1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Најавите на Обама се победа за Сноуден“

АТ/ ртр/ миа11 август 2013

Барак Обама најави поголема транспарентност и ограничување на активностите за собирање на податоци на тајните служби на САД. Реформи кои немаше да се случат без Ед Сноуден, смета основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

https://p.dw.com/p/19NaQ
AssangeФотографија: Getty Images

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж ја оцени како извесна победа за Едвард Сноуден најавата на американскиот претседател Барак Обама за поголема транспарентност и за реформи на американските програми за шпионирање.

„Барак Обама ја потврди улогата на Сноуден како информатор, објавувајќи план за реформа на американската програма за глобално шпионирање“, изјави Асанж. „Тоа е до извесен степен победа за Сноуден и за неговите поддржувачи“, додаде тој.

Според него, „факт е дека без обелоденувањето од Сноуден, никој немаше да знае за тие програми и немаше да има реформи“, објави Асанж на интернет страницата на Викиликс.

Russland Symbolbild Asyl Edward Snowden
Сноуден доби привремен азил во РусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Најголема грижа на Сноуден била, дека неговите откритија би можеле да останат без ефекти, појасни Асанж. Сека се навестуваат реформи и претседателот како и народот на САД и другите народи на светот му должат благодарност и признание на Сноуден.

САД бараат израчување на Асанж и Сноуден

Џулијан Асанж повеќе од една година се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон. Тој стравува дека истрагата против него поради наводно силување во Шведска може да доведе до негово израчување на САД каде тој се обвинува поради објавување на тајни американски документи.

Ед Сноуден доби привремен азил во Русија, откако повеќе недели престојуваше во транзит зоната на московскиот аеродром Шереметјево. Владата на САД бара и тој да ѝ биде израчен.