете нации е спротивно на неговите интереси. Некој вид братство меѓу Кастро и Обама веројатно звучи премногу добро за да биде вистинито.