Курти од Берлин порача дека ќе продолжи со блокадите
4 февруари 2012По последните радикални акции и блокади на граничните премини кон Србија, малкумина очекуваа да го видат Албин Курти во Берлин на разговори во министерството за надворешни работи и во парламентот. Американските власти, на пример, неодамна одбија да му издадат виза на лидерот на движењето Самоопределување за влез во нивната земја.
Државниот секретар во германското МНР, Николаус Гроф Ламбсдорф за ДВ објаснува дека тој ги прима сите важни политичари, а бидејќи Курти е лидер на третата по големина партија во Косово, сакал лично од него да се информира за состојбата во земјата и во регионот. Самоопределување во последниот период се најде во центарот на вниманието на јавноста поради радикалните настапи и блокадите на границите.
„Ние сметаме дека овие акции не се добри и тоа му го соопштивме на Курти. На господинот Курти му реков дека овие акции можеби му носат краткорочни политички поени, но блокадите на границите не помагаат никому“, вели Ламбсдорф.
Самоопределување не е против Србите
Курти, пак, во разговор за ДВ вели дека ќе продолжи со своите акции на блокади.
„Ние ќе продолжиме со нашите акции во рамките на косовските институции, во парламентот, во комисиите, но и на улиците. Јавните протести се демократска вредност и дел од универзалните права“, вели Курти.
Тој тврди дека неговото движење не е насочено против Србите во Косово.
„Србите ги сметаме за рамноправни граѓани на Косово. Тие треба да ги уживаат сите права кои им припаѓаат на малцинствата согласно меѓународните конвенции и треба да бидат рамноправни пред законот. Нашите акции не се насочени кон Србите“, објаснува Курти.
За разлика од минатото, Курти повеќе не се противи на присуството на НАТО силите во Косово. Тој смета дека тие трупи се неопходни, но притоа бара да се потпише нов договор, а не КФОР да престојува во земјата врз основа на Кумановскиот договор.
„Ние исто така бараме Косово да има своја војска, бидејќи не е нормално Македонија и Црна Гора да имаат свои армии, а на Косово тоа да не му се дозволува“, изјави Албин Курти за ДВ.
Автор: Бахри Цани/Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска