На Рибарев му пукнал филмот од притисоци?
27 октомври 2017„Ова не се издржува. Доста е“. Не е потврдено дали овие зборови се плод на судско-кулоарски приказни или навистина биле изречени од Стојанче Рибарев, пред да замине на „отворено боледување“ на 20-ти октомври, а само пет дена подоцна и да поднесе оставка на функцијата в.д. претседател на Кривичниот суд. Рибарев е недостапен за разговор со новинари и единствениот податок поврзан со мотивите за неговата оставка е наведен во официјалното соопштение на Судскиот совет.
„Според наводите во известувањето, причините за поднесувањето на оставката се од лична природа“, се наведува во соопштението на Судскиот совет.
В.Д. под притисок
Синтагмата „лични причини“ е премногу општа за да се извлече заклучок за мотивите. Судии во Кривичниот суд велат дека под лични причини спаѓаат цел сет други, кои не исклучуваат лично професионално незадоволство од состојбите. Токму во овој сегмент дел од нив ја лоцираат вистинската причина за оставката на Рибарев. Според нив, тој бил под притисок и жестоки критики поради тоа што дозволил увид во судската документација и компјутерска опрема, односно што бил кооперативен во предистражна постапка од страна на СЈО во однос на функционирањето на АКМИС-системот за електронска распределба на судски предмети. Истиот ден СЈО изврши претрес во канцеларијата на судијата Владимир Панчевски, во рамки на предистражна постапка за случај поврзан со издавање службени податоци.
Според судски извори, врз Рибарев притисок имало „од надвор“ - од лица засегнати со истрагите на СЈО, но и од нивни експоненти „внатре“, во Судот. Рибарев, од само за него познати причини, во овој момент е недостапен да ги потврди или демантира ваквите наводи. На жешкото столче во Кривичниот суд тој седна на 14 март годинава, а заминува по седум месеци. На позицијата в.д. претседател може да се остане најмногу до една година.
Тој е вториот в.д. претседател кој ја напушта раководната позиција во Основниот суд Скопје 1. Претходно тоа го стори судијката Татјана Михајлова. Таа стана в.д. претседател на Кривичниот суд на 5-ти декември, откако му истече мандатот на дотогашниот претседател Владимир Панчевски. Оставка си даде на 7 март, по три месеци од стапувањето на таа функција. Иако причините за оставката не беа обелоденети, тој чин беше протолкуван како нејзин револт поради тоа што Врховниот суд прифати жалби на седум од осумте судии кои се жалеа на годишниот распоред што го изготви токму Михајлова.
Се чека Извештајот за АКМИС-системот
Оставката на Рибарев е уште едно камче во сложениот и компликуван мозаик кој сега ги одразува состојбите во судството, а може да биде почеток за расплетот кој ќе го демаскира и детронизира политички контролираното судство. Вториот сегмент од кој се очекува да бидат иницирани агенси на промени, е Извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда, која во изминатиот период ги испитуваше сомневањата за злоупотреби во АКМИС-системот при распределбата на судски предмети во Кривичниот суд.
„Ние понудивме соработка и веќе предложивме свој член - информатичар во работната група. Сакаме да бидеме кооперативни и веќе рековме дека ќе ја дадеме на увид базата од податоци“, изјави тогаш Рибарев.
Работната група заврши со увидот во Кривичниот суд, кој бил фокусиран на употребата на системот во 2016 и 2017 година, во периодот во кој претседателствуваа Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев. Извештајот од увидот е доставен до Министерството за правда, но сѐ уште не е презентиран пред јавноста. По увидот, од Работната група првично и неофицијално посочија дека имало злоупотреби на системот. Работната група ќе прави увид и во Апелациониот суд, од каде најавуваат дека уште од денеска се отворени за таква проверка. По Апелациониот, проверка ќе следи и во Врховниот суд.
Во наредните денови се очекува да завршат и вештачењата на компјутерите што ги одзеде СЈО при претрес во рамки на предистражна постапка, со цел да се утврди дали од Кривичниот суд протекувале службени податоци поврзани со предмети на ова обвинителство. Вештачењето треба да покаже дали се оправдани сомневањата дека од почетокот на 2016 година сѐ до денес биле издавани тајни службени податоци поврзани со предмети на СЈО и дали зад тоа стои едно лице или поголема судска мрежа.