Министрите во новата германска влада
Германија има нова влада. Кои се лицата во кабинетот на Олаф Шолц?
Шолц е наследник на Меркел
Олаф Шолц (63) ја донесе својата партија до победа, а сега стана наследник на Ангела Меркел. Шолц добро го познава политичкиот бизнис. Тој со години беше министер и градоначалник на Хамбург. Негов централен проект е зголемувањето на минималната плата.
Шмит, човекот од позадина
Волфганг Шмит (51) е новиот Канцлерамт-министер. Тоа се чини и логично. Се вели дека никој не го познава Олаф Шолц подобро од Шмит. Двајцата се од Хамбург, двајцата работат заедно веќе 20 години. Шмит веруваше дека Шолц може да биде канцелар уште кога тоа на многумина им изгледаше невозможно. Сега ветува дека ќе му дава поддршка на Шолц и ќе му го „држи грбот слободен“ секогаш кога е тоа можно.
Борецот против пандемијата
Карл Лаутербах е изненадување во владата. Многу од граѓаните и политичарите посакуваа тој да биде министер за здравство. Но, тој првично не беше предвиден за таа функција. Сега Олаф Шолц го фали како „стручњак“. 58-годишниот Лаутербах е медицинар и здравствен економист. Во пандемијата беше медиумски сеприсутен, преудпредуваше и укажуваше. Се вели дека сега неговиот ресор има „највисок приоритет“.
Повторно жена за ресорот одбрана
Кристине Ламбрехт претходно беше министерка за правда, а сега заминува на функцијата министерка за одбрана. 56-годишната адвокатка презема традиционално тежок ресор. Таа сака да ја направи воената професија поатрактивна. Мисиите на Бундесверот во странство во иднина треба постојано да бидат евалуирани и секогаш да постои стратегија за излез. Таа е трета жена по ред на оваа функција.
Хајл останува на фунцкијата
Хубертус Хајл (49) ќе го работи она што и досега го работеше - и натаму ќе биде надлежен за ресорот „труд и социјала“'. Тој важи за приземен и прагматичен. Минималната пензија и минималната плата се поврзуваат со неговиот политички профил. За новиот мандат најави дека ќе се бори за повеќе права при работењето од дома (Home-Office).
Гејвиц презема сосема нов ресор
Клара Гејвиц е една од двајцата источни Германци во владата. Таа го добива новото Министерство за градежништво и домување. Годишно би требало да се градат по 400.000 нови станови. 45-годишната Гејвиц потекнува од Бранденбург, каде со години е активна на локално и на покраинско ниво. Во СПД е вицешефица на сојузно ниво. Шолц во неа гледа „многу голем талент“.
За внатрешната политика - силна жена од Хесен
Министерството за внатрешни работи првпат го раководи жена. Ненси Фезер (51) доаѓа од Хесен, каде раководеше со покраинскиот огранопк на СПД и беше шефица на пратеничката група. Таа своето тежиште сака да го стави на борбата против десниот екстремизам и вети добро опремена полиција. Луѓето имаат право на безбедност во земјата, вели таа.
Шулце - нови перспективи за глобални теми
53-годишната Свенја Шулце претходно беше министерка за екологија. Сега го презема Министерството за економска соработка и развој. „Глобалните теми“ ѝ биле секогаш предмет на интерес, рече Шолц при претставувањето на владата. Таа се снаоѓа на „меѓународниот паркет“. Шулце си создаде име пред сѐ во делот на заштита на климата.
Линднер ќе ја чува државната каса
Кристијан Линднер успеа - функцијата министер за финансии важи за најважната функција по канцеларската. 42-годишникот ја води либералната ФДП од 2013 година. Притоа имаше и тешки периоди, време кога партијата беше надвор од парламентот (2013-2017 година). Сега либерал го презема Министерството за финансии, иако на изборите Зелените освоија повеќе гласови од ФДП.
Бушман - правник за ресорот правда
Марко Бушман: 44-годишниот правник е нов министер за правда. Како парламентарен раководител на ФДП тој добро ја познава партијата, работеше на нејзино реформирање во вонпарламентарните времиња. Во изборната кампања се залагаше за либерална корона-политика.
Висинг има искуство со семафор-коалиции
Третата функција од ФДП ја добива актуелниот генерален секретар на партијата - Фолкер Висинг (51). Тој го презема Министерството за сообраќај и дигитални технологии. Висинг има искуство со семафор-коалиции. Во покраината Рајнланд Пфалц тој веќе беше член на ваква покраинска влада. На сојузно ниво Висинг беше дел од малиот круг луѓе кој иницираше први сондирачки разговори.
Штарк-Вацингер сака „образовна револуција“
Четвртото министерство за ФДП е Министерството за образование и наука. Го презема 53-годишната Бетина Штарк-Вацингер. Таа е пратеничка од ФДП во Бундестагот четири години и преговараше за коалицискиот договор. Уште во кампањата се изјаснуваше за образовно-политички теми и објави текст во кој ја претстави својата визија. Таа се залага за „темелна системска промена“.
Надворешни работи наместо Канцлерамт за Бербок
Аналена Бербок (40) беше шпиценкандидатка на Зелените во изборната кампања и успеа да го подобри резултатот на партијата во споредба со изборите во 2017-тата. Но, тоа не беше доволно за да стане канцеларка, меѓу другото и затоа што во текот на кампањата имаше неколку гафови. Сега е избрана за министерка за надворешни работи. Таа, по Јошка Фишер, е втор член на Зелените кој бил на оваа функција.
Хабек - новиот супер-министер
Роберт Хабек (52) е копретседател на Зелените од 2018 година. Во трката за кандидат за канцелар од редовите на Зелените загуби од Бербок. Сега Хабек, по професија филозоф, човек кој беше покраински министер во Шлезвиг Холштајн, стана сојузен министер и тоа во новосоздадениот ресор за економија и заштита на климата. Хабек ќе биде и вицеканцелар.
Ездемир победи во борбата за министерски фунцкии
Поранешниот шеф на Зелените, Џем Ездемир (55), би требало да го преземе Министерството за храна и земјоделство. Пред да падне одлуката се водеше огорчена борба за министерските функции. Шефот на пратеничката група на Зелените, Антон Хофрајтер, кој се вбројува во левото партиско крило, остана со празни раце. „Реалистот“ Ездемир е прв министер со турско потекло во Германија.
Лемке ќе биде надлежна за природната средина
Ресорот екологија, заштита на природата, нуклеарна безбедност и заштита на потрошувачите го презема Штефи Лемке (53). Оваа источна Германка како сојузна раководителка на Зелените 11 години управуваше со судбината на партијата (2002-2013). Лемке има студирано земјоделство. Една од нејзините тежишни точки во Бундестагот беше темата - уништување на морињата.
Шпигел од Мајнц оди за Берлин
Семејство, сениори, жени и младина - министерството надлежно за овие прашања го презема Ане Шпигел. Темата би требало да ѝ е позната, со оглед на тоа што во покраината Рајнланд Пфалц веќе беше покраинска министерка за семејство, жени и младина. 40-годишната Шпигел се вбројува во левото крило на Зелените.
Рот ќе раководи со културата
Клаудија Рот ќе биде надлежна за културната политика. 66-годишната Рот како државна министерка за култура ќе биде надлежна и за Дојче веле. Поранешната лидерка на Зелените е едно од најпознатите лица на партијата. Во претходниот мандат оваа поранешна менаџерка на анархо-бендот Ton Steine Scherben беше потпретседателка на Бундестагот.