1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Културните борци од Доњецк

Анастасија Буцко/ Жана Ацеска15 ноември 2014

Борбите во источноукраинскиот Доњецк предизвикаа големи уништувања. Сепак, културниот живот продолжува. Дури, во операта се одржуваат и премиери. Но, не секоја уметност е добредојдена.

https://p.dw.com/p/1DmxN
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sergei Ilnitsky

На ноемвриската програма на операта во Донбас стојат атрактивни дела, меѓу кои „Ла Травијата“ од Џузепе Верди или „Берберот од Севиља“ од Луиџи Росини. Се чини дури, културата мора да притекне напомош за ширење на добро расположение во силно разурнатиот град.

„Прво играме бесплатно за да видиме дали публиката воопшто ќе дојде“, вели хорската пејачка Лидија (името е променето од редакцијата).

„На луѓето овде им е потребно одвратување на вниманието од војната“.

Лидија работи во Операта во Доњецк од есента 2012 година. Тогаш оперската куќа го сврте вниманието врз себе преку првата изведба на дело на Вагнер. „Летечкиот Холанѓанец“ беше значаен германско-украински проект. Од сјајот ништо не остана: целата сценографија, со сите реквизити, како и депото, изгоре во екот на конфликтот во Донбас, поради погодок од две тенковски гранати.

Најголем број уметници избегаа, од хорот и оркестарот се останати отприлика една третина. „Кога на нашите премиери доаѓаше Људмила Јанукович, овде изгледаше поинаку“, вели Лидија.

„Очајно е. Нашиот театар се наоѓа на територија каде уште беснее војна“, вели познатиот кореограф и учител по балет Вадим Рисарев, чија доњецка Школа за танц произведе кадар за соло-танц не само за Русија и Украина, туку и за Германија.

Das zerstörte Landesmuseum in Donetsk Ukraine
Уништениот Историски музеј во ДоњецкФотографија: Inna Kuprijanova

Меѓу политиката и војната

Доњецкиот театар порано беше бастион на современата драматургија, се глумеше главно на украински. Меѓу последните премиери се вбројува претставата „Нација“, според романот од Марија Матиос. Делото зборува за борбата на украинските бунтовници против советската власт во 1930-те години. Сега тетатарот треба да направи промена на курсот за 180 степени: „Ако денес се играат украински дела, луѓето ќе бидат стрелани на место“, смета украинскиот министер за култура Евгени Нишук во Киев.

„Сепак, ние и натаму играме. Имаме доволно руски дела на репертоарот“, уверуваат актерите пркосно.

Според официјални наводи, во Доњецк се уништени или тешко оштетени над 30 културни установи. Речиси целосно уништен е споменикот Саур Могила, подигнат во 1960-те години во чест на загинатите во Втората светска војна. На ритчето на кое стојат неговите бедни урнатини, крвави борби се воделе уште во 1943 година меѓу германските нацисти и Црвената армија. Во јули и август 2014 година таму повторно загинаа бројни луѓе, овојпат во борбата на проруските сепаратисти против украинската армија.

Друга жртва на војната е омилениот Доњецки државен историски музеј. Зградата беше погодена со 15 тенковски гранати. „Не верувам дека се пукаше целно на музејот. Ние веројатно случајно настрадавме“, вели главниот конзерватор Татјана Којнаш.

Ukraine - Zerstörtes Mahnmal Saur-Mogila
Остатоци од Споменикот на жртвите од Втората светска војнаФотографија: picture-alliance/dpa

Над 30 проценти од вкупно 150.000 експонати се уништени, проценува директоорт на Музејот, Евгени Денисенко.

„Да не ми беше косата веќе побелена, сигурно ќе ми побелеше при погледот на застрашувачките загуби“, вели тој. Тие ќе биле уште поголеми, претпоставува директорот, ако неговите соработници уште летоска не ги засолнеле посебно чувствителните и вредни експонати. Притоа, сите работат од чист ентузијазам, последната плата е исплатена пролетоска, потенцира Денисенко.

Реновирањето на зградата би чинело околу шест милиони евра. Моментно многумина волонтери се зафатени со задачата да го обезбедат музејот за преку зимата. На пример, Игор, градежниот работник и така е без работа:

„Музејот ја претставува сепак нашата историја, тој мора повторно да функционира.“

Das zerstörte Landesmuseum in Donetsk Ukraine
Фотографија: Inna Kuprijanova

„Ова овде не е никаква уметност“

Помалку оптимисти се соработниците на Центарот за современа уметност „Изолација“, приватна фондација која на периферијата на градот напуштената фабрика ја претворила во музеј. Притоа, за модел е користена Рурската област во Германија: „Културата низ промени, промените низ културата“, гласело мотото. Но, територијата е окупирана од проруските сепаратисти, кои уништиле уметнички дела, ги ограбиле регалите со книги. Сите соработници избегале во Киев, каде фондацијата ја продолжува својата работа како „Изолација во егзил“.

„Јас не сум стручњак, но сепак можам да разликувам вистинска уметност од оваа порнографија“, вели еден од окупаторите, Леонид Баранов. Тој како некој трофеј држи една фотографија на познатиот украински фотограф Борис Микаилов.

„Едно ви ветувам: ваква уметност во Народна Република Донбас нема да има“, вели тој.