1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нашиот стратешки компас е насока 270 степени – запад

Тони Поповски
26 март 2022

Нашите граѓани се цел и жртва на дезинформации, лаги, измами, извртување на реалноста... Особено оние кои се присутни и изложени на влијанието на социјалните и електронските медиуми. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/491z3
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Покрај заклучоците поврзани со руската воена агресија врз Украина, Европскиот Совет го донесе и долгоочекуваниот „Стратешки компас“ како заедничка политика и акциски план на Европската унија во кој се наведени безбедносните и одбранбени цели, и мерките за нивно постигнување до 2030 година. Со овој документ е потврдена определбата да се изгради Европска унија која ги штити нејзините граѓани, вредности и интереси и придонесува за меѓународниот мир и безбедност. 

Оваа политика е одговор на тековните безбедносни предизвици на европско тло. Носењето на овој документ е поврзано со потребата за посилна и поспособна ЕУ на полето на безбедноста и одбраната, која позитивно ќе придонесе за глобалната и трансатлантска безбедност. Притоа, се истакнува стратешката автономија на ЕУ, но и комплементарноста со НАТО, кој останува основа на колективната одбрана. Истовремено ЕУ ја потврдува поддршката за глобалниот поредок заснован на правила, на остварување на човековите права и основни слободи, универзалните вредности и меѓународното право, со Обединетите нации во неговото јадро. 

Европската безбедност е неделива со Западниот Балкан  

Во документот е посочено дека секој предизвик на европскиот безбедносен поредок влијае на безбедноста на ЕУ и нејзините земји - членки и дека Унијата мора да дејствува како силен и кохерентен политички чинител во поддршка на  вредностите и принципите на европските демократии. Предвидените мерки јасно упатуваат на подготвеноста на Унијата, да превземе поголема одговорност за безбедноста на Европа и нејзините граѓаним вклучувајќи го и Западниот Балкан. 

По однос на Западниот Балкан и нашата Република во него, нагласено е дека неговата безбедност и стабилност се изложени на зголемени странски мешања, вклучително и кампањи за манипулација со информации, со потенцијал за прелевање на влошените европски безбедносни состојби. На ова влијае конкуренцијата од поинакви системи на управување, придружена со вистинска битка на наративи. Истото наложува целосна посветеност на подобрување на отпорноста на општествата и демократските процеси, политичките институции и критичната инфраструктура во Западниот Балкан. Во тој поглед, како приоритет е истакната поддршката за суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и реформскиот процес на нејзината европска патека, како единствена, обединета и суверена држава, базирана на еднаквост и недискриминација на сите граѓани. Истовремено се укажува на потребата од  унапредување на дијалогот Приштина-Белград, кој е олеснуван од страна на Унијата. 

Во оваа политика се констатира опиплив напредок во владеењето на правото и реформите засновани на европските вредности, правила и стандарди во Западниот Балкан, со укажување дека треба да продолжи напредокот, но и со силна порака дека европската перспектива е стратешки избор, суштински за сите партнери кои се стремат кон членство во ЕУ. 

Поотпорна Република на геополитички пламен 

Македонија, но и целиот Западен Балкан, вклучувајќи ги и соседните држави - членки на Унијата се изложени на хибридни закани од страна на Руската Федерација, кои во деновиве на воена агресија врз Украина се особено интензивирани. Цел, но и жртва на дезинформации, лаги, измами, извртување на реалноста, интриги и клевети, се нашите граѓани, а особено оние кои се присутни и изложени на влијанието на социјалните и електронските медиуми. За жал, и кај дел од медиумите кои имаат национална фреквенција и кои имаат обврска да го штитат јавниот интерес, не ретко се забележува амбивалентност и релативизирање на сето она што се случува во и поврзано со Украина, наводно во име на објективност и слобода на информирање, не осврнувајќи се на еден доволно сериозен начин на последиците кои вакви влијанија врз јавното мислење може да го имаат врз стратешкиот компас на Републиката. 

Токму револтот од застојот во евроинтегративниот процес предизвикан од бугарското вето, но и претходните компромиси поврзани со Охридскиот и Преспанскиот договор, југоносталгијата кон систем кој иако политички неслободен, во колективната меморија на повозрасната генерација е запаметен како систем со помалку нееднаквости и корупција, односно повеќе ред и социјална правда, особено од Македонците создава потентна цел за манипулација со нивните емоции и оправдани фрустрации. Оттаму и потребата на многу поорганизиран и решителен начин, сите чинители кои се лојални на државата да потсетуваат и да укажуваат дека нашиот стратешки компас е насока 270 степени – запад. Се друго е ризично и неодговорно поигрување со нашата политичка но и економска и енергетска безбедност, со нашата сувереност, унитарност и територијален интегритет. 

На балканскиот начин, потребен му е европски зачин

Особено надлежните институции и специјализирани агенции треба да се целосно проактивни во спроведување на координиран одговор на хибридните кампањи, заедно со нашите партнери и сојузници. Притоа,  согласно со Стратешкиот компас на ЕУ треба да спроведеме превентивни, кооперативни, стабилизациски, рестриктивни и мерки за закрепнување, како и зајакнување на солидарноста и взаемната помош. Како и ЕУ така и ние треба целосно да ги мобилизираме сите релевантни цивилни и воени инструменти за заедничко разбирање и проценка на овие закани.

Неопходен е цврст одговор на манипулациите и дезинформациите, сега, кога е возможно да се контролира штетата и да се надминат последиците. Како и во Унијата, така и кај нас, неопходно е да  ја зголемиме нашата општествена отпорност, да го зајакнеме пристапот до веродостојни информации и влијанието на слободните и независни демократски ориентирани медиуми. Во оваа насока треба да се пресретнат сите тековни обиди за негирање на пописните резултати кај нас, но и идни изборни процеси, имајќи предвид дека во Стратешкиот компас на ЕУ,  токму изборната инфраструктура е оценета како најкритична инфраструктура. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема