Мора ли Србија да воведе санкции против Русија?
11 декември 2014Најголемата опозициона партија во Германија, Левицата, неодамна упати пратеничко прашање до Сојузната влада за да дознае каков е ставот на официјален Берлин околу воздржувањето на Србија кон санкциите против Русија. Во одговорот кој го потпишала демохристијанката Марија Бемер, државен секретар во Министерството за надворешни работи, стои дека Србија во текот на пристапниот процес е „обврзана да се приближува се‘ повеќе до политиката на ЕУ кон трети земји“.
„Тука се вбројува и примена на позициите на ЕУ кон Русија, а во врска со дестабилизацијата на Украина и противправната анексија на Крим, вклучувајќи и рестриктивни мерки. Сојузната влада би поздравила доколку Србија би се приклучила кон оваа позиција“, пишува Бемер. Во одговорот кој ДВ го имаше на увид, државната секретарка се повикува на европските договори и поконкретно додава: „Денес Србија не е правно обврзана да ги презема позициите на ЕУ, вклучувајќи и санкции. Истовремено, приближувањето кон надворешнополитичките позиции на Европската унија не може да се одлага до денот на можен пристап во ЕУ. Одговорност на Србија е да реагира правовремено.“
Прашањето до Владата го постави пратеничката на Левицата Севим Дагделен, која во кусо интервју за ДВ ја коментира позицијата на Србија кон Русија и односот на Берлин кон овој проблем.
ДВ: Во одговорот на вашето прашање стои дека германската влада би „поздравила“ приклучување на Србија кон надворешната политика на ЕУ кон Русија, но дека Србија не е правно обврзана на таков чекор. Каде е границата на обврските од европските договори и добри намери кои некој би ги „поздравил“?
Севим Дагделен: Владите во прв ред се, се разбира, врзани со договори. Почитувањето на договорите на крајот има врска со доверба. Србија има добри односи со Русија и е нејзин партнер на Балканот. Доколку Србија би ги прекршила договорите и досегашната добра соработка со Русија, тоа би бил прелом во досегашната меѓународна сорботка на Србија која е обележана со доверба. Целта за приближување кон ЕУ не смее да ја сведе Србија на вазална држава. На Србија и‘ е неопходна соработка со Русија и соработка со ЕУ. А на двете страни им е потребна Србија.
Во Белград на Германија и‘ се припишува одлучувачка улога во рамките на Унијата, меѓу останатото и кога се работи за пристапните преговори на Србија. Некои медиуми пишуваат дека Берлин би можел да ги кочи преговорите поради „непослушноста“ во политиката кон Русија.
Сојузната влада ќе го зголемува притисокот врз Србија. Целта е Србија, исто како и Украина, или сега Молдавија, да се исфрли од руската зона на политичко влијание. Предупредувам на таква политика на ескалација која ја води канцеларката Ангела Меркел. Оној кој мисли дека може да ја протера Русија од Европа, свесно ја прифаќа можноста од нови конфликти. Во случајот на Молдавија видовме дека германската влада прифаќа дури и избори без почитување на минимални демократски стандарди. Тоа е шокантно и не е добар знак за доверба и соработка во Европа.
Во одговорот на Вашето прашање стои и дека Србија е „обврзана“ да ја преземе „правовремено“ европската надворешна политика. Што овде би било правовремено? Имено, теоретски е можно Србија никогаш и да не стане членка на ЕУ.
Токму тоа е проблемот. Србија би требало да биде приморана безусловно да се подреди на ескалационата политика на ЕУ кон Русија. Изгледа дека прифаќањето на катастрофалната политика кон Русија е всушност српска влезница за ЕУ, исто како и признавањето на еднострано прогласената независност на Косово. Но дури и ако Белград ги исполни тие услови, тоа и натаму не би била гаранција за членство во ЕУ. Мислам дека таа позадинска политика на Берлин е срамна. Се‘ повеќе потсетува на настапот на САД во Латинска Америка во осумдесеттите години. Меѓутоа, спуштањето на Србија на статус на банана-република нема да функционира.
Колку во Берлин и Брисел има разбирање за односите на Србија и Русија? Овде не мислам на „православно братство“, туку на економската зависност на Белград од Москва.
Постои меѓусебна економска зависност. Тоа важи и за односите на Србија и Русија, но и односите на Европската унија и Русија. Поранешниот канцелар Хелмут Кол и многу други во една актуелна петиција ја критикуваат актуелната политика на Германија кон Русија како тешка грешка. Она на што во моментов сме сведоци - кинење на економските контакти - ќе донесе само штета на сите страни. Се плашам дека цехот ќе го плати населението на Европа. Се надевам дека Србија нема да потклекне пред притисокот на Берлин, ниту дека ќе се откаже од добрите односи со Русија. Времето на диктати во надворешната политика мора да му припадне на минатото. Оние кои повторно се служат со закани всушност создаваат опасност од војна во Европа. Тоа не смееме да го дозволиме.
Севим Дагделен, 1975, е политичарка на германската Левица и пратеничка во Бундестагот од 2005 година. Во моментов е членка ан Комисијата за надворешна политика. Му припаѓа на левото крило на партијата и во своите настапи остро го криткиува капитализмот, политиката на Израел и Турција, земјата во која се родени нејзините родители.