Мојата Европа е како оперски хор
19 ноември 2016Операта за многумина е непознат, конзервативен терен на кој треба да се навикнеш. На пример, потребно е извесно време за да се прифати дека при умирање се пее долго. Меѓутоа, операта често е прекрасна. Изведбата, современата содржина, музиката, солистите, па и хорот можат да опијат толку што ќе се заборави сивото секојдневие. Но, малкумина знаат дека операта, посебно оперскиот хор, во себе кријат интернационален ансамбл, дека таму има миграција од прв ред.
Дамите се викаат Весела, Борјана или Вилислава, а господата - Наско, Веско или Ѓури. Има и по неколкумина со име Ким, се разбира. Доаѓаат од Бугарија, Македонија или Молдавија, но и од региони кои до денес немаат автономија, а кои ги именуваме само како Балкан. Во меѓувреме живеат во Германија, Австрија или Швајцарија, незаменливи се и припаѓаат на хоровите во градските театри каде што инсценирам.
„И јас сакам во овој синдикат!“
Дали хорот е маса луѓе? Блок од еднакво облечени и маскирани, или сепак индивидуи? Се смета дека истовремено може да се набљудуваат само седум лица. Што се случува во истото време со останатите 50? Дали си чепкаат в нос и си прикажуваат со соседот?
По хорска проба се чувствувам како преку мене да минал трактор. Со часови ми зуи во ушите и имам чувство како да не сакам веќе да среќавам луѓе. Зашто, тие се маса која повеќе или помалку се појавува на проба истовремено, ја користи секоја секунда да седне и да си поприкаже со соседот. Бараат пауза по еден и пол час и воопшто, што се однесува до синдикалната сила и спроведувањето на своите интереси, од нив се посилни можеби само оркестарските музичари.
Не можат да се качуваат по скали поради болки во колената, не дозволуваат пушење поради гласот и алергично реагираат на противпожарната импрегнација на завесите. Како и да завртиш, по точно три часа пробата завршува, без оглед дали недостигаат уште три такта или цела сцена. Крајот е крај, раководството на хорот тука не прави компромиси. И јас сакам во таков синдикат! Тогаш одеднаш масата се размрдува, сите скокаат и бегаат како да имаат некаква итна работа.
Имињата треба да се знаат напамет
Сосема искрено - во меѓувреме го сакам хорот. Им се радувам иако навистина не сум мазохист. Хорот е куп индивидуалци кои се принудени да пеат заедно цел чивот. Во некои куќи тие во најголем дел доаѓаат од Украина или Полска. Во други од Бугарија или Чешка. Како првиот што дошол по себе да го повлекол цело село.
На првата проба го претставувам својот концепт. Нема смеење, нема реакција, нема знаци на живот - мислам дека е голем успех да се издржи толку долго без да се дише. Научив да не ме фаќа несигурност поради тоа, дишам и се смеам место нив. Во помнење имиња сум катастрофална, но давам сѐ од себе следејќи го најдобриот совет кој ми го даде мојот пријател Уве, своевремено оперски режисер: научи ги нивните имиња напамет! На дамите и господата од хорот им персирам, но имињата ги знам напамет: Дубровка, Алмерија, Нинослава, Јосип, Ивица, Пјотр и се разбира - Ким.
Брзо учам кој од кое село дошол, кој сам прави колбаси или дома, во подрумот, пече ракија. Ако не разбираат германски, храбро зборувам српско-хрватски. Српско-хрватскиот со бугарскиот има отприлика исто толку врска како со германскиот, но и јас доаѓам „од некаде“, од широко сфатениот Балкан, а и сите знаеме кој бил маршалот Тито.
Секогаш тука е и поголема група Корејци. Никогаш нема да сфатам зошто го разбираат мојот хумор иако се социјализирани илјадници километри подалеку. Ќе кажам некоја „финта“, а лицата на тројцата „Кимовци“ се мрдаат први. Подоцна можат да ја фатат секоја поента и се смеат дури и само на назнака на комедија. Кореја, земја на вицкарошите!
Многу карактери
Секој член на хорот има своја биографија, индивидуалност и хир. Боженствено! Не изгледаат перфектно како младите актери, слични едни на други: витки, убави и по малку своеволни. Не, овде се работи за статуи, лица, типови. Премали, превисоки, често предебели. Сите најмалку по четири пати пееле во Кармен и Бал под маски, ја знаат материјата подолго од мене и сега сакаат да ме тестираат.
Лошо е ако тогаш немате идеја, но се случува. Хорот е прв кој тоа го забележува. Тогаш помага само признание дека сте беспомошни. По мигот на презир ќе слушнете најмалку три употребливи предлози од хорот. Зашто, и тие се уметници како нас останатите, само што нешто се испречило меѓу нив и светската соло-кариера. Некогаш некоја војна, некогаш некоја друга катастрофа. Некогаш само желбата да се запознае и остатокот од светот. Без овие хорски пејачи од Балканот, дел од градските опери во Германија би можеле да стават катанец.
Четириесет години да се биде дел од една група. Никогаш во прв план, но да се пее постојано. Некогаш 80 луѓе носат иста перика затоа што корстимографот е убеден дека е тоа генијална идеја, а некогаш целиот хор мора да пее зад параван затоа што режисерот има фобија од маса луѓе. Ту се сите пилиња, ту камења - зависи што сака сценографот. За да им се одмаздите на режисерот, сценографот и костимографот е неопходна прилично голема синдикална сила.
Јуриј неодамна ми го поправи телефонот. Освен хорот, секојдневно организира трговија со телефони за Молдавија. Домашната ракија на Албанката Мирјам беше хит, а до ден-денес зборувам за колбасите кои Павел ги сушеше во своето купатило во Дрезден.
Хорот е повеќе од хор. Хорот е начин да се преживее - и за тоа имам целосно разбирање.
Германската актерка, драмска режисерка и писателка Адријана Алтарас, 56, е родена во Загреб. Глума студира во Берлин и Њујорк, а од деведесеттите години на минатиот век инсценира во театри и оперски куќи. Во 2012 година е објавен нејзиниот бестселер „Очилата на Тито“ по кој е снимен и успешен документарен филм. Адријана Алтарас со семејството живее во Берлин.