1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Двојни аршини во време на пандемија

11 февруари 2021

Атина од денеска е во строг локдаун. И додека граѓаните се соочени со рестрикции, грчкиот премиер Мицотакис беше снимен на ручек со 30 лица. Ова не првпат тој да ги крши корона-правилата. Грците се бесни.

https://p.dw.com/p/3pAOQ
Griechenland Abkommen über EastMed pipeline wird unterzeichnet | Kyriakos Mitsotakis
Фотографија: AFP/A. Messinis

Алики Б. се подготвува за приемен испит на универзитетот. Таа има 18 години, живее со своите родители и помладиот брат во Солун и преку 100 дена е во локдаун. „Повеќе не можат да издржам“, вели таа, „животот ми е пекол. Само учи, учи, учи и расправај се со мајка ми “.

Алики обожува драма. Но, пред приемниот испит, животот во Грција е навистина стресен и пандемијата ги влошува работите. Изнервираната ученичка можеше само кратко да излезе во петокот и да прошета со своите пријатели на шеталиштето. До 21 часот, како и сите други жители, тие тогаш мораа да си одат дома. Полициски час  е воведен со декрет од 1 ноември.

Во саботата, дури и тоа мало парче слобода заврши. Оттогаш, улиците треба да се напуштат во 18 часот за време на викендите, на оние места каде има висок број на инфекции. Така е во пошироката област на Атина и на Солун, каде што живеат скоро две третини од грчкото население.

Фиеста во Икарија

Во оваа прва сабота (6.2.2021) од построгите рестрикции, премиерот Кирјакос Мицотакис одлучи да го посети островот Икарија во Егејско Море, со една од најниските стапки на инфекции во земјата. Мицотакис сакаше самиот да види како се одвива кампањата за вакцинација таму.

Очигледно тој не можеше или не сакаше да ја одбие поканата за ручек на локалниот пратеник, член на неговата партија, конзервативната Нова Демократија. Така, премиерот седна на маса со своите соработници и локалните познати личности, најмалку 30 луѓе. Јасно ги прекрши корона-правилата поставени од неговата сопствена влада (максимално девет лица на празничната маса на Божик, инаку само блиското семејство) - и беше снимен. Секој обичен граѓанин на Грција за таков прекршок мора да плати казна. Но, не и Мицотакис, кој дури и не се извини.

Griechenland Covid-19 | Premierminister Kyriakos Mitsotakis auf die Ikaria Inseln
Гостите на ручекот со Мицотакис на ИкаријаФотографија: Stringer/AFP

Опозицијата зборуваше за срамотна „Фиеста во Икарија“- островот познат по своите популарни фестивали („Панигирија“). На социјалните мрежи гневот беше голем - но и злобата. Повеќето ТВ-канали не ги покажуваа овие слики на прекршување на правилата- се шушка дека кабинетот на премиерот побарал да ги игнорираат. И тоа не е првпат.

„Момент на небрежност“

Уште во декември, кога Мицотакис беше фотографиран како вози велосипед на планината Парнита со минувачи и без маска, имаше обиди да се сокрие кршењето на правилата. Дури и тогаш социјалните мрежи беа полни со гнев и потсмев. Неколку дена подоцна, Мицотакис во ТВ интервју призна дека тоа било „момент на небрежност“.

Повеќе:

-Грција: Православната црква меѓу традицијата и заштитата на здравјето

-Ковид-19: Критично во Солун, погодено секое петто семејство

-Коронавирус: Рекорден минус во грчкиот туризам

Дури и за помала небрежност, луѓето во Грција мора да платат казна од 300 евра - и да слушаат строга беседа за нивната нечовечка неодговорност од медиумите блиски до владата. Истите ТВ-канали кои ги игнорираа сликите на Икарија во саботата, ги испратија своите репортери на брегот на Атика во сончевата недела да ги снимаат шетачите и да покажат дека овие „неодговорни луѓе“ не останале дома.

Погрешни сигнали

Можеби премиерот повторно ќе признае „момент на небрежност“. Но, пораката одамна стигна до населението: правилата не важат за секого, а медиумите не ја извршуваат секогаш својата контролна функција.

Griechenland I Corona Lockdown in Thessaloniki
Фотографија: Florian Schmitz/DW

Демократијата во Грција и онака страда во време на пандемијата. Како речиси насекаде, основните права се суспендирани со цел да се заштити здравјето на населението. Повеќето Грци гледаат со одобрување на тоа. Но, систематското прикривање на погрешните чекори на премиерот Мицотакис испраќа погрешни сигнали. Исто како и фиестата на Икарија: Ако премиерот и неговите придружници седат заедно и јадат без страв, тогаш опасноста што ја носи коронавирусот веројатно не е толку голема. Така што секој може да си дозволи малку невнимание.

Два брана, две реакции

Иако дисциплината не е баш доблест на Грците, тие беа неверојатно дисциплинирани при првиот бран на пандемијата во 2020 година. Владата наметна строг локдаун навремено, малку луѓе се разболеа и стапката на смртност беше мала.  Голем успех кој можеше да го прослави владата на Мицотакис. Она што следеше беа релаксирачки летни месеци, за време на кои владата не успеа да ги подготви здравствениот систем и училиштата за вториот бран на коронавирусот. Како речиси секаде во Европа.

Вториот бран беше многу пожесток од првиот. Но, новиот локдаун веќе не е толку строг бидејќи, пред сè, економијата веќе не можеше да си го дозволи тоа.

Постапувањето на владата овојпат не е на потребното ниво, многу луѓе не се убедени во исправноста на мерките, кои постојано се менуваат - што, патем, исто така не е грчка особеност.

Но, грчка особеност е дека овојпат одговорот на конзервативната влада на секое прашање е „повеќе полиција“. И нивната реакција на секоја оправдана критика често се граничи со клевета. На пример, оној кој ќе се запраша зошто да не ги протегне нозете надвор во природа за време на викендот, постапува безгрижно. Или е „заразен“ од „популизмот“ на опозицијата, опозиција која е толку неодговорна што се осмелува да излезе на улица - со маски и безбедна дистанца, се разбира. Протестите се насочени против планот на владата за реформа на универзитетскиот систем и воспоставување универзитетски полициски сили, среде пандемија.

Алики Б., исто така, демонстрираше против ова минатата недела, заедно со многу нејзини соученици. И за време на викендот, таа го истури бесот на Фејсбук, кога ги виде фотографиите на премиерот во Икарија. На 18 години, вели таа, нејзиното чувство за правда е сè уште силно и нејзиното трпение е на крајот - таа не може лесно да му прости на ваквиот двоен стандард. Многу Грци - вклучително и постари луѓе - гледаат слично на тоа.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки