„Метла 2“ се одлага - ДУИ го кочи планот на Заев?
9 јули 2019Власта не е подготвена за старт на смената на 200 функционери која премиерот најави дека ќе стартува од денеска. Во изминатите две недели Зоран Заев неколкупати најави дека на 9 јули ќе бидат донесени одлуките за смена на директори, заменици министри, членови на управни одбори, надзорни одбори, директори на локално ниво. Или, како што ја нарече, севкупна политичка и општествена промена на повеќе од 200 луѓе. Но процесот повторно се одлага. Така барем изјавил премиерот за ТВ 21, а како причина за одложувањето ги навел разговорите со кандидатите кои сѐ уште биле во тек.
Во сличен тон е и изјавата на вицепремиерот Бујар Османи кој без да изнесе конкретни детали кажа дека разговорите сѐ уште траат.
„Овој процес сѐ уште не заврши. Дебатираме во партијата во однос на овој аспект, но и со коалицискиот партнер за да ги пополниме местата. Така што, во моментов нема нешто конкретно. Разговараме. Во моментот кога ќе има конкретни имиња или промени, јавноста ќе биде информирана навреме“, изјави Османи.
Повеќе:
Метла во континуитет: СДСМ воведува нов систем на делување
Името на промените: едни за метла, други за ветинг
Уцени и пазарења
Ваквото образложение на партнерите во власта сепак не делува убедливо. Посебно не, ако се земе предвид најавата на Заев, кој убедливо соопштуваше дека клучните смени се веќе готова работа. Ако било така, тогаш каде запнала работата? Добро упатени извори за Дојче веле коментираат дека целиот процес е сериозно контаминиран уште во самиот старт:
„Има незадоволство и отпор во СДСМ, но клучната кочница е во ДУИ. Таму има структури кои не сакаат да слушнат за повлекување на дел од функционерите. Не само од позициите во министерствата, туку и во јавните претпријатија, па и кај пониските ешалони. Работата е доста сериозна, да не кажам критична за функционирањето на коалицијата. Побитни им се партиските и личните интереси, отколку државните. Од она што го знам, премиерот е решен процесот да го истурка до крај и тешко дека ќе се повлече“, коментира за Дојче веле функционер кој е инволвиран во целиот процес.
Функционерите на ДУИ незаменливи!?
Дека целиот процес шкрипи навести министерската метла која опфати пет ресори, меѓу кој и оној за финансии. Јавноста уште тогаш реагираше дека промените се само козметички, а единствената вистинска метла била само кај Драган Тевдовски кој тивко си замина од овој клучен ресор, кој до изборот на нов министер е под контрола на премиерот. Ваквиот епилог уште во старт предизвикал нервоза кај ДУИ, чиј кадар е заменик министер во финансии.
Ваквиот развој, според дел од упатените, само потврдува дека власта има сериозен проблем да се справи со предизвикот:
„Генерално, секаде е проблем, во целата извршна власт. Не само во Владата, туку и министерствата, агенциите, јавните претпријатија. Проблемот е и во ДУИ, но и во СДСМ. Очигледно дека немаат кадри, квалитетни кадри кои треба да придонесат за оној подобар живот, што стана еден вид флоскула. Што и да направи сега премиерот паѓа во вода поради она што го направи претходно со онаа бледа шминка во Владата. Ако економијата не ни појде, каде е да се смени министерот за економија, локална самоуправа дојде да се менува, па и културата. Срамота е да имате ваков кадар кој ќе раководи со ресорот за политички систем. Јас не знам кои се тие функционери од ДУИ кои се толку незаменливи. А притоа немаат никаков капацитет“, реагира политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.
Во вакви услови, според него, не треба да се биде оптимист дека ќе се случи нешто спектакуларно:
„Генерално мислам дека не треба да се очекува ништо специјално. Се работи за изнасилена шминка како резултат на притисокот во јавноста. Најглавното каде досега требаше нешто да се направи - да се сменат министрите кои што навистина не функционираа - тој ги остави. Односно стави уште понеспособни на нивни позиции. А оние кои требаше да се сменат, не беа сменети. Затоа не очекувам нешто повеќе од директорите или оние коишто се неуспешни во нивната работа. Не сум оптимист, напротив - песимист сум“, коментира Кекеновски.
Долг список за „Метла 2“
И додека траат коалициските пазарења, во јавноста веќе се објавуваат имиња на директори од редовите на ДУИ, кои се дел од списокот за менување. Станува збор за функционери кои раководат со Агенција за странски инвестиции, „Македонска пошта“, „Македонија пат“, „Македонски железници-Инфраструктура", Бирото за јавни набавки, Управата за задолжителни резерви на нафта, Државниот инспекторат за транспорт, Заеднички служби во Универзитетски клинички центар. Осум директори, кадри на ДУИ, кои според најавите треба сигурно да заминат.
Но списокот, според најавите, е доста подолг и треба да опфати и раководни структури кои доаѓаат од редовите и на другите коалициски партнери. Премиерот Зоран Заев најави дека смената во вториот ешалон на власта ќе опфати од 20 до 25 директори. Дополнително е неизвесно и кои ќе бидат замениците министри кои ќе треба да заминат од своите функции. Досега, оставка поднесе само заменик министерот за образование Петар Атанасов.
Промените - предизборно ветување
Таканаречената метла премиерот Зоран Заев ја најави уште на 22 април, пред вториот круг претседателски избори. На предизборен митинг пред граѓаните тој тогаш изјави дека гласачите му испратиле јасна порака дека има големо незадоволство од централната и локалната власт и вети чистка по изборите.
Овој процес започна со комплетна смена на раководните структури во неговата партија. Разрешен беше целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели на партијата, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар на партијата. По извесен период се случи и промената на министрите во ресорите финансии, култура, земјоделие, локална самоуправа, животна средина, рамковен договор и за регулатива и инвестиции на домашни фирми.