Нелогичниот попуст за бензин во Германија
4 јуни 2022Минатата среда, кога беше празник и за многумина продолжен викенд, сообраќајната служба на Северна Рајна Вестфалија јави за 400 километри застој на патиштата. Тоа веќе личи на нов рекорд. Како човек кој претежно користи велосипед се чудев дека и покрај цената на горивото од преку две евра за литар очигледно никому не му е грижа за тоа.
Цената на бензинот од секогаш била светост за Германците. Ако надминела критична вредност (како на пример споменатите две евра) насловите биле преплавувани со темата и имало отпор во невидени рамки. Но, ете ти продолжен викенд и целиот бес како одеднаш да се заборави. Семејството сепак мора некако да стаса до баба и дедо.
Теориски, семејството може да си купи и билет од девет евра (кога ќе сака следен пат да ја посети баба, ако таа живее во место до кое се стигнува со регионалната железничка линија).
И тој билет е дел од пакетот на сојузната влада за олеснувања во штедењето на енергенси. Исто како и попустот на бензинските пумпи, и оваа мерка важи три месеца. Но, во основа добрата идеја да ги мотивираат луѓето да користат повеќе трамваи или возови, се руши со сосем бесмислениот попуст на бензинските пумпи.
Попустот на бензинот нема поента
Токму Либералите кои се дефинираат како чувари на пазарното општество и вообичаено од интервенции на државата бегаат како ѓавол од темјан, го измислија и го истуркаа покрај Зелените и Социјалдемократите. Истовремено претседателот на партијата, Кристијан Линднер, патем министер за финансии, се труди да објасни дека ова било само еден голем исклучок и дека вакви стимулирачки пакети всушност ја поттикнуваа инфлацијата и дека треба да им се стави крај.
Која е смислата на попустот за гориво?
Политиката всушност сака да го поскапе бензинот за помалку луѓе да користат автомобили. Затоа на почетокот на 2021 година беше воведен данок за јаглероден диоксид со цел да се поскапи користењето фосилни енергенси. Секако дека тогаш никој не планираше оти светот ќе се движи во правец на војна во Европа, која ја води енергетска сила како Русија.
Руската агресија во Украина секако не е единствената причина за растечките цени на енергенсите. Веќе со месеци цените на нафтата и гасот имаат нагорен тренд. Тоа е поврзано и со пандемијата на коронавирус и засилената побарувачка, бидејќи светската економија по корона шокот почна во сите делови од светот речиси истовремено да се опоравува.
И победникот е.....
Но, да се навлекуваат луѓето на бензинските пумпи со тоа што за период од три месеци се заобиколуваат правилата на пазарната економија, е популизам. Како да ù се верува на владата дека е загрижена за заштита на климата, ако цената на енергенсите и натаму продолжи да расте? Тогаш трите милијарди евра кои се потрошија за оваа мерка ќе беше подобро да се вложат за јавниот превоз на кратки релации да биде комплетно бесплатен. Интересот за таквиот билет е голем - уште на самиот почеток во средата беа продадени преку седум милиони билети.
Ама не може сериозно да се сфати мерката со која даночните обврзници, кои заработуваат помалку, сега фактички го субвенционираат горивото на побогатите сограѓани кои возат џипови. Ако веќе треба да има ваучери на бензинските, тогаш нека има социјален критериум, а не да се дава „кому иде”.
На крај секако се знае кои се победниците: концерните за минерални масла. Тие и со сегашните цени имаат дебела заработка (според актуелните бројки на Гринпис -107 милиони евра на ден) и за следниот годишен биланс може да си спремат куфери за пари. Енергијата во која и да е форма, ќе остане во догледно време скапа. Кој ќе ги мами луѓето со попусти на бензинските пумпи, не смее подоцна да се жали на цените.