Македонските цркви, трезори на вредни икони и фрески
7 јануари 2013Македонските цркви и манастири се вистински трезори на културното наследство гледано низ призмата на вредните фрески и икони. Неколкуте млади иконописци и зографи од Охрид се еден вид продолжувачи на уметничката лоза без која не би можело да се замисли опстојувањето на македонските црковни храмови. Времето на познатите Михајло и Ефтихиј и далеку подоцна на Дичо Зограф и неговите современици и нивната иконописна традиција била грубо прекината во 16-тиот век со паѓањето на градот под Османлиска власт. Но, никогаш не прекинала, во Охрид скришно виреела во осамените цркви и манастири, за повторно да заживее дури во 19-тиот век. Следниот 20. век не бил мирно тло за христијанската уметност, дури кон неговиот крај и од почетокот на 21-от век започнува сериозното проучување на старите техники на иконопис од страна на младите уметници. Охридските цркви, фрески и икони не се интересни само од духовен, туку и од естетски и уште повеќе од уметнички аспект.
Младите зографи се обединуваат и организираат изложби
Во организација на Заводот и Музеј од Охрид веќе трета година се одржува изложба на икони од современи охридски зографи. Старите техники кои ги изучувале на академиите за уметност во Скопје, Белград, Софија и Букурешт младите иконописци, преку творештво ги пренесуваат и во Охрид.
„Првата изложба беше посветена на историјата на иконописот, втората на технологијата на изработка на икони, а оваа третава е посветена на градот Охрид. Всушност, Охрид е еден од најголемите центри на културната оставнина на икони. Тие како засебна колекција се едни од најпознатите во светот. Можам да кажам дека сум многу задоволен од младите уметници, оддадени се на работата. Се служат со средновековните техники кои се употребени на пример на Света Гора и по други манастири. Дел од нив веќе биле таму и го усовршуваат своето уметничко знаење“, вели Никола Николоски, историчар на уметност и кустос во култниот музејски простор „Куќата на Робевци“.
Икони со вонвременска и вонземска убавина, такви му прилегаат на Охрид
„Создавањето на иконата и фреската за мене претставува голем предизвик. Тоа не е обична уметничка слика или портрет на светител, туку претставува дело преку кое се поврзуваме со Бог. Голема е одговорноста да се создаваат овие дела. Не се работи само за совршенството на потегот и складноста на боите, туку важни се и духовноста и вербата на зографот, кои потоа се чувствуваат и зрачат од секоја икона со една вонвременска и вонземска убавина. Секако посебен поттик и инспирација ми даваат и до денес недостижните дела на старите мајстори и мислам дека треба се држиме до традицијата при изработката, како од технички, така и од стилски аспект, нормално оставајќи еден свој современ белег“, вели Цветлана Кочоска од Струга, дипломиран историчар на уметност и со иконопис се занимава повеќе од 10 години.
Слично размислува и нејзиниот колега Ванчо Димоски од Охрид. „На традиционалната изложба на икони учествувам со четири икони изработени, оваа 2012 година. Иконите се копии од Хилендарската збирка на икони и други од нашите краишта. Сликани се на соодветен туткален грунд со јајчана темпера на начин од старата технологија практицирана во 13-титот и почетокот на 14-тиот век. Всушност, тоа е најплодниот период во иконографијата и фрескоживописот на ликовен и технолошки план на овие простори. Нормално, денеска за тоа сведочат голем број уметнички дела од тој период. Се стремам користејќи соодветен сликарски материјал, да внесам и нешто авторско“.
Да се води сметка кој слика икони и кој прави фрескоживопис
Од учесниците на изложбата Драган Ристески- иконописец и зограф е најискусен во оваа област. Зад него се над 2000 изработени икони и фрескоживописи во повеќе од 30 православни цркви во Македонија и надвор од неа. Според него загрижувачка е појавата која трае над две децении, црковните одбори да ангажираат нестручни лица за изработка или реставрација на фреските и иконите.
„Често ми се случува да сум ангажиран да пресликувам цели сводови и цркви, кои претходно ги работел некој друг и кои не кореспондираат со каноните на МПЦ ОА. Тоа се случува и поради непостоењето на стручни тела во самата црква кои би требало да даваат дозвола за овој вид активности. Крајно време е црквата да се сврти кон квалитетот, а не само кон пониските цени и лошиот квалитет. Црквите не го заслужуваат тоа, а најмалку верниците кои ги градат овие објекти од љубов и почит кон православната религија“, вели Ристески.