1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПатувањеГерманија

Можат ли „гастарбајтери“ да ги спасат аеродромите од хаос?

Кај Кистнер | АРД
28 јуни 2022

Долги редици, изгубен багаж, откажани летови... Германските аеродроми се во хаос поради недостиг на персонал. Владата сака да помогне со носење работници од странство, но тоа не е така лесно.

https://p.dw.com/p/4DMfk
Als erstes Bundesland startet NRW in die Sommerferien
Фотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

„Хаосот со куфери“, за кој толку многу се зборува последниве денови, е можеби најмалиот проблем за многу патници. Во моментов на германските аеродроми ги чекаат многу изненадувања, а во својот рачен багаж прво треба да имаат едно - време.

Проблемот е што во годините на пандемија компаниите драстично го намалија бројот на вработени, или што многумина од нив најдоа друга работа. Според Германскиот економски институт (ИВ), на аеродромите во Германија недостигаат повеќе од 7.000 работници.

Покрај тоа, пандемијата сѐ уште не е ни оддалеку завршена: поради големиот број на заразени со коронавирус, авиокомпанијата Луфтханза откажа 3.000 летови во шпицот на сезоната на годишни одмори. Изиџет само во Берлин откажа илјада летови.

Големи предизвици

Германската влада не се смета одговорна за ова, но сепак сака да помогне на краток рок. Министерствата за транспорт, труд и внатрешни работи формираа работна група, но предизвиците се големи.

Еден од главните проблеми е неопходната безбедносна проверка. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер не сака да го препушти прегледот на рачниот багаж и контролата на патниците на неквалификувани помошници од странство, што беше потврдено и од страна на нејзиниот портпарол Максимилијан Кал: „На безбедносните проверки тоа не доаѓа предвид, затоа што за тоа се нужни обука и почитување на безбедносните стандарди. Тоа е можно само за поедноставни работи, како што е подготовка на багажот.“

Als erstes Bundesland startet NRW in die Sommerferien
Патниците во својот рачен багаж прво треба да понесат едно - време!Фотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance

Особено многу работници недостигаат во делот на контрола на багажот и патниците, па се поставува прашањето дали проблемот воопшто може да се реши со планираното носење работна сила од странство.

Еден сезонски работник кој на поле бере аспарагуси се разликува од работник кој работи на толку чувствително место како што е аеродромот. Вториот, без разлика каде е распореден, мора да биде апсолутно сигурен од безбедносно-технички аспект и мора да биде темелно проверен. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, за овие проверки се задолжени сојузните покраини и тие обично траат две недели.

Планот е да се донесат околу 2.000 работници од земји кои не се членки на ЕУ, главно од Турција. Таа земја е добар избор, бидејќи поради постојниот договор за асоцијација меѓу ЕУ и Турција, правните пречки не се толку големи како во случајот со некои други земји.

- повеќе: Германските гастрономи и хотелиери немаат работници

Пристојно сместување и тарифни договори

Но, дури ни сето тоа не ја прави ситуацијата поедноставна. Германскиот министер за труд Хубертус Хајл бара работниците од странство да добиваат соодветни, па макар и временски ограничени договори и да имаат пристојно сместување. Проблемот со лошото колективно сместување за вработените во месната индустрија се решаваше уште во времето на претходната влада и сега не би требало да се јави повторно на друго место.

- повеќе: Стручна работна сила од странство - сè уште реткост во Германија  

Сè уште не е јасно колку брзо може да се разјаснат сите овие прашања и колку брзо воопшто може да дојдат новите „гастарбајтери“, како што некои ги нарекуваат. Од тоа зависи и колку трпение треба да понесат со себе патниците кои одат на одмор.