Германија ќе одобри попуст на горивата?
14 март 2022Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер најавува дека владата „наскоро“ ќе донесе одлуки во врска со многу зголемените цени на енергијата и горивата. Потребни се „брзи и флексибилни решенија“, вели Линднер и оценува дека државата не смее да ги остави луѓето сами во кризата. Пакет мерки за олеснување на товарот од зголемените цени најави и министерот за економија Роберт Хабек.
Можен попуст при полнење бензин
Сѐ уште е нејасно како би изгледале мерките на владата. Според весникот „Билд“, Линднер има намера да обезбеди олеснување за возачите со воведување на попуст на бензинот. Министерот за финансии сака воведување на утврден попуст на цената на горивата, со кој цената ќе се притиска кон границата од две евра. Попустот би можел да изнесува 20 центи по литар, но може да биде и поголем, пишува „Билд“.
Оваа идеја не е нова. Во Франција е веќе најавен попуст од 15 центи за литар. Субвенцијата треба да почне да важи од 1 април и нејзиниот рок засега е ограничен на четири месеци. Тоа ќе ја чини Франција околу две милијарди евра, објасни премиерот Жан Кастекс.
И економијата бара помош
Порадивисоките цени на енергијата страдаат и компаниите. Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) предупреди од експлозија на трошоците за компаниите и од владата побара краткорочни мерки за стабилизација. Според ДИХК, неопходне е намалување на давачките за државата и на данокот на електрична енергија, па дури и ако е потребно - директни ургентни дотации.
- повеќе: Војната во Украина предизвика хаос на пазарот на суровини- вртоглав пад на акциите
Сојузот на германски шпедитери БГЛ стравува дека е можно да дојде и до криза во снабдувањето. Се закануваат „празни полици“ во суперпаркетите, изјави претседателот на сојузот БГЛ, Дирк Енгелхарт. Сѐ повеќе шпедиции не можат да ги покријат трошоците за гориво, ситуацијата е „значително потензична отколку во пандемијата“, предупреди Енгелхарт за весникот „Билд“. Според него, се заканува „најлошата криза во снабдувањето во последните 70 години“.
Ирската влада веќе дејствува и на возачите на камиони им дава по 100 евра неделно како поддршка во кризата. Оваа мерка засега е ограничена на осум недели, а потоа ќе биде разговарано и за евентуално продолжување. Пред неколку дена владата во Даблин најави и намалување на данокот на бензин и дизел. Данокот на бензин треба да се намали за 20 центи, а на дизелот за 15 центи за литар.