1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На бегалците во Украина им останува само надежта

М. Реер/ З. Јордановски 28 декември 2014

Помина околу една година од почетокот на мирните протести на Мајдан во Киев. Кратко време потоа Русија го анектира Крим, а на истокот на Украина проруски бунтовници воспоставија контрола врз голем дел од областа Донбас.

https://p.dw.com/p/1E8In
Фотографија: DW/A. Indjuchowa

Како се снаоѓаат луѓето во Украина, посебно во источниот дел? Људмила Кривокоњева привремено се смири.

Со четирите деца таа живее кај сестра и’ во Харков, која и самата има деца и внуци. Људмила отиде кај неа во септември. Во нејзиниот роден град Луганск имаше жестоки борби. На некои места во регионот и натаму има борби.

Тоа го прикажуваат во вечерните вести, иако одамна е договорено примирје. Ужасот за населението продолжува.

„Еден месец седевме во визба. Околу нас паѓаа и летаа бомби, секој час. Се плашев за моите деца. Кога паѓаа бомби, се тресеше целата куќа. Ако се урнеше, како ќе можевме да излеземе? Речиси воопшто и не спиев,“ вели таа.

Људмила не може вечно да остане кај сестра и’.

Таа полага надежи во една нова населба на крајот од Харков.

Градот тука со германска помош гради едно мало село од контејнери, оти тоа е најбрз начин, раскажува германскиот архитект Норберт Шварцер.

Тој ги надгледува завршните градежни работи. Деновиве веќе треба да се вселат првите бегалци. Од летоска се работи под полна пареа на овој проект, откако германската канцеларка лично му вети на украинскиот претседател помош за бегалците од војната.

„Во тој момент уште не беше сосем јасно каде ќе биде најголемиот дел од бегалците. Поради тоа мораше да се избере некој многу флексибилен систем, за да може да се реагира на многу големата динамика што ја има бегалската проблематика овде во земјата,“ истакнува архитектот од Друштвото за меѓународна соработка.

Харков е оддалечен помалку од 300 километри од военото подрачје. Во градот владее страв од можно ширење на војната. Но, барем контејнерското село, планирано за тригодишно користење, тогаш би можело брзо да биде преселено.

Игор Техеров, заменик--градоначалник на Харков, објаснува:

„Ние ова го сметаме за привремено сместувалиште. И, колку побргу се вратат мирот и стабилноста во Доњецк и Луганск и бегалците ќе можат да се вратат, дотолку подобро. Поради тоа ние не зборуваме дека луѓето тука ќе треба да живеат најмалку три години. Ние сакаме војната да престане и луѓето да можат да си се вратат назад во своите домови.“

Ukraine Krise Zentrum für Flüchtlinge in Saporischschja
Фотографија: DW/O. Wesnjanka

Во меѓувреме во Харков се сместени поеќе од 100 илјади бегалци. Околу 400 се во овој годишно одморски камп уште од советско време, меѓу нив е и Лена Трифова.

Доброволци донираат јадење за бегалците и предмети за топлење за зимава.

Лена Трифова потекнува од околината на завојуваниот град Доњецк. Кога започна војната, таа беше бремена. Пред еден ипол месец овде во Харков го роди синот.

Таа нема намера наскоро да се враќа:

„Овде барем никој не не гони. Ова се многу добри луѓе, имаат разбирање за сите и секого го примаат. Овде никој не вели: Ти смееш да дојдеш, а ти не. Засега остануваме овде.“

Кампот во времето на Советскиот Сојуз беше наменет за годишен одмор. Пред две години го купија Оксана и Володимир Рошков. Градежните претприемачи сакаа да го претворат во модерен парк за одмор за деца.

Но, тогаш дојде војната , а потоа и првите бегалци.

„Додека трае војната гледаме да им помогнеме, барем додека имаме пари. Не си поставуваме никаков рок. Се разбира, се надеваме дека војната бргу ќе заврши и деца ќе доаѓаат овде на одмор, па ние тогаш ќе заработуваме пари. Но, ако војната потрае година или две... Што може тогаш да се прави?“

Најголем дел од бегалците наскоро ќе добијат ново сместувалиште, а и нова работа.

Најлошото се сеќавањата на војната и чувството дека веќе не си вистински дома, вели Људмила Кривокоњева.

„Се надевам на најдоброто, дека се’ ќе се среди, дека некако ќе постигнат согласност. Сакам да си одам дома. Таму е сепак подобро, отколку да си постојано на гости. Се надевам дека ќе биде подобро.“

Људмила би се вратила дури кога повторно во родниот Луганск ќе владее мир. Конечно, нејзините деца многу истрпеа.

Но, во меѓувреме, таа се надева дека наскоро ќе живее во новото германско контејнерско село.