1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на ЕУ во сенка на драмата околу Брегзит

Бернд Ригерт
13 декември 2018

Британската премиерка Тереза Меј дома се бори околу Брегзит-договорот со ЕУ. На самитот на ЕУ би требало да ѝ се помогне, но нема желба за какви било промени на договорот. ЕУ има и други проблеми.

https://p.dw.com/p/3A0JW
EU-Sondergipfel zum Brexit in Brüssel
Фотографија: Reuters/D. Martinez

По преживеаното гласање за недоверба во сопствената партија, Тереза Меј денеска учествува на самитот на ЕУ. „Таа доаѓа, но проблемите остануваат“, коментира дипломат на ЕУ во Брисел. Дали Меј ќе има успех во својата намера да добие уште една писмена изјава за Брегзит, е нејасно.

Британската премиерка денеска ќе добие уште еднаш 15 минути време да се обрати на самитот и на останатите шефови на држави или влади на ЕУ да им објасни зошто регулативата за границата помеѓу Ирска и Северна Ирска од британски аспект би требало да се подобри. Конечно, она што беше договорено - Северна Ирска да се поврзе тесно со ЕУ доколку до 2020 година не дојде до нов трговски договор со Обединетото Кралство - беше договорено со согласност на Тереза Меј, на 25 ноември годинава.

Но, Меј не може да го протурка т.н. „backstop“ во парламентот, па постои опасност од пропаѓање на целиот Брегзит-договор со ЕУ.

„Backstop“ е осигурителна мрежа, која е неопходна поради тоа што со Брегзит на ирскиот остров би имало надворешна граница на ЕУ, затоа што Ирска ќе остане во ЕУ, а Северна Ирска, како дел од Велика Британија - не. Но токму тоа на историски чувствителната граница би требало да се спречи, за да не се разгорат старите конфликти помеѓу Северна Ирска и Ирска. Тука е важноста на „backstop“, кој вели дека доколку ЕУ и Велика Британија во преодната фаза не дојдат до заеднички договор за трговија, тогаш цела Велика Британија останува во царинска унија со ЕУ, а Северна Ирска и во европскиот внатрешен пазар. Така би се обезбедил слободен проток на стока и би се избегнале гранични контроли.

„Поради тоа што се доближуваме до можноста за Брегзит без договор, ЕУ е подготвена да даде уште една писмена изјава“, вели висок ЕУ-службеник пред самитот. ЕУ, на пример, би можела да даде уверување дека во основа никогаш не би требало да дојде до „backstop“. Дали доцна вечерва навистина ќе биде дадена ваква писмена изјава, е нејасно. Британските и европските преговарачи сѐ уште спорат околу правната форма на документот - нота, договор, протокол, или едноставно политичка изјава.

Повеќе: 

Брегзит под божиќната елка

Одложено ама не и решено – што доаѓа по Брегзит?

Но, на прашањето дали ваков документ од Брисел би им бил доволен на пратениците во британскиот парламент кои се критички настроени кон договореното, веројатно одговор не може да даде ниту Тереза Меј. Првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, ја оцени состојбата во Велика Британија како „сериозна“ и опомена дека подготовките за Брегзит без договор би морале да се интензивираат со оглед на тоа што останува уште малку време за договор.

Освен хаосот околу Брегзит, ЕУ на својот самит има и други проблеми за решавање:

EU-Sondergipfel zum Brexit in Brüssel
За пари ќе се разговара за време на вечератаФотографија: Reuters/O. Hoslet

Буџет

Шефовите на држави или влади на вечерата денеска ќе разговараат за пари. Треба да се договорат буџетските рамки за 27-те држави на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година. Станува збор за 1,3 илјади милијарди евра за седум години. Ова практично требаше да биде договорено уште пред европските избори во мај 2019 година, но дискусиите се жилави. Датумот до кога договорот за буџетот треба да падне сега е - октомври 2019.

Нерешено прашање е кој ќе плати за дупката која ќе настане поради Брегзит и заминувањето на Велика Британија. Еврокомесарот Гинтер Етингер предложи половината од таа дупка да се пополнува со заштеди, а другата половина со повисок придонес од страна на нето-плаќачите (Германија, Франција, Италија, Холандија, Шведска, Данска, Финска, Белгија, Австрија).

Холандија и Австрија не сакаат да плаќаат повеќе отколку досега. Освен тоа, ЕУ-буџетот генерално би требалода се намалува, а не да се зголемува, опомена холандскиот премиер Марк Руте.

Повеќе: Моја Европа: Пари за добрите, казни за лошите?

Многу спорно е прашањето дали добивањето пари од ЕУ-буџетот треба да се поврзе со приемот на бегалци. Популистичките влади на Полска и Унгарија, на пример, се против тоа добивањето пари од буџетот да се поврзува со проблемот - дали една држава е правна држава. Против двете земји во моментов во тек се постапки за проверка на состојбата на правната држава согласно Членот 7 на ЕУ-договорот.

Реформи

Во петок ЕУ-државите би требало да ги постават на нозе реформите на монетарната унија. Европскиот фонд за спас ЕСМ треба да се зајакне, државите од еврозоната да добијат свој буџет за поттик на инвестиции и за поттик на порастот.

Повеќе:Согласност за реформа на монетарната унија

Миграција

Заедничката миграциска политика и натаму останува толку многу спорна, што за нејзе ќе се рагзовара претпазливо и тоа само на маргините на самитот. Пред сѐ источноевропските земји се тие кои одбиваат да примат бегалци. Италија ги затвори своите пристаниша за спасувачки бродови. Во моментов се носи одлука од случај до случај.

Нејасна е и иднината на мисијата „Софија“, која досега по налог на ЕУ спасуваше бродоломци. Мандатот на мисијата истекува на крајот од годинава.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија