1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Културна револуција“ во партијата на Меркел

Фолкер Вагенер/превод: БГ24 октомври 2014

ЦДУ сака да биде пошаренолика. Неколкумина муслимани во нејзините редови треба да ја направат отворена кон светот и толерантна. Една револуциичка и добра порција себичност, смета Фолкер Вагенер

https://p.dw.com/p/1DbAa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дебатата за интеграцијата во Германија е неверојатно здодевна. Таа е толку провидна во пораките кои се најчесто толку политички коректни што стануваат хипокритични. Се проповеда „култура на добредојде“, се фали „шаренилото на општеството“ и се потенцира различноста. Сѐ убаво, сето исправно. Но, одеднаш ЦДУ (Христијанско-демократската унија) сака да им стави крај на убавите празни зборови за интеграцијата.

ЦДУ како трендсетер

Една нова, модерна политика на доселување треба да ја замени дебатата за интеграцијата. Во однос на претходните сфаќања на конзервативците ова е голема промена на политичкиот курс. Откако Зелените именуваа еден Ездемир за претседател, а социјалдемократите имаат личност со презиме Фахими за генерален секретар, сега и Унијата сака да се приклучи кон трендот. Мултикулти одеднаш не е повеќе наметнување на црвено-зеленото милје. И ЦДУ сака да стане шарена. Тоа е една културна револуција, во најмала рака една малечка.

Минаа веќе четири години, откако еден водечки политичар на Унијата се обиде на Германците да им ја објасни реалноста. „Исламот е дел од Германија“, порача тогашниот сојузен претседател Кристијан Вулф, кратко и јасно и тоа на Денот на германското обединување. Но, во ниту една друга партија оваа изјава не предизвика толку реакции како во ЦДУ. Но реченицата веќе одамна не е провокативна. Во меѓувреме и Меркел, сфаќајќи дека Исламот е дел од секојдневието во Германија, одлучи да оди чекор понатаму и да ја конкретизира дебатата за доселувањето.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

На економијата и се потребни квалификувани мигранти

ЦДУ одамна сфати дека нивната дефанзива во политиката на доселување и припаѓа на минатото. Доколку мигрантите во старата сојузна република беа економска неопходност, денес тие се и демографска потреба. Факт е дека сѐ уште постојат резерви во индустријата и во малите и средни претпријатија кога на конкурс ќе се јави некој со не-германско име, но ниту една бранша веќе не може да си дозволи во глобализираната конкурентска војна да избира според потеклото. Треба да се гледа на фактите: добро познавање на германскиот јазик, компетентност во природните науки и практични технолошки знаења. Унијата цели кон интеграција на компетентните. До 2050. на Германија и се потребни голем број обучени работници, за да се надополни загубата на населението. Без добро обучени мигранти тоа е невозможно да се стори. Унијата е загрижена и се обидува да застане на чело на една подобрена интеграција.

Колку несебично, г-ѓо Меркел!

Затоа, новиот импулс кон доселувањето на Меркел е исправен, колку што е и себичен. Унијата долго време беше на погрешен пат по ова прашање. Сосема безгрижно, долги години овие луѓе беа прогласувани за гости, што требаше да значи дека тие се тука само временски ограничено. Говорите за „општествената разновидност“ и слично досега ги слушавме само од политичките елементи лево од Унијата. Меркеловата ЦДУ во споредба со СПД и Зелените не е толку атрактивна за мигрантите. Тоа претставува опасност и за способноста на партијата да си обезбеди политичко мнозинство во земјата во која, во меѓувреме, секој петти жител има странско потекло. Токму затоа мора не само Германија, туку особено и Унијата како најголема народна партија да се менува и да се отвори. Првиот чекор е направен.