Македонски фотографии од вселената во светски медиуми
27 мај 2012Стојан Стојаноски има 24 години и е пред крај со студиите по информатика и програмирање. Пред осум години сосема ентузијастички и аматерски започнал со откривање и фотографирање на појавите на небото над Охрид.
„Преку двоглед го фотографирав затемнувањето на Сонцето и тие мои први фотографии ги објави Астрономското друштво од Скопје на нивната веб страница. Веднаш потоа ги презедоа интернационалните http://www.spaceweather.com и http://www.space.com со кои често соработуваат и научници од НАСА“, вели Стојаноски.
„Една година потоа, во консултација со далеку поискусните луѓе од Астрономското друштво, купив телескоп и тргнав во акција, фотографирајќи неколку затемнувања на Сонцето и Месечината. И тие фотки го најдоа патот до вљубениците во астро-фотографиите и следеа добри коментари по сајтовите и социјалните мрежи, кои ме правеа среќен“, објаснува Стојан.
Кога астрономијата е повеќе од хоби
Тој со двогледот ја набљудувал само Месечината, а со телескоп ги откривал недопирливите убавини и на Јупитер, Сатурн и Марс. Тој признава дека му недостига дополнителна квалитетна опрема со која идните астро-фотографии би биле уште поуспешни.
Кога се работи за астрофотографиите Стојан не осамен во Охрид. Од неодамна со него фотографира и дипломираниот инжинер по електротехника Сашо Божиноски. Заедно фотографирале неколку затемнувања на Месечината и едно на Сонцето. Фотографиите објавени на веб сајтовите, Фејсбук и интернет, па дури и на CNN I Riport досега не им донеле хонорари. Но, обајцата се среќни што токму нивните фотографии се одбрани да одбележат некоја несекојдневна природна појава. Мигот кога ќе им побараат да го пренесат авторско право ги прави посебно среќни. И, приказната на Сашо за астрономијата е слична. Со години читал, откривал, просто ја голтал достапната литература која се однесува на вселената.
„Сум минувал ноќи и ноќи следејќи ги промените на небото без никакво помагало. Подоцна со обичен двоглед многу нешта можев да видм, а со телескоп е феноменално. Гледаш некои работи што дотогаш си можел да ги видиш само на телевизија или на фотографии. На пример, како прстенот околу Сатурн“, вели Сашо.
Светот ги виде нивните фотографии од Супер Месечината
Двајцата се разочарани што македонските веб сајтови, на пример, за да го одбележат последниот феномен Супер Месечина употребувале фотографии од странски автори.
„Не само што забораваат на нас како аматери - ентузијасти, туку сајтовите, а преку нив и Македонија ја губи шансата за бесплатна промоција низ светот“, изјави Стојан Стојаноски.
„Нашите фотографии се посебни. Чекавме цела ноќ да го фатиме мигот. Изгреа Месечината ја снимивме и го чекавме трпеливо нејзиното заоѓање. Плус снимивме и видео на изгрев и залез, при што 30 минути ги забрзавме во траење од само една минута“, ни раскажуваат младите ентузијасти.
Следната случка што им е предизвик е блиску. На 6-ти јуни планетата Венера ќе помине пред Сонцето. Си посакуваат ведра ноќ за фотографиите да бидат уште поуспешни од претходните. Стојан и Сашо посакуваат да набават дополнителна опрема со која ќе можат да ја фотографираат Андромеда - најблиската галаксија до планетата Земја.
Претпоставка е дека луѓето не се сами во вселената
„Не знам, едноставно не знам. Шансата да постои одредена форма на живот на друго место, освен на планетата Земја е голема. Претпоставки се дека има живот и во самиот Сончев систем. Огромна е нашата галаксија, а уште повеќе вселената“, додава Сашо.
„Сигурно е - во вселенава не може да сме сами. Често слушам шега или вистини дека Марсовците ќе не окупираат. Не верувам - се плашат од нас“, вели Стојан.
И тие сонуваат да не се сами во оваа област. Желни се да им се придружат и други луѓе од Охрид и околината, да формираат здружение, но се свесни дека астрономијата и астрофотографијата не се за широк круг луѓе. Најавуваат изложба на сопствени фотографии, а ќе отворат и сајт со информации за оваа специфична област.