Нема да има задолжителна вакцинација во Германија
7 април 2022Предлог законот со кој се предвидуваше обврска за вакцинирање на лицата над 60 години денеска (7.04) не го доби потребното мнозинство гласови во Бундестагот. Пратениците гласаа поединечно, а „за“ предлог законот се изјаснија само 296-мина. Против беа 378 пратеници, додека деветмина беа воздржани.
За општа обврска за вакцинирање се изјасни и канцеларот Олаф Шолц (СПД). Поради очигледните разлики во мислењата, владеачката коалиција на СПД, ФДП и Зелените не поднесе владин предлог. Мнозинството пратеници од овие три партии поднесоа компромисен предлог, кој предвидуваше задолжителна вакцинација за лицата над 60 години. Овој предлог не помина на седницата на Бундестагот.
Инаку, на гласање во парламентот се најдоа неколку предлози. Членовите на Унијата бараат закон за превенција со вакцинација. Два други предлога беа против задолжителна вакцинација. Против обврска за вакцинирање се изјаснуваат пратеници од различни пратенички групи. Тие сакаат зголемување на свеста за вакцинирање преку поголемо информирање. АфД имаше свој предлог насочен против задолжително вакцинирање.
Во моментов, најмалку 63,2 милиони Германци, или 76% од населението, има примено две вакцини против Ковид. Но, сега вакцинирањето е речиси запрено. Од средината на март почна да важи обврската за вакцинирање на вработените во здравството и институциите за нега.