Македонци бестрашни и Македонци страшливци
16 октомври 2019Во 2011 година кога добив можност да ја посетам Австралија, имав прилика одблизу да се запознам со животот на нашите иселеници таму. За три дена колку што престојував некако како да ме погоди онаа приказна за македонскиот лонец. Она кога било кој Македонец кој ќе успее да се избори да излезе од лонецот некој друг Македонец ќе го повлече надоле. За никој да не успее. Уште на почеток сакам да потенцирам, а имајќи ја во предвид атмосферата која владее во нашето општество тоа повторно ќе го направам и на крајот од оваа колумна, дека ова што го говорам не е критика за нашите иселеници во Австралија, напротив, ова е критика за нас тука. За нас. За што станува збор? Одејќи и разговарајќи со Македонците во Австралија дознав дека таму постојат имагинарни поделби на Македонци бугараши, Македонци србомани, Македонци Егејци, Македонци Југословени, Македонци удбаши, Македонци вардарци, Македонци комуњари, Македонци патриоти и веројатно уште некои Македонци кои не сум ги запомнил. За трагедијата да биде уште поголема сите овие беа поделени уште по една основа, тие што одат во црквата под раководство на МПЦ и тие што не се согласуваа со владиката Петар. Ни повеќе ни помалку, туку 16 видови Македонци. Поточно кажано Македонците поделени на 16 дела. Трагедија. И сите овие Македонци и мислат подобро на Македонија од другите Македонци, кои и мислат лошо.
Овде дома тоа беше засилено со уште една опасно лоша поделба, на наша и ваша Македонија. Согласно оваа номенклатура постојат две Македонии. Значи, не само што Македонците се поделени, туку сега постојат и две Македонии, наша и ваша Македонија. Надреално, ама вистинито. На ова се додаде поделбата на предавници и патриоти, поделбата по верска основа на православни и муслимани, антички и Словени, поделбата на сељаци и фраери (граѓани) и на крај најважната поделба на сите поделби, онаа по политичка линија. Капак на се` ова е етничката поделба. Во ова множество на поделби се јави еден трагикомичен феномен, Хунзите да ни станат браќа, а со родените браќа да се искараме по некоја од овие линии на поделби. Наеднаш за браќата Хунзи бевме подготвени да се скараме со родениот брат, или со првиот сосед.
Поделба по поделба
Откако вака добро се поделивме и тоа што остана повторно и повторно го поделивме на оние кои велат никогаш северна и на северџани. Северџаните од она што можам да го разберам се сите оние кои на последниот референдум излегле на гласање за или против прифаќањето на Преспанскиот договор. Тоа се нешто повеќе од 660 илјади полнолетни граѓани и граѓанки на Македонија. Ние самите во недостаток на идеја за нова поделба, смисливме дека покрај Македонците постојат и други Македонци-немакедонци кои од оние правите Македонци беа наречени северџани. Да повторам, над 660 илјади полнолетни граѓанки и граѓани наеднаш беа како со декрет однародени. Ако тука се вкалкулира и бројот на малолетните членови на семејствата на северџаните оваа бројка ќе се приближи до бројката од 800 до 900 илјади северџани. Значи од околу 2 милиони граѓани, скоро половина се северџани. И да сакавме не можевме да си смислиме подобра и поправедна поделба. На пола, така како што си е и редот. Онаа старата Цезарова максима раздели, па владеј кај нас не е потребна. Ние како да не сме ни составени. Кај нас е само владеј. Кој ќе стигне. И што е најинтересно сите сме во право. Никој од нас не греши. Секогаш другиот не е во право.
Патриотите Македонци сметаат дека предавниците северџани како неразбрани трговци за пари ја продале каузата и македонските национални интереси. Името го продале за власт, за пари, за слобода. Од друга страна северџаните сметаат дека патриотите се всушност лажни патриоти и дека нивната наводна борба за зачувување на уставното име било единствено борба што е можно подолго да се задржат на власт и да ги уживаат придобивките на власта. Еден пријател од патриотите ми вели дека нашето членство во НАТО било стратешки интерес на Америка, и затоа дури и да не го сменевме името ќе влезевме во НАТО. Гордо и достоинствено под името ФИРОМ. Друг пријател северџан ми вели дека 28 години се лажеме и надеваме дека може да успееме и во НАТО и ЕУ да влеземе и името да го зачуваме и дека не може да поднесе да изгубиме уште толку децении за да фатиме приклучок со развиениот свет.
Кому да веруваш, на патриотите или на северџаните?
Си замислувам, да не го сменевме името и да влезевме во НАТО и ЕУ тоа ќе беше феноменално, перфектно, најпосакувано сценарио, но дали беше тоа реално и можно? Под кое име така ќе влезевме во НАТО и ЕУ, под привременото ФИРОМ или како Република Македонија? Од друга страна, си мислам, ако не се најдеше компромис со Грција ќе доживеевме Албанија да отпочне преговори за членство со ЕУ, а ние повторно ќе останевме заглавени некаде во формулациите. Потоа за неколку години или деценија можеби и Косово ќе почнеше преговори, а ние повторно ќе имавме позитивна препорака која немаше да стигне на дневен ред. Веројатно и Босна и Херцеговина пред или потоа ќе се приклучеше на тоа европско семејство.
Дали ова ќе можевме да го преживееме како нација и држава? Дали политичките, безбедносните и економските кризи немаше циклично и брзо да ни се повторуваат и да не разоруваат? Дали можеби ќе се повампиреа некои идеи за големи држави, а ние ќе бевме жртви на тие сценарија? Некој ќе рече страшливци не можат да водат држава. Јас ќе речам одлична идеја за нова поделба- Македонци бестрашни и Македонци страшливци.
Ако продолжиме вака, гордо, достоинствено и храбро ќе се истребиме. Тогаш кога ќе остане последниот Македонец и тој на пола ќе се самоподели.
Не сакам да бидам погрешно сфатен, па ова да се интерпретира дека застапувам став согласно кој сите треба исто да мислиме. Јас сум антикомунист и сметам дека правото на сопствено и различно мислење е едно од најзначајните права кое треба да се почитува и негува. Никој и никогаш не смее да има било какви консеквенции за јавно искажан став, освен се разбира ако со тоа не повредуваат нечии други права. Но, едно е да имаме различно мислење за едно или за сто прашања, ама друго е да сме подготвени да го мразиме најблискиот само затоа што не се согласуваме по некое прашање. Прашање кое најчесто е смислено и намерно наметнато како проблем за некој од таа расправа или поделба да извлече некоја друга поврзана или неповрзана, најчесто политичка корист.
Кога политиката се базира на паролата или си со нас или си против нас па затоа мора да те уништиме, како и на потребата политичарите да креираат што е можно подлабока поделба за да изградат систем на квази религиозна, на моменти и слепа поврзаност на гласачите со партијата, резултатот секогаш ќе биде ваков.
Затоа, треба да се појави некој кој ќе не обедини. Ќе не обедини и нема да не владее, затоа што нели, може да не владее само оној кој (ќе) не подели.
П.С. Како што ветив, да повторам, ова што го пишувам, не е критика за нашите иселеници во Австралија, напротив, ова е критика за нас тука. За нас!