1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Илинден

2 август 2010

Двата историски Илиндена - 107 год. од Илинденското востание и 66 год. од Првото заседание на АСНОМ ќе бидат одбележани со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце.

https://p.dw.com/p/OZmH

На централното чествување во Крушево ќе присуствува македонскиот премиер Никола Груевски. Ќе биде положено цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, кадешто ќе се одржува голем народен собир, на кој ќе се обрати премиеротГруевски.

На народниот собир во кумановско Пелинце ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на државата Ѓорге Иванов. Годинава нема да биде испратена делегација на автентичното место на АСНОМ - манастирот Св. Прохор Пчињски, кој е под јурисдикција на Српската православна црква.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ, во центарот на Скопје. Во битолското село Трново денеска ќе се одржува традиционалната 39. Светска македонска средба, во организација на Матицата на иселениците, Светскиот македонски конгрес, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и Сојузот на Македонците со исламска религија.

Во Крушево синоќа свечено беше отворена манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Таму ќе стигнат и коњаниците кои традиционалниот Илинденски марш и оваа година го почнаа од скопско Горно Лисиче на 27 јули.

Крушевската Република

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател... Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државнотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Борис Георгиевски