Македонија ужива големи симпатии во јавноста во Словенија
20 март 2009Јанез Јанша смета дека местото на Македонија е во НАТО и тој и сега како политичар од опозицијата се залага за тоа. „Во Словенија нема никаква дилема околу тоа дека Македонија треба да влезе во ЕУ и НАТО. Без разлика која партија е на власт, евроатланската перспектива на Македонија е без какви било приговори. Македонија ужива големи симпатии и во словенечката јавност. Секако сакаме да дојде до некаков договор со оглед на тоа дека Грција ја блокира Македонија во евроатланскот процес. Словенија ја признава Македонија под уставното име и ние сме принцпипиелни“, вели Јанша за „Дојче веле“.
Нема паралела меѓу споровите Скопје-Атина и Загреб-Љубљана
Тој смета дека меѓу словенечко- хрватскиот спор и заканите за вето од една и грчко- македонскиот спор од друга страна има големи разлики.
„ Македонија е жртва во тој случај бидејќи Грција го блокираше нејзиниот влез во НАТО. Словенија не го блокираше влезот на Хрватска во НАТО. Што се однесува до Европската унија, Хрватска ги почна преговорите со наша согласност. Имаме некои приговори за одредени поглавја, како што имаат и некои други земји- членки на пример за соработката со Трибуналот во Хаг. Но, тука не станува збор за вето, туку само за блокада на одредени поглавја“, истакнува Јанша.