1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На планетата сѐ потопло: КОП26 како последна шанса?

СН/агенции
1 ноември 2021

Додека светските лидери се собираат во Глазгов на климатскиот самит КОП26, Светската метеоролошка организација јасно укажува колкави се предизвиците во заштитата на климата: последните седум години биле најтопли досега.

https://p.dw.com/p/42QAT
Климатската конференција на ОН (КОП26) започна вчера во Глазгов
Климатската конференција на ОН (КОП26) започна вчера во ГлазговФотографија: picture alliance/dpa/AP POOL

Седумте години од 2015 до 2021 година веројатно ќе бидат најтоплите забележани досега, соопшти Светската метеоролошка организација (ВМО). 

Во првите 9 месеци годинава, просечната температура била повисока за 1,09 Целзиусови степени во однос на прединдустриската ера. Годинава веројатно ќе биде меѓу петото и седмото место на листата најтопли. Досега најтопла година беше 2016.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека извештајот на ВМО „открива оти планетата се трансформира пред нашите очи“ и дека двонеделната климатска конференција на ОН за климатските промени (КОП26), која вчера беше отворена во Глазгов, мора да биде „пресвртница за човештвото и за планетата“.

Светските лидери започнаа да пристигаат во шкотскиот град Глазгов, на самитот КОП26 кој се смета за последна шанса за спасување на планетата од најразорните последици од климатските промени.

КОП26, кој беше одложен за една година поради пандемијата на Ковид-19, има за цел да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриското ниво - што е граница која, како што тврдат научниците, е неопходна да се избегнат најразорните последици. „Потребно е од Глазгов сигурно да порачаме дека целта од 1,5 степени и натаму е жива“, изјави Алок Шарма, претседател на КОП26. „Веќе имаме глобално загревање од 1,1 процент над прединдустриското ниво“.  „Со 1,5 степени ќе постојат земји во светот кои ќе бидат под вода, и поради тоа ни е потребен договор за начинот на кој ќе ги сузбиеме климатските промени за време на наредната деценија.“

Остварувањето на целта од 1,5 степени, објавено на сите ѕвона во Париз 2015 година, бара засилување на политичкиите и дипломатски напори за да се надоместат недоволната активност и празните ветувања кои главно ја обележаа глобалната климатска политика. Потребно е конференцијата да резултира со амбициозни ветувања за натамошно намалување на емисијата на штетни гасови, со определување милијарди долари за климатските финансии, финализирање на правилата за имплементација на Парискиот договор со едногласно одобренение на речиси 200 држави потписнички.