1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Магијата на Св. Јован Канео- симболот на Охрид

Милчо Јованоски
6 април 2018

Легендата вели: Охрид имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Ако денес се ѕирне над и под тлото, може да има и повеќе. Сите се со своја убавина, но Св. Јован Богослов е најмистичната и најфотогеничната.

https://p.dw.com/p/2vaSA
Kirche St. John Kaneo Ohrid
Фотографија: DW/S. Stojanovski

Ако не сте биле на Канео, како да не сте го посетиле Охрид, ќе ви речат локалните туристички водичи . Тоа е  исто како да одите во Берлин, а да не ја видите Брандербуршката порта или во Париз да не се качите на Ајфеловата кула...

И ретките се тие што со намера не дошле да ја видат убавината. Спојот на природата со архитектурата и синилото на езерото и небото. И не се знае кога е поубава глетката од Канео? Годишните времиња се менуваат, а црквата останува иста. Како што  секое камче во градот на ридот има своја историја која си ја шепоти,а некој треба да ја слушне, така и црквата има своја приказна  која ја прави посебна и единствена надвисната над клифот на езерото.

Повеќе во галеријата со фотографии:

Канео доаѓа од латинскиот збор „caneo“ што значи сребрено

-Еднокорабната октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Нејзината градба почнала во 1365 год., под покровителство и ктиторство на севастократорот Бранко Младен, прогласен за управител на градот Охрид од страна на српскиот цар Стефан Душан. Црквата, освен по светецот, името го добила и според старата рибарска населба Канео, во чија близина и се наоѓа... Зборот "канео" доаѓа од латинскиот збор "caneo ", што во превод значи " сребрено", вели д-р Томислав Тунтев, автор на книгата  „Светиот завет“ која сама за себе е своевидна историска читанка за Охрид и охриѓани.

Kirche St. John Kaneo Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanoski

-Во црквата на Канео во првата половина на 13 век епирскиот деспот Теодор I Ангел бил крунисан за солунски цар, од страна на охридскиот архиепископ Димитар Хоматијан. Од посебно значење за фрескосликарството во црквата е заедничкиот приказ на тројцата големи проповедници: првиот велички епископ, учител и просветител, и патрон на Охрид, Св. Климент Охридски од Х век, охридскиот архиепископ Константин Кавасила од ХIII век и првиот ранохристијански мисионер во овие краишта, Св. Еразмо Лихнидски од III век. Исто така, значајни се двете насликани композиции во олтарната апсида на црквата: Пречистување на апостолите и Тајната вечера, додава д-р Тунтев.

Kirche St. John Kaneo Ohrid
По Втората светска војна иконостасот бил украден, па најден во Франција и вратен и по пет години неповратно пак исчезналФотографија: DW/M. Jovanoski

Св. Јован Богослов – Канео спој на византиско – ерменската градба

За  непроценливата вредност на црквата Јорданка – Данче Матова –историчар на уметност нѐ потсети на нејзиниот познат британски колега сер Херберт Рид кој по посетата на Охрид и 30 цркви во 1961 г. запишал: - Помеѓу византиското црковно сликарство од Равена и Сицилија од една страна, италијанската ренесанса од друга страна не постои празнина, Охрид е значаен мост на европската уметност. Матова, вели дека оваа црква во себе покрај византискиот го поседува и ерменскиот стил на градба. – Св. Јован Богослов  силно потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори – градители кои оставиле траги и во Македонија.  

Kirche St. John Kaneo Ohrid
Октоаголната црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста.Фотографија: DW/M. Jovanoski

Времето и луѓето оставиле лузни врз црквата, но таа ги надживеала

-Од секогаш сум се восхитувал на црквата и ова прекрасно место и сум се прашувал: Што ако овде ја немаше црквата?, би било празно, иако природно привлечно, без црквата круната не би била ставена, ни рече клисарот Сашо Трајаноски кој петта година ја одржува црквата. Сашо ни откри дека до 15 век во неа се одвивал и монашки живот. Со доаѓањето на Турците се рушат конаците, а монасите биле убиени, најголемиот дел од фреските биле искорнати ама не ја претвориле во џамија туку станала набљудувачница. И во поново време по Втората светска војна се памети дека иконостасот бил украден па најден во Франција и вратен и по пет години неповратно пак исчезнал. Сега во црквата литургии се држат само 6 пати годишно од кои една е посветена на св. Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара кога тука се носат неговите мошти, ни рече Трајаноски.

Kirche St. John Kaneo Ohrid
Сашо Трајановски, клисар на цркватаФотографија: DW/M. Jovanoski

Канео – љубов на прв поглед

Един Огрешевиќ од Сараево  често доаѓа во Македонија а кога го најдовме кај црквата беше во друштво со две пријателки од Норвешка за кои рече дека биле шокирани од убавината. - За мене Охрид е најубавото место на Балканот. Многу сум пропатувал ама мене овде ми е најубаво. Посебни се црквите во византиски стил кои ги има и на други места ама во вакво окружување се реткост. Не може да се опише доживувањето  по прошетката  со чамец и уживањето во градската архитектура.  Един има  блог на кој споделува приказни од Сараево и вети  дека ќе напише текст и за Охрид а ќе сподели и фотографии, неизбежно и од Канео.

Kirche St. John Kaneo Ohrid
Босанскиот турист Един Огрешовиќ: За мене Охрид е најубавото место на Балканот. Фотографија: DW/M. Jovanoski

Овој магичен простор е седмо рангиран во светот, некаде се појави и таков податок. Бил и ќе биде инспирација за сликарите, поетите актерите и фотографите. За охриѓанецот Стојан Стојановски Св. Јован – Канео е постојана инспирација кој редовно го обработува со својот уметнички објектив. Неговите фотки одамна го обиколуваат светот. „Местоположбата на Канео е идеална за секојдневно фотографирање. Од која било страна да се наоѓаш, секогаш имаш фотографија со различна приказна и секако магија, особено на залезот на сонцето“, вели Стојановски.