1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски ги стокми кандидатите, СДСМ ќе решава вечерва

27 декември 2019

Мицкоски од органите на партијата добил одврзани раце да ги даде кадровските предлози за техничката влада. Не е познато кои се тие. СДСМ ќе решава вечерва.

https://p.dw.com/p/3VNSh
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Македонија е на чекор од формирање техничка влада, откако  владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор да бидат усвоени законски предлози кои се врзани со примена од 1 јануари,  а кои претходно беа блокирани од опозицијата. Наредниве денови ќе бидат тест дали тоа навистина се почитува. Претходно, премиерот Заев во неколку наврати предупреди дека изборите може да бидат одложени сè додека опозицијата во парламентот ги блокира законите  од кои зависат платите, пензиите и инвестициите.  За утре е закажана средба Заев-Мицкоски  на која ќе се водат консултации за предлозите за техничката влада.

Мицкоски кандидат за мандатар

Вчера седници одржаа Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по кои остана непознато кои се кандидатите што партискиот претседател Христијан Мицкоски  ќе ги предложи во техничката влада. Засега е само извесно дека Мицкоски е партиски кандидат за мандатар, и дека ВМРО-ДПМНЕ е уверена во изборна победа.

„Централниот и Извршниот комитет дадоа целосна едногласна поддршка на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, да биде новиот мандатар, односно кандидат за мандатар по завршување на изборите на 12-ти април, на коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе издвојува убедлива победа“, изјави Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

Мицкоски од органите на партијата добил одврзани раце да ги води разговорите и да ги даде кадровските предлози за техничката влада.

„Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера едногласно му ја дале довербата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ги води разговорите и да ги даде предлозите во однос на кандидатите на партијата за идни министри и дополнителни заменици министри во техничката влада. Целта на овие луѓе ќе биде да се погрижат за фер, демократски и целосно транспарентни избори кои ќе се одржат на 12- април“, изјави Јанушев.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Зоран Заев и Христијан Мицкоски - одлучувачки консултацииФотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да предложи технички министери за два ресора: за внатрешни работи, и за труд и социјална политика. Во тие ресори дополнителните заменици министри треба да бидат предложени од владејачката коалиција. Опозицијата, пак, ќе треба да предложи и дополнителни заменици министри во три ресори: финансии, земјоделство, и администрација и информатичко општество.

Јанушев: Не прифаќаме пазарџиска политика

Јанушев како „пазарџиски“ го оцени и отфрли одговорот на Заев, дека тој би го прифатил моделот за „шпицен кандидат“ за кој се залага опозицијата, но доколку и опозицијата го прифати неговиот предлог за една изборна единица.

„Во однос на предлогот на Заев за трампа на кандидат за мандатар за неговиот предлог за изборен модел, треба сега и секогаш да знае дека  оваа пазарџиска политика ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќа. Македонија е многу повеќе од тоа што ја замислува Заев. Пратеничкиот имунитет на кој што се надева нема да го амнестира од никаква одговорност. Ова се сериозни теми кои што мораме да ги водиме врз основа на принципи и аргументи“, рече Јанушев.

Порака испрати и партискиот лидер. Запрашан дали опозицијата има план Б ако нема избори во договорениот термин, Мицкоски вчера во интервју за ТВ „Клан“ одговори дека ќе има  избори на 12-ти април,  а ако нема - СДСМ ќе се соочи со граѓаните.

„Ќе се соочат со гневот на народот и гневот на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ќе очекуваме да биде сценариото А“, рече Мицкоски.

Вечерва и СДСМ ќе решава за кадровски прашања поврзани со техничката влада. На седница на Централниот одбор треба да биде избран кандидатот за технички премиер, кој ќе ја преземе функцијата откако  премиерот Зоран Заев  ќе поднесе оставка на функцијата. Според Изборната регулатива тоа треба да се случи 100 дена пред изборите, а со оглед дека тие се договорени за 12-ти април, последниот рок е трети јануари. На седницата на ЦО треба да бидат предложени и дополнителни замeници министри, како и кадровски предлог за нов вицепремиер за економски прашања, по најавеното повлекување на Кочо Анѓушев од таа функција.