1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Лов на бегалци“ во Бугарија

Татјана Факсберг/Ж.А.3 март 2016

Со затворањето на македонската граница повеќе бегалци би можеле да тргнат кон Запад преку Бугарија. Но, позната е бруталноста на бугарските полицајци, а сега и граѓаните се организираат во патроли за да „ловат бегалци“.

https://p.dw.com/p/1I5YN
Фотографија: Getty Images/AFP

„Од нашето село до границата има седум километри. Сите кои успеале да ја преминат граничната ограда, поминуваат покрај нашето село“, раскажува 76-годишниот Коста додека чува кози на една ливада. Тој е еден од само 18-те мештани на селото Долно Јабалково, малечко местенце во кое свеж леб се лиферува само трипати неделно, а мобилните телефони речиси немаат прием.

Но, неодамна Долно Јабалково стигна во ударните вести и тоа благодарение на Динко Валев. Ова момче од блискиот град Јамбол стана херој на таблоидниот печат зашто на својот мотоцикл на четири тркала патролира долж границата со Турција, каде наводно досега „со голи раце“ фатил 25 бегалци. Моментно Динко се обидува да собере доброволци за „лов на бегалци“. „Сите кои ги фаќаме остануваат во наши раце...Јасно дека сакам да ги убијам, па и тие сакаат да ме убијат мене, зар не?“, изјави Динко во едно телевизиско интервју.

Тој и во разговорот за Дојче веле се удираше в гради со својата подготвеност на насилство: „Ако тие смеат да фрлаат бомби, смеам и јас“. За него работите се кристално јасни - секој бегалец е џихадист. Динко ја потврдува иницијативата за формирање „граѓанска патрола“ која би требало да патролира по пограничниот појас од следната седмица.

Bulgarien Dolno Yabalkovo
Селото Долно ЈабалковоФотографија: DW/T. Vaksberg

Вози тенк и јава коњ

Ваквата иницијатива засега не го предизвикува вниманието на бугарската полиција. Министерката за внатрешни работи Румиана Бачварова ги повика медиумите да ја информираат полицијата за евентуални сознанија околу незаконски дејства, но воинствените изјави и најавите на младиот Динко Валев само ги нарече „необични“.

„Динко не треба сериозно да се сфаќа“, вели еден локален политичар кој сака да остане анонимен. „Тој само сака да привлече внимание, па постојано прави глупости: на пример возеше тенк по селскиот пат, јаваше коњ среде главниот плоштад, а со својот мотоцикл брка минувачи по тротоарите.“ Според сопствените тврдења, Динко е успешен трговец со старо железо кој често престојува во странство. Неодамна бил во Дамаск, каде продавал делови за машини. На Фејсбук притоа напишал оти „Дамаск е полн со џихадисти“. Еден пријател во коментарот го охрабрувал Динко сите да ги истепа, кога е веќе на вистинското место. На социјалните мрежи младиот Бугарин ужива статус на „суперхерој“.

Веќе се пријавени дваесетина „доброволци“ за народната милиција, додуша, тие засега се само членови на Фејсбук група. Меѓу нив има и познати локални лица. На пример, Слав Славов е член на владејачката бугарска партија во чие име се обидел да стане шеф на месната заедница во селото Веселиново. Во едно интервју тој ја поддржа народната милиција и повика на „повеќе национализам“. Но, во разговорот за Дојче веле Слав се жали што го „изрибале“ во партиската централа, па потоа морал да ги повлече своите претходни изјави. Сепак, тој останува одлучен противник на бегалците: „Одете во селата покрај границата, ќе видите постари расплакани луѓе, нападнати и ограбени од странците“, тврди Славов.

Bulgarien Dolno Yabalkovo
Слав Славов не сака бегалциФотографија: DW/T. Vaksberg

Официјална и неофицијална верзија

Во селото Долно Јабалково никој не плаче. Ниеден од 18-те селани не чул некој да е ограбен од бегалците. Остарениот овчар Коста се лути поради изјавите на националистите: „Како можат така да зборуваат! Луѓето бегаат од војна, доаѓаат голи, боси и жедни.“ Тој вели дека често прво им помага на бегалците, па потоа ја известува полицијата. „Како само посегнуваат по лебот, како никогаш во животот да не го виделе! Што сака Динко? Да ги коли тие луѓе?“

На денот на нашиот разговор се регистрирани само три „илегални влегувања“ во земјата, според актуелниот извештај на граничната служба. Се очекува бројката да порасне. Моментно месечно доаѓаат 1.500 бегалци, најчесто од Сирија, Ирак и Авганистан. Тие главно продолжуваат натаму, во Србија, поретко преку Романија.

Bulgarien Dolno Yabalkovo
Овчарот Коста од Долно ЈабалковоФотографија: DW/T. Vaksberg

Но, не се сите селани расположени како Коста да им помогнат на бегалците. Еден друг овчар , кој не сака да го каже името, бара да се пука врз бегалците. Тој зборува со руски акцент, вели дека е роден во Баку и дека во време на Советскиот сојуз се борел во Авганистан. Сите дојденци се терористи, мисли овој човек, не дозволува „да го прелажат трогателните приказни за изгладнети жени и деца.“

Со ова е согласен и еден граничен полицаец. Полицијата не стигнува да ја надгледува целата граница, па се потребни луѓе како Динко Валев, вели полицаецот, дополнувајќи: оградата кон Турција, која официјална Софија брза да ја доврши, сама по себе не е никаква пречка за бегалците. Во тој момент пристигнува неговиот колега граничар, донесувајќи кафе во пластични чаши и нашиот соговорник брзо го коригира исказот, преминувајќи на официјалната верзија - граничната ограда е одлична, а полицијата може да си ја сработи работата и без народни милиции.