Најголемиот парк со ветерници во светот
2 јули 2010Небото е чисто и јасно, а термометарот покажува 30 степени целзиусови. Но, во сенка може и некако да се издржи во Роско, мало место западно од Далас, кое брои околу 1.000 жители. Во овој дел од Тексас има само малку извори на нафта. Пред неколку години, вели Рендл Смит, фармер и градежник, работите трагнаа на подобро, инаку беше тешко да се преживее. Многу млади луѓе се иселија во големите градови. Овој позитивен тренд се должи пред се’ на стотиците ветерници, што стојат на полињата и ливадите околу Роско. Имено, ирската фирма „Еиртрисити“ склучи договори со 34 сопственици на земјиште и во 2006 година започна првата градежна фаза. Една година подоцна проектот го презема ЕОН, во кој во меѓувреме учествуваат речиси 400 сопственици на земјиште.
600 турбини произведуваат струја од повеќе од 780 мегавати
Ветерниците беа поставени во близина на улици, онаму каде има далекуводи и пред се’ каде има земјоделски обработливи површини. Но, помошта на соспствениците на земјиштето беше многу голема, објаснува менаџерот на ЕОН Стив Тренхолм: „Знаевме уште од почеток дека општините ќе не` поддржат. Се разбира гледаме и на тоа колку е тешко да се добијат дозволи за поставување ветерници. Но, Тексас во овој поглед има јасна линија.“
Американската држава, позната по нафтата, навреме созна дека еден дел од електричната енергија мора да ја произведува од обновливи енергии. Во Вашингтон американскиот претседател Обама се обидува токму ова да го воведе како стандард во земјата. Но, предлог-законот не може да помине во сенатот. Субвенциите за енергијата добиена од ветер ќе бидат укинати на крајот од 2012 година. И на меѓународната конференција за енергија од ветер „Виндпауер 2010“ во Далас беше главна тема на дискусии. Еднакви енергетски стандради насекаде во САД и континуирана енергетска политика се неопходни, објаснува Јенс Петер Соул, раководител на „Сименс винд пауер“ со седиште во данскиот град Бранде. Но, „Сименс“ во САД има добар углед. Ветерниот парк во Роско работи делумно со ветерни перки произведство на „Сименс“.
Ветерниците на „Сименс“ се најдобри!
И Рендол Смит е воодушевн од тоа како работат големите турбини, кои произведуваат 2,3 мегавати електрична енергија: „Мислам дека се најдобри. Ветерниците не се многу гласни и можат да работат и кога дува слаб ветер. Тие уште се вртат, кога другите веќе одамна застанале“. За Рендол Смит секој киловат значи чиста добивка. Десетте турбини што се поставени на неговата нива му носат 60.000 долари годишно. Тоа е речиси двојно повеќе од просечните месечни примања на едно семејство во Роско пред две години. За градот енергијата од ветер беше вистински благослов, вели тексашкиот сенатор Родни Елајс: „Енергијата од ветер помогна Тексас да стане водечка земја во светот што се однесува до производството на еколошка енергија. Благодарение на ветерот се прошири производството на енергија во земја, за која многумина сметаат дека се` уште е фиксирана на фосилни енергии. На овој начин можевме да покажеме дека сме флексибилни.“
Автор: Кристина Бергман/ Бисера Огњановска Митров
Редактор: Александра Трајковска