Затворени во чекалницата на ЕУ
30 март 2021Големиот текст посветен на евроинтеграцијата на земјата почнува со проектот „Скопје 2014“ и спорот со Грција:
„Бронзениот Александар со изваден меч ќе седи уште долго на коњот. Сепак, многу работи се случија од времето кога беше откриен споменикот во Скопје. Автократот Груевски мораше да се повлече од власт и во ноември 2018 година избега од затворска казна поради корупција во егзил во Унгарија. 'Скопје 2014' беше запрен. А, пред сѐ, во летото 2018-та беше надминат спорот со Грција.“
Весникот потсетува дека Северна Македонија пред една година стана 30. членка на НАТО, но додава дека приклучувањето кон ЕУ не напредува и покрај промената на името, зашто прво имаше блокада од францускиот претседател Макрон поради барања за преструктуирање на процесот на проширување на Унијата, а сега поради ветото на Бугарија:
„Македонија е за Бугарија чист географски поим. Не се признава постоењето на самостоен македонски јазик, туку тој се смета за бугарски дијалект. Со тоа, на крајот на краиштата, Бугарија го става под знак прашалник националниот идентитет на Северна Македонија. Во Скопје е голема лутината поради бугарските барања. Истовремено, меѓутоа, се чувствува и фрустрација во врска со ЕУ и заспаниот процес на приклучување. Кој може со сигурност да каже дали по надминување на спорот со Софија, нема да излезе некоја нова пречка? Во истражување на јавното мислење направено непосредно пред бугарското вето, опадната е поддршката за приклучување во ЕУ - од 90% пред неколку години на 70%. Сега оваа вредност е веројатно уште помала. 'Сето ова трае веќе предолго', вели Зоран Нечев, истражувач во Институтот за демократија во Скопје кој се занимава со проширувањето на ЕУ. Црна Гора за девет години преговарање сѐ уште не ги исполнила меѓуцелите, а Северна Македонија сѐ уште не започнала разговори. 'Ниту еден брак не би издржал вакво нешто. Некогаш мора да си признаеш дека не оди.' Вицепремиерот Никола Димитров се изразува подипломатски: 'Ние сме драстичен пример на земја која е затворена во чекалницата на ЕУ'.“
Повеќе: Михаел Рот: Конечно треба да отпочнат пристапните преговори со С. Македонија
НЦЦ ги додава и зборовите на Димитров дека наспроти тешкотиите, земјата мора да „продолжи по започнатиот пат“, иако „во моментов на повидок нема приклучување“. „За реформите нема алтернатива“, вели Димитров за НЦЦ.
Весникот потсетува на проблемите на земјата како иселувањето, предизвикано од безработицата во земјата, но и проблемот со загадувањето и корупцијата. Освен тоа, се констатира дека последните успеси на соседна Србија го зајакнуваат сфаќањето во земјата дека „не се исплаќа да се ориентираш само кон Запад“: „Српскиот претседател Алксандар Вучиќ одамна води политика на нишање помеѓу Брисел, Москва и Пекинг и затоа може да се дозволи да остане бескомпромисен по прашањето на Косово“, се вели во текстот и се наведува уште и српскиот успех со вакцините.
„Ноје цирхер цајтунг“ натаму пишува:
„Повеќето набљудувачи меѓутоа се уверени дека српската ѕвезда по пандемијата ќе избледи повторно. Земјата во која се владее автократски и која економски е малку успешна не е соодветна за модел. Но, доколку ЕУ остане недостапна, ќе слабее и европската привлечна сила. 'Владата мора да го промени својот наратив', вели Влора Речица, истражувачка на Институтот за демократија во Скопје. Досега, вели таа, секогаш кога требало да се спроведат непопуларни мерки, се аргументирало со Брисел. Наместо тоа, во преден план би требало да се стави благосостојбата на земјата. 'Реформите се неопходни за нам да ни оди подобро, а не за да му се допаднеме на Брисел.' Речица му припаѓа на големото албанско малцинство во земјата, кое чини околу една четвртина од населението. Во спорот со Бугарија, Албанците се солидарни со славјанското мнозинство. 'Ние знаеме како е кога во прашање се доведува сопствената државност', вели Речица алудирајќи на поранешните борби на Албанците за право на соодлучување.“
Повеќе: До портите на Европа и околу нив
Весникот потсетува на конфликтот од 2001 година и Охридскиот рамковен договор, а се занимава и со прашањето - дали поради тоа што ЕУ се чини далеку е можна ренесанса на големоалбанските идеи:
„'Мислам дека никогаш нема да влеземе во ЕУ', вели Бесим, 21-годишен студент по архитектура во Тетово, центарот на албанскиот живот во земјата. Иако градот се наоѓа на само 40 километри западно од Скопје, овде се чувствува поинаква атмосфера. На улица се слуша само албански, многу жени носат шамија. Бесим му помага на татка си, кој има уличен штанд недалеку од главниот плоштад. Продаваат македонски тутун, како и знамиња, маици и други сувенири со албанскиот двоглав орел. Повеќето од муштериите се Албанци од дијаспората кои доаѓаат дома, во посета на Тетово. Бизнисот во време на пандемија оди лошо, затоа што ретко кој патува. 'Се разбира дека идејата за држава за сите Албанци има привлечна сила', вели Бесим. 'Но, не по секоја цена. Во Албанија на Еди Рама не сакам да живеам.' Премиерот во Тирана владее со својата земја авторитарно. Косово под раководство на Албин Курти би било поатрактивно... 'Соништа за голема Албанија ќе има секогаш', вели истражувачката Речица. 'Сепак, тоа не е сериозен политички проект, барем не кај нас, во Северна Македонија.'
Во последниот дел од текстот се анализираат шансите за успех на регионалните иницијативи како Мини Шенген: „Со оглед на големиот број регионални договори за соработка, но и недовербата на држави како Босна или Косово во врска со неминовната српска доминација, овој план наидува на голема скепса. Освен тоа, поимот 'Мини Шенген', кој првпат исплива по одлагањето на почетокот на преговори за приклучување со Албанија и Северна Македонија, секогаш ќе биде под знак на сомневање дека е замена за перспективата за приклучување. Димитров вели: 'Заеднички пазар нѐ прави поатрактивни за инвеститорите. Ние сме за тоа, сѐ додека тоа не се третира како алтернатива за приклучувањето кон ЕУ.' Димитров не е дециден во врска со постепената интеграција, како што предлага Европската иницијатива за стабилност. Тинк-тенкот на Гералд Кнаус, кој беше важен давател на импулси за постигнувањето на договорот за бегалците помеѓу ЕУ и Турција, претстави план, кој како меѓуцел го поставува приемот во европскиот внатрешен пазар. Димитров вели дека постојат сомнежи дека може да се напредува во економската соработка, а притоа политичките критериуми и владеењето на правото да играат подредена улога и да недостига поттикот што произлегува од полноправно членство. Од друга страна, успешна економска интеграција би го направила регионот поатрактивен за оние во ЕУ кои се скептични кон проширувањето. 'Мислам дека ниту во ЕУ ниту кај нас, на Балканот, нема дефинитивен одговор на прашањето што да се прави ако политиката на проширување навистина дојде до својот крај.'“, се вели во текстот на „Ноје цирхер цајтунг“.