1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекцијата од Вајмар

Феликс Штајнер
7 февруари 2019

На историскиот локалитет, во националниот театар во Вајмар, беше изготвен Уставот во 1919 година. Има ли повод за славење? Да секако, но нешто друго е одлучувачко, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/3CuOU
Nationaltheater Weimar Bildpostkarte 1919
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Терминот „Вајмар“ во германската политика и публицистика има негативна конотација. Кога се зборува за „Вајмарските односи" се мисли на нестабилност. Влади кои за кратко време се распаѓаат. Парламент кој не е во можност да обезбеди мнозинство. Обиди за пуч, политички убиства и брутални улични борби со неколку илјади мртви. И на крај влез во националсоцијалистичка диктатура.

„Вајмар“ за многумина Германци пред се е синоним за неуспех на првата демократија во земјата по само 14 години. Овој „Вајмар“, чиј имиџ беше обликуван со децении, сигурно не заслужува свечена прослава на која би се собрал целиот државен врв и првите луѓе во општеството. Но, од стогодишна дистанца некои работи стануваат појасни. Уставот кој на 6 февруари 1919 година го разработи Националното собрание, во секој случај не бил одлучувачки, а особено не причина за трагичниот исход.

Демократија без демократи

Првата германската република уште од првиот ден стои на екстремно разнишана подлога: додека во ноември 1918 година едни жалеа за поразената Империја, другата страна на политичкиот спектар не отиде доволно далеку за да направи промени по заглавената револуција. Авторитарната обнова наспроти социјалистичката револуција и Советска република по рускиот пример – десно-ориентирана Република е исто непријателска како лево-ориентирана. Заради ова често Вајмарската република беше нарекувана „Демократија без демократи".

Притоа имаше големи економски проблеми: Милиони Германци гладуваа, додека се оддржуваше Националното собрание. Неколку месеци подоцна мораше новоизбраниот претседател на Рајхстагот, Еберт да го потпише наложениот Версајскиот мировен договор со кој се предивидуваше загуба на една четвртина од државната територија и огромни суми за репарација. Така економските проблеми останаа како една од главните одлики на 1920те години – од хиперинфлација во 1923 година се до почетокот на економската криза во 1929. Дали Германската република и нејзиниот Устав ќе беше успешна приказна без економското чудо од 1950 година? Сомнежите се повеќе од оправдани.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер, автор на коментарот

Точно, Вајмарскиот Устав на претседателот на Рајхот му даде голема моќ. Пред се проблем настана кога познатион анти-демократ Хинденбург беше избран на функцијата. Можноста да се донесуваат закони и да се избираат влади кои немаат парламентарно мнозинство за нас денес е нешто незамисливо. Но, Хинденбург беше пред се избран од Германците – и тоа два пати.

И Вајмарската република не згасна на 30 јануари 1933 година со назначувањето на Адолф Хитлер за Канцелар на Рајхот. Не, таа згаснува половина година претходно, кога 52% од Германците гласаа за антидемократските партии - националсоцијалистите и комунистите.

За прв пат основни права и слободи

Сето тоа не беше по секоја цена очекуван развој. Врз основа на Уставот разработен во Вајмарската република историјата можела да добие и сосема поинаков правец. Во многу делови документот за тоа време бил исклучително напреден, па дури и револуционерен. Основни права! Социјални права! Директна демократија! Ниту целосните политички права за жени во Европа од тоа време не биле нешто што се подразбира. Треба на тоа да се потсетиме 100 години подоцна. Тоа може и треба да се слави!

Клучната поука 100 години по Вајмарската република е дека нема корист ни од најубавиот демократски Устав, ако граѓаните не сакаат демократија и не ја одбрануваат. Тогаш не е од никаква корист ниту правото на организиран отпор, кое Уставот од 1949 година како поука од Вајмарската република им го дава на сите Германци во однос на антидемократи.