1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумите во канџите на автократите

Фолкер Вагенер
25 април 2018

Европејците сакаат да се сметаат за „најдобри во класот“. Слободата е света, исто како и слободата на медиумите. Нејзината ситуација меѓутоа не е најдобра, барем не во источна и југоисточна Европа, оценува Фолкер Вагенер

https://p.dw.com/p/2wdm8
DW-Karikatur von Sergey Elkin - Pressefreiheit und Verhaftungen
Фотографија: DW/S. Elkin

Добивме писмо од Унгарија. Поранешен висок службеник во унгарското Министерство за надворешни работи на Дојче веле му напиша како тој и илјадници други загубиле работа во текот на изминатите години. Тој би сакал да ја појасни позадината на неговата демисија и масовното отпуштање несакани државни службеници и новинари во Орбанова Унгарија. Прашува дали Дојче веле тоа би го објавило. Да, можеме да го објавиме. Веќе и само поради фактот што нему тоа во неговата татковина веќе не му е можно. Тоа никој не го објавува, а и кога тоа се прави, тогаш иднината на тој медиум не е добра.

Писмото од Будимпешта и годишниот извештај за слободата на печатот во светот што го објави Репортери без граници се поклопија како „лонче и поклопче“. Унгарија, некогаш прототип на источноевропска земја за пример, по прашањето на слободата на печатот бележи пад од 50 места и се наоѓа на 73. место на ранг-листата. Во останатите делови на источна и југоисточна Европа не е многу подобро. Дури е и полошо.

Бугарија: Најлошиот во Европа е ЕУ-претседавач

Во меѓувреме - види ги Малта и Словачка - за истражување на вистината дури и се умира. Или обратно: поради непријатните вистини и политички и криминални свињарии дури и се убива. Накусо - Европа источно од поранешната идеолошко-политичка завеса е повторно медиумски кризен регион. Кој вели дека такви работи се случуваат само во Африка и Азија?!

Wagener Volker Kommentarbild App
Фолкер Вагенер, автор на коментарот

Тоа најдрастично го покажува „бугарскиот пациент“. Земјата која во моментов претседава со ЕУ се наоѓа на 111 место од 180 земји. „Фенерџија“ во Европа. Ниту ние Германците, со нашето 15. место, не смееме многу да делиме лекции. Овој резултат уште некако и се вклопува во нашите претстави за себеси како најдобри во класот, но не е причина за да му попуваме на Истокот.

Повеќе: Слобода на печатот: Македонија меѓу најлошите во регионот

Проблем има пред сѐ ЕУ. Кога францускиот претседател Емануел Макрон сака економски да ја подели ЕУ во две категории со различни брзини, тогаш тоа и тоа како важи за медиумската реалност. Токму државите на Вишеградската група, кои според мерилата на Истокот се елитни, во моментов непристојно многу се мешаат во делувањето на слободниот збор.

Унгарија на 73. место, Полска на 58., Словачка на 27. и Чешка на 24. место - тоа е бедното свидетелство за земјите кои радо се гледаат себеси во срцето на Европа.

Алтернативни гласови однадвор со нова тежина

Минатата недела во Унгарија еден медиум кој му е послушен на Орбан објави т.н. „црна листа“. На прво место на оваа листа беше еден од најнесаканите странски дописници - репортерот на ДВ, Кено Ферзек. Листата претставува двоен сигнал.

Таа е одраз на унгарската медиумска реалност според мотото на Орбан, кој сака да практикува илиберална демократија, па консеквентно на тоа и медиумското милје се тренира на „илибералност“. Вториот сигнал е оној кој би требало да биде регистриран од страна на Брисел, но и од страна на Берлин и Париз. Доброто старо радио за странство би можело повторно да доживее ренесанса во дигиталното онлајн-време, и тоа како алтернативен глас однадвор. Кога полската партија ПиС и унгарската Фидес, кои фактички веќе инсталираа автократии, ставаат монопол на „единствените и исклучиви вистини“, имено нивните вистини, тогаш мора да се бараат алтернативи. Не случајно токму во Берлин веќе се формираа некои национални кружоци на новинари. Порано ги нарекувавме дисиденти.