Македонските реформи жртви на бегалската криза
28 јануари 2016Преговорите за домашни системски реформи ја губат трката со приоритетниот интерес на меѓународната заедница: Македонија да биде еден вид тампон-зона за бегалскиот бран. Според аналитичарите, сите досегашни индиции укажуваат дека ќе се инсистира избори да се одржат на 24-ти април, единствено во корист на главната европска главоболка: побрзо справување со бегалската криза уште на нејзиниот транзитен пат, кој минува низ Македонија. Ваквите индиции го вклучија алармот кај здружената опозиција, која деновиве ќе ги анализира сите аспекти што негативно можат да се одразат на очекуваните реформи, по што ќе ги одреди нејзините натамошни активности. Тито Петковски, лидер на опозициската НСДП, смета дека реформите за градење демократија ќе бидат целосно жртвувани заради бегалската криза.
„Односот на ЕУ кон датумот за избори 24-ти април, е во директна корелација со решавањето на бегалската криза и со одлука за изградба на поголем бегалски камп во Македонија, како пречка за натамошен трансфер на бегалците кон земји на ЕУ. Ако брзо се утврди финансиска поддршка за Македонија за таа цел, тоа ќе биде сигнал оти ЕУ е одлучна изборите да се одржат на 24-ти април. Демократија, системски реформи, медиумски слободи, фер-избори, сето тоа ќе остане на ниво на фрази и ќе падне во втор план, пред главниот приоритет: справување со бегалската криза. Во оваа насока, за ЕУ најбитно ќе биде ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да се согласуваат. Се друго ќе и биде ирелевантно“, смета Петковски.
Нов предлог
Извесноста дека „надворешни околности“ повеќе од внатрешните реформи ќе влијаат на исходот од кризата, е и една од причините што преговорите во Работната група изгубија енергија: нема доближување на ставовите, нема резултати... За да се помрднат разговорите од мртва точка, потпретседателот на СДСМ и член во Работната група, Дамјан Манчевски, вчера соопшти дека тие се подготвени да отстапат од своите забелешки во однос на методологиите за прочистување на Избирачкиот список, ако ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА го прифатат предлогот за медиумски реформи на европскиот посредник Питер Ванхауте. Трите партии побарале време да размислат за предлогот.
„Ако има волја, се надевам дека ќе оствариме значаен напредок во наредните денови“, изјави синоќа Ванхауте. Посредникот не ја сокри загриженоста од бавните преговори, од недоволното време за подготовка на изборите и од опасноста во нив да не учествуваат сите.
„Изборите кои не се инклузивни, на кои нема да учествуваат сите партии, е проблем за демократијата и иднината на државата. Затоа ги охрабруваме сите партии да ги преиспитаат своите позиции. Но, тоа не е само одговорност на опозициските партии. Одговорност е и на владејачката коалиција да го направи учеството на изборите атрактивно за опозицијата“, рече Ванхауте.
Уигран тандем
Таквата атрактивност досега не е постигната. Преговорите ќе продолжат во вторник, кога Ванхауте ќе се врати од Брисел. Но, потребата од реформи веќе е во длабока сенка на неформалната изборна кампања што последниве месеци активно ја спроведуваат владејачките партии.
„Се што се случува деновиве, укажува на тоа дека Груевски ќе го засили притисокот за одржување на изборите на 24-ти април“, смета професорот Ѓорги Спасов. Тој потенцира дека на Груевски досега му успеале неколку „проекти“: да оневозможи фер третман на опозицијата во медиумите, да оневозможи реално прочистување на Избирачкиот список, да не биде спречен во позајмувањето пари со кои ќе го корумпира гласачкото тело, да го одложи создавањето услови за функционирање на Специјалното обвинителство, па и покрај сето тоа, да тврди дека договорениот датум за избори не треба да се одложува.
„Тој на своја страна ги има Ахмети и Тачи, кои исто така не би сакале да се создаде простор за зајакнување на нивна опозиција меѓу Албанците. Затоа, сметам дека токму Ахмети, ќе излезе со изјава, исто како по 'црниот понеделник', пред локалните избори во 2013 година , кога рече дека 'ако се одложат веќе закажаните избори, ДУИ ќе бојкотира'. Тоа е уигран авторитарен тандем, кој не е среќен со создавањето услови за фер изборен натпревар по десет години на власт. Затоа СДСМ ќе мора да демонстрира посилен отпор, да ја обедини зад своите аргументи целата македонска и албанска опозиција, да го разбуди граѓанскиот сектор и да стави до знаење дека со ваквите игри на Груевски и Ахмети само ќе ја продлабочат политичката криза“, вели Спасов.
Нова „опозиција“
Но, дел од налитичарите се уверени дека Брисел нема да се грижи за нискиот степен на македонска демократија, ако изборите обезбедат стабилно мнозинство кое ќе одржува „пристојна стабилност“ во земјата, а пред се успешно ќе се справи со пролетниот предизвик - масовни бегалски бранови. За таа цел, Брисел може да замижи и како „опозиција“ да ги прифати партиите кои де факто се поддржувачи на Владата на ДПМНЕ и ДУИ.
Петковски и Спасов ја потврдуваат ваквата можност.
„Груевски ќе компонира некоја 'конструктивна опозиција' од слугите во неговите редови, кои ќе ги претстави како независни партии. На располагање му стојат и Социјалдемократската партија на Македонија на Бранко Јаневски, Социјалдемократската унија на Лазе Еленовски, ГРОМ на Стевче Јакимовски... Има и други, кои за пари би истакнале и независни листи, за да глумат политички плурализам и опозиција. Затоа, пред да биде премногу доцна, СДСМ ќе мора да излезе со сериозно предупредување до сите кои се нафатиле да вршат притисок врз опозицијата. Треба јасно да им се стави до знаење дека без учество на СДСМ и без почитување и на другите датуми од Договорот, датумот за избори не важи. Мора јасно да стави до знаење дека СДСМ не се бори за власт, туку за демократски промени и вредности кои се поважни од мандатите добиени во нефер игра“, потенцира Спасов.