1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Социјалните медиуми против терористичката пропаганда

НД/ дв
6 декември 2016

Четири интернет компании формираат заедничка иницијатива за идентификување на терористичката пропаганда. Официјални лица од германската влада тврдат дека социјалните медиуми „бавно“ ги отстрануваат спорните содржини.

https://p.dw.com/p/2TofY
IS-Propaganda im Internet
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Соочени со сѐ поголемо регрутирање на екстремисти и ширење на терористичка пропаганда преку социјалните медиуми, Фејсбук, Јутјуб, Микрософт и Твитер денеска најавија обновен напор за намалување на дистрибуцијата на содржини кои се користат за пропагирање на екстремизам.

Во соопштение за јавноста компаниите изјавија дека ќе креираат заедничка база на податоци во која ќе се регистрираат дигитални „отпечатоци“ од содржини кои се со терористичка природа.

„Се надеваме дека оваа соработка ќе води кон поголема ефикасност додека продолжуваме да ги спроведуваме нашите политики кои имаат за цел да ги ограничат терористичките содржини во онлајн просторот", беше наведено во соопштението за јавноста на компаниите.

Портпаролот на Фејсбук, Сели Алдос изјави дека новата програма ќе започне со работа на почетокот на 2017 година и дека нејзината цел е да се бори со „најочигледниот" вид на содржина која се користи од различни групи чија цел е поттикнување на тероризмот.

„Се бориме против очигледно најсериозната содржина која се споделува онлајн – тоа се видеата за регрутација и видеата кои покажуваат обезглавување, кои во најголема мера се против нашата политика за споделување содржини“, изјави таа.

„Многу бавно“

Заедничката програмата на четирите компании се воведува во време на зголемен притисок од западните држави за отстранување на екстремистичките содржини од социјалните медиуми.

Германскиот министер за правда Хајко Мас во октомври им се закани на операторите на социјални медиуми со правни реперкусии доколку не успеат да ги отстранат случаите на говор на омраза, велејќи дека дотогашното отстранување било „многу бавно“.

Themenbild Socialmedia

Сепак, количеството на содржини кои циркулираат онлајн, заедно со загриженоста од можното ограничување на слободата на говор, е предизвик за способноста на компаниите за брзо и ефикасно отстранување на таквите содржини.

„Од средината на 2015 година суспендиравме повеќе од 360.000 кориснички сметки за прекршување на политиката на Твитер за насилни закани и промоција на тероризам“, изјави Шинед Мексвини, заменик претседател за јавна политика во Твитер.

„Голем дел од овие сметки беа отстранети преку технички средства, вклучувајќи ги нашите алатки за отстранување на спам содржини“, додаде Мексвини.

Четирите компании изјавија дека во иднина планираат да вклучат и други субјекти во заедничката борба против екстремистичките содржини.