Германија: Крај на пандемијата напролет?
22 септември 2021Германскиот министер за здравство Јенс Шпан очекува дека ќе се постигне колективен имунитет до наредната пролет и на тој начин ќе дојде до крај на пандемијата на коронавирусот во Германија.
„Ако не се појави нов сој на вирусот против кој вакцината не нѐ заштитува, што е навистина малку веројатно, тогаш ќе ја победиме пандемијата напролет и ќе можеме да се вратиме во нормалност“, изјави тој за весникот „Аугзбургер Алгемајне“.
Шпан: вакцината е „сигурниот начин“
Единственото прашање е дали имунитетот на стадото може да се постигне со вакцинација или преку инфекции. „Вакцината е дефинитивно најсигурниот начин да се стигне дотаму“, рече Шпан. „И кога ги гледам болниците, морам да кажам - тоа е начин кој значи помал стрес не само индивидуално, туку и за многу други, на пример за медицинскиот персонал“.
Колку е поголема стапката на вакцинација и колку е помала стапката на инфекции, толку подобро може да се заштитат и децата кои сѐ уште не можат да се вакцинираат, смета Шпан.
Шпан, пак, повторно ја отфрли можноста за укинување на рестриктивните мерки за справување со пандемијата, како што тоа го направи Велика Британија на таканаречениот „Ден на слободата“. „Стапката за вакцинација во Германија сѐ уште не е доволно висока за такво нешто. Но, кога патувам во земјата, веќе имам чувство дека повторно се можни многу 'слободи'", рече Шпан истакнувајќи дека не треба да се заборави дека вакцината веќе повторно овозможила многу нормален живот.