Германија - земја без млади
25 јули 2022Никогаш досега од почетокот на собирањето на податоци за оваа категорија од населението во 1950 година немало толку малку млади како на крајот на 2021 година. Само секој десетти жител на Германија е на возраст помеѓу 15 и 24 години. Пред 40 години во таа возрасна група бил секој шести жител.
Највисок удел во вкупниот број на жители младите од оваа група имале во првата половина на 1980-тите. Во 1983 година, на возраст помеѓу 15 и 24 години биле 13,1 милиони луѓе, односно 16,7% од населението.
Разликите во бројот на млади е прилично голем кога се прави споредба на германските покраини. Најмногу млади живеат во покраината Бремен - 11%, а најмалку во Бранденбург - 8%. Многу мал број млади има и во покраините Саксонија Анхалт и Мекленбург Предна Померанија - 8,3%.
- повеќе: Истражување: Секој трет млад човек сака да се исели од Северна Македонија
Ако се направи споредба во европски рамки, Германија е малку под просекот. Податоците на Евростат покажуваат дека уделот на млади на возраст помеѓу 15 и 24 години во ЕУ во просек изнесува 10,6%. Притоа најмногу млади има во Ирска (12,6%), а следуваат Данска и Кипар со по 12,3%. Најмал број млади има во Чешка и Бугарија - по 9%.