Мас за ДВ: Нема алтернатива за членството во ЕУ
13 ноември 2019ДВ: Одбивањето на ветениот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија беше тежок удар за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ. Одите во Скопје за да ѝ изразите солидарност на владата. Што конкретно ќе понудите?
Хајко Мас: За Германија е јасно: земјите од Западниот Балкан се интегрален дел на Европа, а нивната иднина е во ЕУ. Едно огромно мнозинство членки на ЕУ се заложија за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, затоа што тоа е и во наш стратешки интерес. Сепак, потребна ни е едногласност во ЕУ, и на тоа работиме. Германија со сите сили се залага да изнајдеме заедничка позиција во ЕУ и со тоа наскоро да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа во Скопје јасно ќе го ставам до знаење.
Не е на повидок можноста да ја прегласате Франција, претседателот Макрон или другите противници на проширувањето. Која е Вашата стратегија за Западниот Балкан, доколку во ЕУ и натаму се блокира проширувањето? Што ќе прави тогаш Германија?
Силата на ЕУ е во тоа и за тешки теми да успева да наоѓа решенија. Уверен сум дека тоа ќе ни успее и овојпат. Претседателот Макрон објасни дека освен натамошни реформи во Албанија и Северна Македонија смета дека се неопходни и реформи на процесот на проширување. Во следните недели ќе водиме интензивни расправи за тоа во ЕУ.
Но, она што е еднакво важно: Албанија и Северна Македонија мораат непречено да го продолжат започнатиот реформски процес и да постигнат натамошен напредок. Сега преостанува преку успеси да се разубедат и малкуте преостанати скептици. Германија и натаму многу ќе се ангажира за да ги поддржи земјите од Западниот Балкан на патот кон ЕУ.
Што очекувате од Северна Македонија и Албанија во оваа тешка ситуација?
Сакам да ги охрабрам Северна Македонија и Албанија - како и другите земји во регионот- да останат на реформскиот курс од уште една причина: Реформите не служат само за приближување кон ЕУ, тие се важни и затоа што се од интерес на граѓаните. Зајакнувањето на правната држава, како клучен услов за борба против корупцијата и организираниот криминал, тоа се основните задачи на секоја влада, која се грижи за иднината на својата земја. И опозицијата сноси одговорност: Политичкото ривалство и конкурентните идеи, кои се нормални и неопходни во демократијата, не смеат да ја попречуваат државата во нејзиниот развој.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, ја поврза својата политичка судбина со почетокот на преговорите. Земјата сега е пред вонредни избори. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, отворено го отфрла Преспанскиот договор и најавува дека истиот ќе го анулира доколку дојде на власт. Што ќе сторите за да го спречите тоа?
Преспанскиот договор со право се смета за историски. Северна Македонија и Грција решија еден тридецениски спор. Договорот ја отвори вратата за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Со тоа, обете земји станаа пример за регионот, но и пошироко. Тие покажаа дека и навидум непремостливи конфликти со лидерство, храброст и далекугледост можат да се решат и дека се можни и тешки компромиси. Наскоро ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија како 30 членка на НАТО. И една од пречките на патот кон ЕУ со тоа беше отстранета. Не можам ни да си замислам дека некој сака сето тоа да го уништи и да ја одведе Северна Македонија во меѓународни рамки во еден ќорсокак.
Треба ли Северна Македонија и Албанија да се одвојат од процесот на преговори со ЕУ?
Во процесот на приближување секоја земја се оценува поединечно согласно своите постигнувања. Во 2018 година Европската комисија утврди дека како Северна Македонија, така и Албанија, ги исполнила условите за почеток на преговорите од аспект на успешните реформски чекори. Беше дадена препорака двете земји да ги започнат преговорите. Во мај 2019 Комисијата ја обнови препораката. Германската влада го споделува ставот на Европската комисија и се залага за почеток на преговорите со двете земји. Тоа е нашиот став и понатаму.
По последниот самит на ЕУ во јавноста циркулираат разни алтернативи за регионот: Мини-Шенген, норвешки модел... Како ги оценувате овие алтернативи за членството во ЕУ?
Ние не гледаме никаква алтернатива за процесот на пристапување кон ЕУ, доколку сакаме да поттикнеме искрени и одржливи реформи - во прв ред во делот на владеењето на правото. Прашањето, дали актуелниот процес може да се подобри, од моја гледна точка е нешто друго.
Подобрувањето на регионалната соработка го надополнува процесот на приближување кон ЕУ. Од подобрувањето на добрососедските односи и економската соработка профитира секоја од шесте западнобалкански земји. Тоа го прави Западниот Балкан поатрактивен во целина. Преку Берлинскиот процес со години ги поддржуваме овие напори и веќе постигнавме многу, на пример со формирањето на Регионалната младинска организација (РИКО), а практично - преку намалувањето на трошоците за роаминг.
Додека ЕУ делува поделена и парализирана во однос на Западниот Балкан, а со тоа ги губи влијанието и веродостојноста, САД стануваат сѐ поактивни. Идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово е повторно на маса. Што нудат Германија и ЕУ наспроти тоа и како го оценувате руското влијание во регионот?
ЕУ нуди перспектива на живот во слобода, сигурност и релативна благосостојба. Никој не нуди сличен модел. Притоа, ЕУ и натаму е најважниот инвеститор во регионот со помошта од милијарди евра и бројни советнички инструменти. Само Германија се ангажира дополнително на билатерално ниво секоја година со стотици милиони евра. Што се однесува до идејата за размена на територии и промена на границите меѓу Косово и Србија, ние не веруваме дека тоа ќе придонесе за стабилноста во регионот. Она за што ние се залагаме е брзиот рестарт на дијалогот под покровителство на ЕУ со цел постигнување на сеопфатен договор кој ќе им овозможи на обете земји да се приближат кон ЕУ. Исто така посакуваме и конструктивна соработка со Русија, иако имаме различни ставови. Разбираме исто така дека е важно да се градат добри односи и да се негуваат блиските културни врски. Но тоа не е во спротивност со членството во ЕУ.