Младите се незадоволни – посакуваат карта во еден правец
12 август 2021Младите се незадоволни од своето место во општеството - само една третина веруваат дека за пет години државата ќе биде подобро место за живеење. 58% од младите би се иселиле од Северна Македонија, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата. Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби. Ова се дел од резултатите на студијатата за Социо-политичко учество на младите: Неизвесност, нееднаквост и различни очекувања на Фондацијата за демократија на Вестминстер и Младински образовен форум којашто е објавена денеска.
Како и на минатогодишното истражување, младите и сега се надеваат дека до 2025 година, Северна Македонија ќе стане дел од ЕУ. Во екот на пандемијата со Ковид-19, 40,9% од младите не се задоволни од начинот на справување со кризата. Тие сметаат дека се потребни построги мерки за справување со корона вирусот од страна на властите.
„Она што особено загрижува е фактот дека повеќе од половина од младите луѓе (56%) ретко или никогаш не ги следат и не пројавуваат интерес за актуелните политички случувања и настани во државата. Дополнително, 7 од 10 млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството“, вели Димитар Низамовски, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ).
Не се заинтересирани за политика, но гласаат
Иако повеќе од половина од младите испитаници се изјасниле дека не следат и не се заинтересирани за политичките случувања во земјата, сепак кога се изборите во прашање, секој втор млад човек редовно гласа на избори (53%), а дополнителни 26% гласаат понекогаш. На последните парламентарни избори во 2020 година, гласале високи 74,7% од испитаниците.
-повеќе на темата: Младите во Македонија сакаат лидер со „цврста рака“ и влез во ЕУ до 2025 година
„Ова се прилично поразителни податоци кои говорат за генералната ниска заинтересираност за политичко учество на младите. Од поголемата палета на активности што им стојат на располагање за социо-политичко учество (членство во граѓански организации, политички партии, неформални групи, комуникација со локалните и националните власти, гласање на избори), испитаниците најмногу се одлучуваат за гласање на избори. Високи 79% редовно или понекогаш гласаат на изборите во државата затоа што на тоа гледаат првенствено како граѓанско право и обврска“, анализира Низамовски.
Тој смета дека за да се активира младината во Северна Македонија, потребно е да се стави поголем фокус на граѓанското образование во формалниот образовен систем со цел градење на поголема политичка култура кај нив и создавање интерес и навика за следење и разбирање на политичките случувања. Дополнително, преку промоција на волонтерството, младинската работа и активното граѓанство од страна на државата и граѓанскиот сектор, младите ќе се запознаат со различните форми на организирање и учество и ќе се чувствуваат охрабрени и оспособени да придонесуваат кон подобрување на својата положба во општеството.
Студијата низ бројки:
•Помалку од една четвртина (23,8%) од младите сметаат дека државата се движи во правилна, а 35,4% во погрешна насока.
• Само една третина од испитаниците (30,5%) веруваат дека за 5 години државата ќе биде подобро место за живеење за младите.
• Две третини од младите (64,8%) се незадоволни од своето место во општеството.
• 44% од младите веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.
• Приближно две третини (58%) од младите кои веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ сметаат дека тоа ќе се случи до 2025 година.
• Повеќе од половина од младите луѓе (56%) ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјата.
• 58% од младите би се иселиле од Република Северна Македонија, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата.
• Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби.
• Само една третина од младите (29,2%) сметаат дека властите се запознаени со потребите и проблемите на младите луѓе.
• 83,9% од младите веруваат дека не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите.
• 7 од 10 млади (69%) се опишуваат себе си како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството.
• 69,4% од младите никогаш не биле консултирани од властите, ниту на локално ни на централно ниво.
• Една петина од младите (20,3%) редовно преземаат активности за решавање на општествени проблеми.
• Секој втор млад човек редовно гласа на избори (53%), а дополнителни 26% гласаат понекогаш. На последните парламентарни избори во 2020 година, гласале високи 74,7% од испитаниците.
• Мнозинството млади (62%) сметаат дека Владата недоволно посветена на решавање на проблемите на младите, додека само од 1 од 4 млади луѓе (24%) имаат позитивно мислење во однос на работата на Владата.
Што се промени за една година?
Ова е второ длабинско истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер во чиј фокус се младите. Анкетата е спроведена на национален примерок млади граѓани на Северна Македонија (1.133 испитаници), на возраст од 15-35 години, од страна на истражувачката агенција ТИМ Институт во декември 2020 година. Примерокот вклучува: национално репрезентативен примерок по принципот на случаен избор (1.053 испитаници) и дополнителен „бустер“ примерок (80 испитаници), за демографските групи кои се помалку застапени во други истражувања од ваков тип.
Студијата претставува продолжение и се надградува на анализата „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија: Апатија, оптимизам или разочараност?“ објавена во 2019 година, преку која за прв пат беше анализирана перцепциите на младите во општеството опфаќајќи национално репрезентативен примерок. Во периодот меѓу двете анкети, се случија повеќе промени во контекстот: започнувањето на преговорите за пристапување кон Европската Унија беше спречено на два наврати, земјата официјално се зачлени во НАТО и се одржаа парламентарни избори, а со тоа и се формираше ново Собрание и Влада. Веројатно најзначајно, е што беше прогласена пандемија на Ковид-19 која донесе низа промени.
