1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу десничарки екстремисти во полицијата

21 мај 2022

Претседателот на Службата за заштита на уставниот поредок го смета за застрашувачки бројот на антидемократски настроени припадници на безбедносните служби во Германија. Тој сака промени, што е можно побрзо.

https://p.dw.com/p/4BPCb
Шефот на германската контраразузнувачка служба Томас халденванг на заедничката пресконференција со министерката за внатрешни работи Ненси Фезер
Шефот на германската контраразузнувачка служба Томас халденванг на заедничката пресконференција со министерката за внатрешни работи Ненси ФезерФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Франко А., војници во КСК, НСУ 2.0 - зад секое име стои осомничен десничарски екстремист или цела група осомничени државни непријатели. Луѓе кои во чет-групи делат фотографии со Адолф Хитлер, кои некаде чуваат оружје или планираат државен удар во Германија. Тие своите пари ги заработуваат во вооружените сили, полицијата, тајните служби, царините - накусо: работат во безбедносните служби кои се одговорни за заштита на Германија.

За три години - 317 осомничени непријатели на Уставот

Но, ако интегритетот е нарушен одвнатре, „тогаш тоа е особено опасно за владеење на правото и за демократијата“, вели германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. Заедно со претседателот на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, Томас Халденванг, таа го претстави актуелен извештај за состојбата со десничарски екстремисти, „граѓани на Рајхот“ и „самоуправувачите“ во безбедносните служби. Првиот таков извештај беше нарачан од нејзиниот претходник, Хорст Зехофер.

Евидентирани се сите случаи во периодот од јули 2018 до јуни 2021 година во кои државните службеници дале причина за сомневање во нивната лојалност кон Уставот. За 533 од 860 лица од сојузните и покраинските безбедносни власти кои се проверени, е утврдено дека нема основа за аларм. Во 327 осомничени и докажани случаи, пак, се работи за „вистински индиции за стремежи против ослободарскиот демократски поредок“.

Антикорона протести на таканаречените „граѓани на Рајхот“
Антикорона протести на таканаречените „граѓани на Рајхот“Фотографија: SULUPRESS/picture alliance

„Тие понекогаш имаат пристап до оружје“

Томас Халденванг резултатот го сумира во еден збор - „застрашувачки“. Секој уставен непријател е и „шлаканица за сите оние вработени кои цврсто стојат врз Уставот“. Факт е дека имиџот на безбедносните органи многу страдаше во последните години.

Повеќе: Бум на политички мотивиран криминал во Германија

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер укажува на потецијал од висок ризик. „Тие имаат пристап до чувствителни податоци, имаат специјализирано знаење и некогаш пристап до оружје.“

Министерката ја смета за застарена тезата за поединци сторители, која опстојуваше долго време. „Не, тие се движат во мрежи.“ Но, не во безбедносните тела „туку во приватното опкружување“. Според извештајот, контактите се остваруваат на разни собири: на демонстрации, на боречки и музички настани, или на чести собири во кафеани.

Од екс-неонацист до иден свештеник

(Сепак) нема назнаки за национални мрежи

Според досегашните сознанија, станува збор првенствено за регионален феномен. „Не успеавме да откриеме ниту еден случај во кој службениците од Франкфурт на некој начин се во контакт со службениците од Берлин или Минхен и остваруваат заеднички цели“, вели Томас Халденванг. Но, тој никогаш не би го исклучил тоа, нагласува претседателот на БфВ.

Најмногу случаи на зближени мрежи му се припишуваат на насилниот десничарски екстремизам: 53,6 отсто. „Граѓаните на Рајхот“ и „самоуправувачите“, кои го негираат постоењето на СР Германија, се добри 7%. А, речиси 3% имале контакт со таканаречената Нова десница.

Контакти со АфД

Главна фигура на оваа сцена, која се претставува како интелектуална, е издавачот Гец Кубичек. Тој има допирни точки со десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД). Партијата е членка во Бундестагот и застапена е во 15 од 16 парламенти во сојузните покраини. Меѓу нејзините пратеници има и државни службеници. Во училишниот систем, правосудството или во безбедносните тела - сензибилноста за десничарските екстремисти и други кои се осомничени дека се непријатели на Уставот значително се зголемила, оценува Халденванг .

Сензибилноста е зголемена и во извештаите на весниците, нагласува шефот на Службата за заштита на уставниот поредок. Тој, исто така, вели дека погледот треба дополнително да се изостри со обуки. Ако е потребно, и со помош однадвор. „Расчистено е со погрешното мислење дека таквите проблеми можат некако да се регулираат во сопствените редови“, вели Халденганг.

Ненси Фезер сака побрзо да се ослободи од десничарските екстремисти

Досега релативно малку државни службеници останаа без работа поради вакви обвинувања. Започнати се околу 500 работни и дисциплински постапки, но само 60 лица се отпуштени или не се примени во државна служба. За во иднина побрзо да може да се ослободи од непријателите на Уставот, министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, планира наскоро да претстави предлог закон за измена и дополнување на Сојузниот дисциплински закон. Не е добро тоа што постапките обично се влечат и по неколку години, вели Фезер.