Најубавите пивски градини во Германија
23 април е германскиот Ден на пивото: На овој ден во 1516 стапи во сила законот за „чистота“. Оттогаш за производство на пивото се користат само вода, слад, хмељ и квасец. За уживање е потребна уште убава градина.
Кралската еленска градина, Минхен
Купете си пиво и донесете си грицки: Она што би било неприфатливо во другите ресторани е традиција во баварските пивски градини, како оваа која датира од 1790. Пивските градини во Германија се уште се затворени поради пандемијата, но Денот на германското пиво е убав повод да се потсетиме на најубавите меѓу нив.
Пивската градина Одониен, Келн
Пивска градина меѓу метални скулптури, водени и огнени инсталации. Оваа градина во келнската населба Еренфелд беше создадена од индустрискиот уметник Одо Румпф. Концерти, отворено кино и други настани се случуваа тука дури и за време на корона летото- сепак со дистанца. Околу 200 гости можат да уживаат во келнското пиво (Колш) во пријатна атмосфера.
Градската шумарска куќа, Крефелд
Градскиот парк во Крефелд нуди рекреација за целото семејство: игралишта, бродчиња со педали, трки на коњи и голф терени... По сета таа активност зошто да не си дозволите малку релаксација и полнење на батериите во пивската градина пред историското здание.
Пивска градина Пратер, Берлин
Пратер е најстарата пивска градина во Берлин. Тука се служи пиво од 1837 година. Таа не е лоцирана во зелената периферија на Берлин, туку директно во центарот на округот Пренцлауер Берг. Берлинчани и туристите го сакаат ова мирно место среде градските турканици каде можат да уживаат по работното време под старите костени.
Алте Мајерај (Стара млекарница), Потсдам
Старата млекарница е во Новата градина на брегот на езерото Јунгфернзе во Потсдам. Зградата е изградена во времето на прускиот крал Фредерик Вилијам Втори во 1790, а пивската градина и поранешната млекарница сега можат да примат 200 гости. Пивото се произведува на лице место и се менува сезонски.
Шилергартен, Дрезден
Локацијата на Шилергартен ја сместува меѓу најубавите пивски градини во Дрезден. Традиционалниот објект во престижниот округ Блазевиц е лоциран директно до мостот „Сино чудо“ на Елба. Околу 850 гости можат да се сместат директно покрај Елба и да се релаксираат исто како што правел Фридрих Шилер пред повеќе од 200 години.
Специјален-подрум, Бамберг
Подрум со поглед? Можно е- барем во Франконија. Недалеку од стариот град во Бамберг ќе го најдете Специјалниот подрум. Оваа пивска градина импесионира со прекрасниот поглед на Катедралата во Бамберг и манастирот Михаелсберг- дел од Светското културно наследство. Локални специјалитети се лутото пушено пиво и свинска раменица.
Хафенхале, Констанца
Пивската градина во Хафенхале во Констанца нуди шест видови на свежо пиво и локална храна од регионот околу езерото Констанца. Сместена меѓу историскиот стар град и езерото, опуштената атмосфера на дрвената тераса е вистинско уживање во летните денови.
Ресторан на врвот Гипфелалм, планина Цугшпице
Пробивање низ снег во пивска градина налето? Тоа не е ништо невообичаено на Цугшпице на височина од 2,962 метри. Највисоката германска планина е дом и на највисоката пивска градина во земјата. Без разлика дали посетителите доаѓаат пеш или со жичница, секогаш ги чека кригла пиво.