„За жал малку се ваквите репрезентативни истрaжувања кои ни даваат директен поглед кон перцепциите и ситуацијата на младите во нашата земја, и оттаму важноста на податоците е толку поголема. Сликата која ни ја даваат податоците укажуваат дека проблемите и ситуацијата на младите останува непроменета во последните неколку години, односно нема значителни промени во тоа како младите гледаат на нивната ситуација и проблемите со кои се соочуваат“, вели истражувачот Блажен Малески од Реактор.
-повеќе на темата: Галевски: Вербата во членство во ЕУ ги задржува младите
Па оттаму, недовербата на младите кон институциите, чувството дека нивните проблеми не се на дневен ред на политиката, ниту пак се сериозно разбрани од страна на надлежните политички ентитети се континуирана ситуација која ја гледаме веќе неколку години, а што остава простор за други страни да влијаат врз перцепцијата на младите.
„Таков опиплив пример би бил и примерот со малиот интерес и резерва за вакцинирање за време на Ковид-19 пандемијата, каде што недовербата кон институциите го надополнуваат лажните вести и теориите на заговор од интернет“, вели Малески.
Тој смета дека податоците укажуваат на сериозноста на генералното незадоволство на младите од нивната поставеност во државата, а пак како општество се занимаваме само со поголемите прашања и проблеми кои се актуелни, како што е желбата за заминување од државата. „Најпрвин мораме како општество, но и државните институции и политичарите да разберат дека тој проблем е собир на сите други ситуации и проблеми опишани во самото истражување. Односно, доколку како држава сакаме да ја промениме желбата за заминување на младите, треба да креираме политики кои буквално ќе ги адресираат и сите други проблеми кои придонесуваат кон таа желба“, анализира Малески. Но, за жал, додава тој, веќе предолго оставивме ваквите проблеми да го дефинираат развојот и животот на младите во Македонија, но тоа не значи дека не треба да се соочиме со реалноста во која живеат младите и да започнеме решавање на проблемите во таа реалност и подобрување на ситуацијата во која што се наоѓаат младите.
Не веруваат во пандемијата, слаб интерес за вакцинација
Интересно е што истражувањето покажува висок процент на антиваксери меѓу младите. Скоро половина од младите (42,9%) веруваат дека пандемијата е вештачки создадена од мала група на моќни луѓе со цел да владеат со светот. Еден од тројца млади или 33%, се спремни да се вакцинираат против Ковид-19, а дури 46% не би се вакцинирале, додека 20% сè уште не одлучиле дали ќе се вакцинираат.
Речиси 15% од младите пријавуваат намалена плата во текот на кризата, додека 6% ја изгубиле работата за време на кризата. Кај само многу мал дел од младите, нешто повеќе од 5%, пандемијата имала позитивно влијание, при што само 2,6%, се вработиле за време на кризата и исто толкав процент пријавуваат дека нивната плата се зголемила.
Студијата покажува дека младите кои се во образовен процес се умерено задоволни од различните аспекти на образованието за време на Ковид-19 кризата и со просечна оценка 3 го оценуваат задоволството од севкупниот квалитет на наставата, подготвеноста на образовните институции за одржување на настава на далечина, стекнатото знаење и интеракцијата со другите ученици.
Препораки
Во студијата се наведуваат неколку итни препораки коишто треба да се преземат годинава, а на прво место се посочува дека е неопходно да се гарантираат средства во буџетот за младите и младинските политики, покрај буџетот на Аагенцијатa за млади и спорт и во буџетите на другите институции. Моменталното ниво на средства за млади да биде заштитено од кратења, а фондовите за младите да се зголемат.
„Политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите на локалните избори 2021. Младите да бидат застапени како кандидати на изборите и на добитни места на листите. Да се направат измени во Законот за средно образование за да се гарантира ученичкото организирање во секое училиште и да се обезбеди одржливо и претставничко учество на средношколците. Институциите и здравствените власти да ги едуцираат и информираат младите за потребата од вакцинација на населението. Да се обезбеди кампања која ќе се спротивстави на дезинформациите и ќе ја поттикне вакцинацијата кај младите“, се посочува во анализата.
Според Блажен Малески од Реактор, ваквите истражувања се од исклучителна важност за следење на трендовите и потребите на младите. Важно е самите државни органи да креираат вакви истражувања, пред сѐ преку истражувачкиот центар кој е предвиден во рамки на Агенцијата за млади и спорт, преку законот за младинско учество и младински политики, но кои сѐ уште не е формиран. Значи постоечките податоци од истражувањата, како и нови иницијативи за вакви истражувања би морале да се од исклучителна важност за креирањето на младинските политики, базирани на потребите на младите, укажува Малески.
Во однос на долгорочните препораки, се посочува дека треба да се изработи Национална стратегија за млади која ќе ги постави целите за младите во земјата. Стратегијата треба да се базира на факти, да ги земе предвид потребите на различните младински групи како што се младите со попреченост, младите од помалите етнички заедници и други млади. Стратегијата да има акциски планови и финансии за квалитетно и темелно спроведување.
„Локалните самоуправи да работат на отворање на локални младински центри. Да се обезбеди простор и буџет за нив, а во нивното отворање да се вклучи и локалната младинска заедница и меѓународните организации. Да се работи на долгорочно подобрување на економската позиција на младите во земјата. Често соочени со ниски примања, висока стапка на невработеност, несоодветни работни договори, младите имаат незавидна финансиска позиција која треба да биде подобрена со долгорочни и плански политики“, се посочува во документот.