1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон бега нанапред

Бернд Ригерт
6 март 2019

Во млаката и заморена кампања за европските избори, францускиот претседател презеде иницијатива и инсистира на реформи. Динамичните обиди за реанимација за ЕУ се повеќе од добредојдени, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3EV9x
Frankreich Macron Auftakt Bürgerdebatte in Grand Bourgtheroulde
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Францускиот претседател Емануел Макрон следи вешта комуникациска стратегија. Со истовременото објавување на неговиот повик за реанимација на Европа во 28 весници, тој ја одреди европската политичка дебата во следните неколку дена. За визиите на Микрон се зборува насекаде, барем меѓу оние Европејци кои уште читаат весници. Но, прашање е дали на тој начин ќе допре до „гневните“ граѓани кои во Франција носат жолти елеци, а во Велика Британија ги веат знамињата на Брегзит.

Но, тој барем нешто нуди и покажува амбициозни цели, за разлика од други политичари во Европа, како германската канцеларка Ангела Меркел која порадо се повлекува, или унгарскиот премиер и италијанскиот министер за внатрешни работи, кои проповедаат суморен национализам. Пред хаотичниот обид на Британците да ја напуштат Унијата, францускиот претседател нуди противнацрт – ренесана на, според негово мислење, загрозената Европа.

Делумно веќе познато, делумно радикално

Предлозите делумно се веќе познати од порано, како на пример – заедничката заштита на надворешните граници на ЕУ; но делумно и радикални, како оној за заедничко ориентирање на сите политички сили во борбата против климатски промени. Макрон истовремено сугерира воспоставување цела низа нови институции: од една малку реалистична агенција за заштита на демократијата, до инвестициона банка за прашања околу климата, која можеби би имала поголеми шанси за имплементација. Макрон пред 18 месеци одржа говор во кој изнесе цел каталог барања, за кои само за некои постојат изгледи да бидат остварени, иако многу бавно, како на пример заеднички буџет на еврозоната.

Повеќе:

Макрон во офанзива за реформирање на ЕУ

Опасен судир меѓу Франција и Италија

Новиот Елисејски договор треба да ја обнови ЕУ

Емануел Макрон се гледа себеси во улога на брз мислител. Вториот дел од француско-германскиот тандем, германската канцеларка Ангела Меркел, има улога на разумен реалист, која визиите ги редуцира на она што е остварливо. Но Макрон, кого го притискаат проблеми на внатрешнополитички план, нема веќе трпение да чека на Меркел. Тој јурнува напред, а таа ќе го следи со одолговлекување. Навистина, двајцата најважни еропски политичари тукушто во јануари во новата Ахенска спогодба го фалеа заедничкото движење нанапред на европско ниво, но практичната политика изгледа малку поинаку. 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Со своите барања, европските фирми да бидат заштитени од американска и кинеска конкуренција, Макрон реагира на протекционизмот и надојдувачките трговски војни. Со барањата за затворање на границите на Шенгенскиот простор за мигранти и да се воспостави рестриктивно право на азил во ЕУ, тој реагира на потребата за заштита на бројни Европејци, што всушност им дава поттик на десничарските популити и националисти. Во секој случај, тој инсистира на распределба на мигранти во сите земји на ЕУ, што би можело да предизвика жестоко спротивставување кај неговите „омилени непријатели“ во Унгарија и во Италија.

Конечно дебата

Писмото упатено до Европејците, три недели пред можниот Брегзит и 12 седмици пред европските избори, секако не е само дел од предизборната кампања, која Макрон реторички многу завиено ја стилизира во судбинско прашање. Со неговото движење, динамичниот предизборен борец во иднина сака да го одредува и парламентот во Стразбур и за таа цел ги мобилизира проевропските сили. Крајно време е некој сериозно да ја започне изборната кампања. Досегашните кавги меѓу популистите и либералите предизвикаа само замор. Сега би можело да дојде до вистинска дебата.

Веќе на крајот на годината реформските предлози на Макрон можеа да се чујат на „Европската конференција“. Францускиот претседател не ја исклучува можноста од промена на европските договори. Тоа е храбро, зашто и во самата Франција народот би можел да гласа за фундаментални промени. Гонет од демонстрациите на „жолтите елеци“ и ниските квоти на поддршка на неговата политика, Макрон „бега“ напред. А тоа би можело да биде добро за Европа.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија