1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на пат кон колапс

БГ/фац19 април 2016

Земјата со години се наоѓа во повеќекратна долготрајна криза која ја води државата кон распад, предупредува во денешното издание ФАЦ. Груевски ја втурна Македонија во националистичка авторитарност

https://p.dw.com/p/1IYBn
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Голема е веројатноста дека Македонија наскоро ќе стане ново кризно жариште на политичката карта на Европа, прогнозира во денешното издание германскиот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.
Во анализата за состојбата во Македонија, угледниот конзервативен весник потсетува дека земјата веќе „со години се наоѓа во повеќекратна долготрајна криза која ја се‘ повеќе ја приближува државата до распад“.

„По насилните судири од минатата недела состојбата само привидно се смири. Во следните недели политичката температура натаму ќе се зголемува, затоа што земјата се подготвува за предвремени парламентарни избори кои најголемата опозициска партија најави дека ќе ги бојкотира. Во тој потег таа чувствува поддршка и од ЕУ: комесарот за проширување Јоханес Хан минатата недела твиташе дека „има сериозни сомнежи дека се можни веродостојни избори“.

ФАЦ потсетува на скандалот со прислушкуваните разговори кој го обелодени лидерот на СДСМ, Зоран Заев. „Можеа да се слушнат гласовите на водечките членови на владата кои говореа за лажирање на изборите во 2014 година, манипулација на судски пресуди, напади против критички новинари и прикривање на убиство извршено од полицаец по парламентарните избори во 2011“.

Со Договорот од Пржино беше предвидено, освен формирање на Специјалното јавно обвинителство, да се донесе и нов закон за медиуми, стриктно да се одвои партијата од државата, прочистување на избирачките листи од илјадници мртви „кои на претходните избори беа користени како одлучувачки материјал за манипулации“, формирање на преодна влада со учество на опозицијата како и оставка на Груевски на сто дена пред изборите.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Исполнети беа само последните два услови. Оттука ЕУ и САД во февруари заеднички одлучија дека не се исполнети условите за фер избори. Но, оттогаш ништо не се помрдна, напротив, освен што владејачката партија го исполни своето ветување да не прави веќе никакви отстапки кон опозицијата и кон преговарачот на ЕУ“.

ФАЦ наведува дека иако Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005, оттогаш не е направен никаков напредок на тој план, пред сѐ поради блокадата од Грција.

„Поради тоа, во политички ничија земја затворената Македонија оттогаш под раководство на Груевски се втурна во националистичка авторитарност. Економијата стагнира, а односите меѓу словенските Македонци и големото албанско малцинство се затегнати“.

„(...)Во изминатите месеци Македонија се споменуваше речиси само во контекст на својата улога во бегалската криза. Но веројатноста е голема дека наскоро и самата ќе исплива како ново кризно жариште на политичката карта на Европа“, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг во денешниот текст под наслов „На пат кон колапс“.